Обраќање на Џафери на Состанокот на спикери на парламенти од земјите на Западен Балкан

 “Улогата на парламентите во враќањето на довербата во ЕУ“.

Во продолжение интегралниот текст од обраќањето на претседателот на собранието на РМ, Талат Џафери:

Почитуван Претседател на Државниот збор на Словенија, г. Зорчич,

Почитувани колеги,

Дами и господа,

Дозволете да изразам благодарност до нашиот домаќин за одржувањето на овој состанок во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија и до Република Словенија, која континуирано е наш силен подржувач во напорите за членство во Европската унија и да посакам успешна работа на актуелното и на идното, француско претседателство.

Убеден сум дека и на денешниот состанок ќе ги потврдиме заложбите на кои заеднички се обврзавме при нашата последна средба на Самитот организиран од Претседателот Сасоли, дека ќе работиме посветено на зајакнувањето и унапредувањето на нашите парламентарни демократии и нашата улога како институции за инклузивен меѓупартиски дијалог, на градењето консензус за клучните европски реформи и ќе придонесеме во помирувањето, мирот и стабилноста во регионот.

Свесни сме дека Европската унија во моментов се соочува со многу предизвици поврзани со реформирањето на институциите и идното функционирање, кои треба да ја направат посилна, поконкурентна и побезбедна во глобалниот свет. Дел од тоа е и процесот на проширување со новата методологија, која се очекува да придонесе за поефективен процес на преговори, во кој ние како земји кандидати континуирано ќе бидеме отчетни за постигнатите резултати на високо ниво, а земјите членки би имале аргумент повеќе пред својата домашна јавност да го бранат ставот за потребата од идни проширувања со нови земји членки, затоа што сме свесни дека има поделени мислења по тоа прашање.

Како земја, веќе се изјаснивме во однос на методологијата за која сметаме дека ќе даде поголема политичка димензија на процесот, ќе го направи подинамичен, попредвидлив и поверодостоен и ќе има поголем кредибилитет, се разбира, доколку го почитува системот на заслуги и на исполнување на ветувањата дадени од европска страна до земјите кандидати за спроведените реформи. Во тој контекст и со таа верба, во изминативе неколку години направивме серија реформи во делот на владеењето на правото, правосудството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, безбедносниот сектор и слободата на медиумите. Го надминавме долгогодишниот спор со Република Грција а претходно го потпишавме и Договорот со Република Бугарија. Овие државнички чекори немаше да бидат реалност, доколку немаше конструктивност и политички дијалог во Собранието, затоа што голем дел од потребните законски решенија налагаа обезбедување на двотретинско мнозинство. Сите парламентарни партии се обединија во нивното донесување, свесни за тежината и одговорноста што ја преземаат врз себе, меѓутоа, убедени дека на тој начин ја спроведуваат волјата на нашите граѓани, т.е. исполнување на реформите за влегување во следната фаза од процесот на интеграции, почетокот на преговорите до полноправното членство во Европската унија.

За жал, во моментов, новонаметнатиот спор со Република Бугарија, како политичари не става во незавидна позиција да бараме разумно објаснување за граѓаните дека има ново барање, кое не беше дел од претходните барања за одредување на датум за почеток на преговори, на кои посветено и неуморно работевме заради ветувањето дека по нивната реализација, ќе следи долгоочекуваниот датум за преговори. Вложуваме максимални напори, но со оглед на фактот што последните анкети и нашите директни контакти со граѓаните се обоени со голема доза на разочараност и неверување дека овој процес некогаш ќе има успешна завршница и дека постојано ќе има нови барања, ентузијазмот и кај граѓаните и кај политичарите може да спласне.

Почитувани пријатели,

Отворените прашања се решаваат само со взаемна доверба, меѓусебен дијалог, разбирање и почитување. Искрено ги поздравуваме напорите на претходното претседателство за поставување одредени основи врз кои може да се продолжи со надминување на проблемот, исто така и на словенечкото претседателство. Јасно е дека, разрешницата на овој проблем ќе се одрази на решавањето и на останатите отворени прашања во регионот и затоа, ако долгорочната европска перспектива на регионот е заедничка крајна цел на сите засегнати страни, потребна е исклучителна и сестрана дипломатија, тактичност и прагматичност. Воедно, се надеваме на што поскоро надминување на политичката криза во Бугарија. Како земја, продолжуваме со процесот на реформи со новата Агенда „Европа дома“, за да ги воспоставиме европските вредности и стандарди дома, во нашите институции и општество, за да го подобриме и олесниме животот на нашите граѓани. Законодавниот дом, како и досега, ќе продолжи со разгледување и усвојување на превиденото законодавство за реформи, водејќи сметка за унапредување на транспарентноста и отчетноста на Собранието со поголема вклученост на граѓанскиот сектор, сепак, имаме потреба од позитивен импулс во овој процес, особено за решенијата кои не секогаш се популарни за јавноста, кои би се прифатиле полесно доколку идното членство во Европската унија би било очигледен и природен резултат.

