Од калкулациите на РКЕ зависи дали повторни ќе има евтина дневна тарифа за струјата

Дали тоа ќе се случи, тоа зависи од калкулациите на РКЕ, бидејќи тие ги прават и работат како независно тело од Владата. 

Обновливите извори на енергија, од кои најголем дел се фотоволтаици произведуваат најмногу во дневните часови кога има сонце и тоа овозможува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) да направи калкулации коишто ќе обезбедат враќање на дневната евтина тарифа на струја, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Дали тоа ќе се случи, тоа зависи од калкулациите на РКЕ, бидејќи тие ги прават и работат како независно тело од Владата. Имајќи ги предвид сите елементи на финалната цена на струја, ние како Влада продолжуваме со субвенционирање на цената на електрична енергија за да нема ценовен шок за граѓаните. Веќе во Буџетот се обезбедени финансиските средства во делот на антикризните мерки за оваа година во износ од 250 милиони евра и штом ќе ги има калкулациите РКЕ тогаш ќе можеме врз основа на тоа што го направиле и врз основа на факти да разговараме дали ќе има дневна евтина тарифа, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на клиничкиот центар во Скопје.

Потсети дека производството на АД ЕСМ од капацитетите кои произведуваат електрична енергија од јаглен и мазут е зголемено за 44 проценти во однос на претходниот период.

-Тоа овозможува да имаме електрична енергија без никакви рестрикции што се потврди дека е така. Второ, да имаме електрична енергија по цена која што е најниска во регионот, бидејќи немаше никакво покачување на цената на електрична енергија и дополнително што државата во минатата година има инсталирано 210 мегавати обновливи извори на енергија, потенцира Ковачевски.

Нагласи дека АД ЕСМ во текот на февруари го имаше рекорден месец и ден за производство на електрична енергија при што дури 22.000 мегават часови електрична енергија беа произведени во еден ден.

-Тоа се нема случено во декади наназад. Зошто? Бидејќи беа направени сите потребни ремонти во РЕК Битола, третиот блок беше ставен во употреба, РЕК Осломеј се стави во целосна употреба, а порано не ни произведуваше и во ТЕЦ Неготино беа направени сите ремонти и се стави во употреба. Благодарение на добрите односи што ги имаме со соседите, а тоа е набавка на суровини за производство на електрична енергија и не затворање на трансграничните капацитети за транспорт на електрична енергија обезбедивме да имаме успешно справување со енергетската криза и така се подготвуваме и за идната година, појасни Ковачевски.

Прашан дали се готови анализите за враќањето на ДДВ-то за струјата од сегашните 10 проценти на 18 проценти, Ковачевски рече дека се уште се прават калкулации и додаде дека од нив ќе зависи дали ќе има зголемување на ДДВ-то или ќе остане исто за да нема зголемување на крајната цена на струјата што ја плаќаат граѓаните.

-ДДВ-то е изворен приход на буџетот и ние го намаливме за струјата со цел да нема ценовен шок за граѓаните. Тоа беше намалено од 18 на 5 проценти, потоа од 18 на 10 проценти и не се качи цената на електричната енергија. Истовремено со зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто што повторно е пониско од вообичаените 18 отсто, зголемувајќи го производството на електрична енергија обезбедивме да има иста цена на струјата. Сега се зема во предвид и нормалната стапка на ДДВ, зголеменото производство на електрична енергија, зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и доколку калкулациите покажат дека финалната цена со вклучен ДДВ може да остане иста, тогаш Министерството за финансии, ЕСМ и другите ресорни економски министерства ќе можат заедно да донесат одлука во однос на тоа дали е потребно се уште да е држи на 10 проценти ДДВ-то или може да биде на нормална ставка од 18 проценти, а да нема зголемување на цената на електрична енергија за граѓаните, потенцира Ковачевски.

Видео: „Мона Лиза“ рапува со помош на вештачка интелигенција

„Мајкрософт“ ја претстави новата технологија со вештачка интелигенција наречена „ВАСА-1“, што може да сними фотографија и аудиоисечок и да ги комбинира во реалистична видеоснимка.

За почеток, технолошкиот гигант претстави видео на кое „Мона Лиза“ на ренесансниот уметник Леонардо да Винчи „ја рапува“ песната „Paparazzi“... Но, овде не се работи за хитот на Лејди Гага, туку рап-верзијата што Ен Хатавеј ја изведе во „Емисијата на Конан О'Брајан“ во 2011 година.

„Ова е толку смешно, плачам од смеење“, „Само Да Винчи да можеше да го види ова“, „Уште едно страшно видео со вештачка интелигенција“, „Ова е морничаво“ - се дел од коментарите.

Видеото набрзо собра над 7,1 милиони прегледи на само еден профил на „X“.

Мадуро размислува повторно да се отвори Канцеларијата на ОН за човекови права во Венецуела

Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права, откако претходно, во февруари, венецуелската Влада побара од вработените во Канцеларијата да ја напуштат земјата во февруари.

-Добив предлог за повторно отворање на Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права во Венецуела и се согласувам дека треба да ги надминеме нашите разлики, изјави Мадуро за венецуелската национална телевизија, за време на заедничкиот говор со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан.

Мадуро додаде дека е подготвен наскоро да се сретне со Фолкер Тирк и дека претставникот на Канцеларијата е добредојден да дојде на разговори за разликите што ги имаат и начините за надминување на конфликтот што произлезе.

Откако кон средината на февруари од персоналот на Канцеларијата за човекови права на ОН беше побарано да ја напушти Венецуела, владата најави дека во рок од еден месец ќе ги ревидира техничките услови за соработката.

Венецуелската влада потоа го критикуваше „колонијалистичкиот, навредлив и насилен однос“ на ОН, откако специјалниот известувач рече дека венецуелската програма за храна не се занимава со основните причини за гладта во земјата, потсетуваат британските медиуми. /МИА

Рускиот свештеник кој држеше опело за Навални отстранет од црквата на три години

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

Рускиот православен свештеник кој во март одржа комеморација во спомен на починатиот руски опозициски лидер, Алексеј Навални е суспендиран на три години од извршувањето на неговите духовни должности, соопшти Московската епархија на Руската православна црква, цитирана од британските медиуми.

Во соопштението, кое беше објавено вчера на веб-страницата на епархијата, не е наведена причината за казната за отец, Дмитриј Сафронов, со која му се одзема правото да дава благослов и да носи расо и свештенички крст до 2027 година.

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

-По истекот на периодот на покајание (казна - забелешка изд.), врз основа на повратните информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука дали е можно тој да продолжи со свештеничката служба, наведуваат од епархијата.

На 26 март, Сафронов одржа комеморација на која присуствуваа илјадници луѓе за Навални, кој беше најжесток критичар на руската територија на претседателот Владимир Путин и кој почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот. /МИА

притисни ентер