Но освен десетината обвинители бонуси земале и луѓе кои не се јавнообвинителски службеници. Па така, во базата “Отворени Финансии” меѓу останатите е и примерот со возачот на Јанева кој надвор од редовната плата зел додатоци од 30.000 евра. Врз кој основ поранешната обвинителка ги распределувала парите ќе треба да покаже истрагата која ја води редовното обвинителство. Според професорот Гордан Калајџиев, Јанева бонусите ги делела без правилник.
Сумите по обвинител се движеле од 70.000 до 107.000 евра, покажуваат податоците. Па така, поранешната обвинителка и шефица на оваа институција Катица Јанева сама на себе си доделила 157.000 евра.
Педесет илјади евра помалку, односно 107.000 зеле првата заменичка на Јанева обвинителката Елизабета Јосифовска и обвинителот Стевчо Донев.
Обвинителката Лиле Стефанова, која го застапува случајот “Империја” зела надоместоци од 93.000 евра. Три илјади евра помалку од Стефанова земал нејзиниот колега Бурим Рустеми.
Од 2015-та до годинава обвинителката Фатиме Фетаи земала 87.000 евра надвор од редовната , а исто толку му биле доделени и на обвинителот Љубомир Лапе.
Специјалниот обвинител Артан Ајро, кој сега е во скопското обвинителство зел 86.000 евра, исто толку му биле доделени на обвинителот Гаврил Бубевски, како и на Трајче Пеливанов.
Најмалку од сите, односно 84.000 евра добила обвинителката Ленче Ристоска.
Делењето на бонусите денеска предизвика и жестока дебата на собраниската седница за пратенички прашања.
Меѓу останатите, според базата сегашниот директор на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми кој додека работел во СЈО како истражител добил 26.000 евра, а командантoт на “Алфите” Примислав Димовски како истражител зел 39.000 евра. Тој прв јавно изрази подготвеност да ги врати парите доколку се утврди дека тие се делеле незаконски.