ОБСЕ/ОДИХР го објави периодичниот извештај за изборите

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР денеска го објави периодичниот извештај од мониторирањето во периодот од 10 до 26 март за претседателските и предвремените парламентарни избори закажани за 13 и 27 април.

Во извршното резиме на извештајот се наведува дека по несогласувањето помеѓу двете партии во владејачката коалиција околу прашањето за номинирање на консензуален претседателски кандидат, Парламентот се распушти на 5 март, а предвремените парламентарни избори беа закажани за 27 април.

„Измените на Изборниот законик од јануари претставуваат напор да се одговори на најголем дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сепак, голем број на прашања кои се предмет на загриженост остануваат неодговорени, вклучувајќи го и прашањето на нееднаквост на гласовите од гласањето во земјата и во странство, нееднаквост на мандатите на парламентарните избори во странство, и условот за обезбедување на најмалку 40 отсто излезност во вториот круг на претседателските избори“, се наведува во текстот.

Изборната администрација на три нивоа, предводена од Државната изборна комисија (ДИК), како што се посочува, до моментот генерално ги има запазено сите законски рокови.

„Седниците на ДИК на кои присуствуваше МНИ на ОБСЕ/ОДИХР, беа спроведени на професионален начин, а записниците од секоја седница беа објавени на веб - страната на ДИК. На неколку наврати, членовите гласаа по партиска линија, што резултираше со тензии“, стои во извештајот.

Од набљудувачката мисија наведуваат дека кандидатите за избор на претседател на Републиката започнаа да ги промовираат своите кандидатури во текот на нивните посети низ земјата пред започнување на кампањата. „ДИК разгледа два приговори доставени од страна на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во кои имаше наводи за предвремено започнување на изборната кампања. ДИК го прифати првиот приговор, а вториот го отфрли“.

Во Извештајот се наведува дека почетокот на кампањата беше обележан со реторика на етничка поделеност. „Премиерот ги повика етничките Македонци да му осигураат чисто мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ од 62 мандати со цел да се избегне притисокот од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ), додека пак лидерот на ДУИ ги повика етничките Албанци да и помогнат на партијата да обезбеди 25 мандати со цел да може да има поголемо влијание во владата“.

Согласно Изборниот законик, пишува во периодичниот извештај, радиодифузерите се обврзани да ја покриваат кампањата на правичен, избалансиран и непристрасен начин. “Сите кандидати за претседател на Републиката имаат право на медиумско претставување согласно принципот на еднаквост, додека пак кандидатите во парламентарната изборна трка се покриени согласно принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници. Новите одредби од законикот предвидуваат детални барања за јавниот радиодифузен сервис, односно за Македонската радио и телевизија, за обезбедување на покривање на изборите во текот на изборната кампања“./МИА

Повици за единство до опозицијата повторно испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повторно со повик за обединување до македонската опозиција. 

По митингот во Охрид, вчера и од Крива Паланка, се обрати до дел од опозициските партии ЗНАМ и Левица и ги повика на национално единство за борба против СДСМ и ДУИ. Прифаќањето на подадената рака, според него, ќе значи искрена и чесна борба за иднината на Македонија.

- Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, потенцираше Мицкоски.

Повиците на Мицкоски за македонско единство ги искоментира и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски на синоќешниот митинг во Струга. Според него на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, за да оди напред, наместо за мораториум.

- Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што треба да ја донесете на овие избори, изјави Ковачевски.

Претходно, лидерот на ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитриевски изјави дека позитивно гледа на повикот од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но вели, можни разговори за идна влада ќе бидат условени со дефинирани црвени линии за Македонија. Димитриевски повтори дека не планира да коалицира со СДСМ.

Сепак, дел од аналитичарите во понудите за национално единство гледаат политички пинг понг на митинзи и предизборна реторика за глас повеќе, отколку за некаква заедничка стратегија по изборите.

- Повеќе сум склон да верувам дека сегашната реторика и повиците за обединување и одговорите од партиите се дел од предизборната реторика. Ние сме во период со високи емоции, со потреба за освојување на глас повеќе и тоа треба да се гледа низ таа призма. Точно е во политичка смисла дека после изборите ќе треба поголемите партии да седнат и да направат некаква заедничка визија, не само за уставните измени и патот кон ЕУ, туку и за оние проблеми кои долго ја мачат државата. Криминал и корупција, здравство, образование... тоа се проблеми кои надминуваат еден мандат и не може само една партија да ги реши. Но, не верувам дека сега партиите одбивањето или прифаќањето за понудите за национален консензус се предмет на некој поопсежна политичка анализа, оценува Петар Арсовски за Канал 5.

Во меѓувреме партиите продолжуваат со презентација на изборните програми. Во истовреме продолжува и кампањата за претседателските избори на неполна недела до првиот круг за избор на шеф на државата.

Тошковски: Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија, обрасците се во магацинот на МВР

Изјава на министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски.

Тошковски вели дека 30.000 обрасци за патни исправи се пристигнати и дека се наоѓаат во магацинот на МВР. Тој додаде дека Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија за да ги види обрасците.

Министерот за проблемот со долгото чекање за издавање на пасоши го обвини претходниот менаџмент на МВР, бидејќи, како што вели, не успеале да набават дополнителни машини за печатење.

На 100 илјади граѓани сѐ уште чекаат пасош иако се фотографирале пред неколку месеци

Околу 100 илјади граѓани се уште не ги добиле пасошите иако се фотографирале и пред неколку месеци.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни Бојмацалиев дел од вината за ваквата ситуација ја префрла на министерот Тошковски и вели дека очекува темпото на издавање на личните документи да се нормализира по изборите.

-Според последните сознанија кои ги имам, над 100 илјади граѓани ги немаат добиено своите пасоши во законскиот рок. Не е само да ги сликаме граѓаните, да им ги земеме парите а да не им ги дадеме пасошите, граѓаните чекаат негде и два и пол месеци за одредени документи за кои уредно си платиле и се сликале. – Митко Бојмацалиев – Дополнитеен заменик министер за внатрешни работи

Гужвите пред пунктовите на МВР периодов значително се намалени за разлика од претходно иако собранието во март ги изгласа измените на изборниот законик со кои може да се гласа со важечки документ со старото уставно име. Сепак проблем се јавува кај граѓани кои со месеци чекаат да подигнат нова лична карта или пасош а во меѓувреме останале без важечки документ. Од канцеларијата на Народниот правобранител за Канал 5 велат дека добиле неколку такви претставки и следната недела најверојатно ќе излезат со предл решение за ваквата ситуација.

-Има претставки на луѓе кои се жалат дека им е истечена личната карта, дека им е блокирана сметката во банка и дека не можат да си ги подигнат средствата, меѓутоа бројот не е голем. Затоа за да се превенира ситуацијата и да не дојде голем број луѓе да заглават, бараме решение заедно со другите надлежни институции.- Народен правобранител

Инаку околу спроведувањето на изборниот процес подготовки се прават и во МВР. Во зависност од безбедносните проценки не е исклучена можноста и од засилено полициско присуство на места од висок ризик.

-На одредени места каде што ќе се процени дека треба да има зајакнато полициско обезбедување, дека треба од одделот за специјална полиција да има полиција и тоа ќе го направиме. Затоа овој период ги собиравме сите потребни информации, да знаеме на денот на гласањето како да се поставиме на избирачките места и во градовите. – Митко Бојмацалиев – Дополнитеен заменик министер за внатрешни работи

Оперативниот штаб за полициското постапување за време на изборниот процес веќе фукционира и е сместен во рамки на Бирото за јавна безбедност.

притисни ентер