Драги пријатели,

Верувам дека пораката од неодамна одржаниот Форум на Преспа дијалогот во Охрид дека „Западниот Балкан е делот што и недостига на обединета Европа“ ќе биде ѕвезда водилка која ќе води до комплетирање на мозаикот.

Ви благодарам на вниманието!

КАБИНЕТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

МНР ќе упати порака за претпазливост до македонските државјани во Израел

Нема нови пријави од наши граѓани кои се наоѓаат во Израел и во регионот на Блискиот исток за евентуална евакуација, изјави денеска шефот на димплатијата Бујар Османи

-Во моментов немаме нови барања. Постојано ја следиме состојбата. Утринава повторно имав разговор со нашиот амбасадор во Израел. Имало некои информации дека во текот на ноќта Израел го има нападнато Иран, меѓутоа се уште не се потврдени и затоа не ве информирав по тоа прашање.Меѓутоа тоа се информаците од утринскиот разговор што го имав со нашиот амбасадор, но немаме барање ниту преку СОС телефонот ниту преку нашата Амбасада за евакуација, рече Османи на новинарско прашање по изјавата во Стопанската комора на Македонија каде беше во рамки на изборните активности како претседателски кандидат.

Тој посочи дека САД денеска има препорака до нивните граѓани да не го напуштаат Тел Авив и главните центри на Израел поради можни напади. Најави дека денеска и нашето МНР ќе упати порака за претпазливост до нашите државјани таму.

-Во текот на денот и ние ќе ги информираме нашите граѓани иако постојано сме во комуникација со тие што се таму, вели Османи.

Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил одмазднички напад врз цели во Иран.

По нападите од саботата на Иран врз Израел во МНР беше формиран Кризен штаб чија примарна задача е да организира извлекување на македонските државјани од Израел и од поширокиот Блиски Исток доколку за тоа има потреба. На почетокот од седмицата МНР информира дека само еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел по повикот упатен до наши државјани кои во моментов се наоѓаат во таа земја и поширокиот регион на Блискиот.

Се проценува дека околу 50 македонски државјани се наоѓаат во Израел. Кризниот штаб нема конкретна бројка на македонски државјани кои се наоѓаат во околните земји, а единствениот начин да се дојде до тоа е преку нивно пријавување во нашите амбасади. Османи на почетокот од неделава им препорача на нашите граѓани кои се во тој регион да се пријават во Амбасада, да остават телефонски броеви, доколку се влоши ситуацијата да можат да бидат контактирани.

Покрај Амбасадата во Тел Авив на нашите граѓани на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар. Сите државјани кои се наоѓаат во посочениот регион можат да стапат во комуникација со нашата Амбасада во Тел Авив на дежурниот телефон 972 549 267 378 како и СОС дежурните телефони на МНР 075 273 732 и 075 268 376 со цел подготовки за евентуална евакуација.

Меѓународни реакции по објавениот напад на Израел врз иранската провинција Исфахан

Меѓународните реакции по објавениот напад на Израел врз иранската провинција Исфахан, каде што има воени бази и нуклеарни капацитети:

„Кина се спротивставува на какви било активности кои дополнително ги ескалираат тензиите и ќе продолжи да игра конструктивна улога за деескалација на ситуацијата“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џијан.

„МААЕ може да потврди дека нема штета на иранските нуклеарни локации. Генералниот директор Рафаел Гроси продолжува да повикува на екстремна воздржаност од сите и повторува дека нуклеарните капацитети никогаш не треба да бидат цел во воени конфликти. МААЕ ја следи ситуацијата многу внимателно“, објави МААЕ на „Икс“.

„Оман ја следи континуираната тензија во регионот и го осудува израелскиот напад утринава врз Исфахан“, соопшти Министерството за надворешни работи, додавајќи дека исто така „ги осудува и ги осудува повторените воени напади на Израел во регионот.

„Оман уште еднаш апелира до меѓународната заедница да ги реши причините и корените на тензиите и конфликтите преку дијалог, дипломатија и политички решенија и да се фокусира на напорите за прекин на огнот во Газа и да прибегне кон меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации за да се постигне праведен и траен решение за палестинското прашање“, посочуваат од Министерството.

„Мораме да направиме се што е можно (за да се воздржат сите страни од ескалацијата во тој регион... Апсолутно е неопходно регионот да остане стабилен и сите страни да се воздржат од понатамошни дејствија“, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Го осудивме непромислениот и опасен налет на ракети на Иран против Израел во саботата и Израел апсолутно има право на самоодбрана. Но, како што му реков на премиерот Нетанјаху кога разговарав со него (оваа недела) и генерално, значителна ескалација е не е во ничиј интерес, она што сакаме да го видиме е да преовладуваат мирни глави низ регионот“, рече премиерот на Велика Британија, Риши Сунак.

„Ги повикуваме сите да бидат претпазливи за да се избегне ескалација“, изјави министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани за вестите на РАИ, од Капри, каде Италија е домаќин на состанокот на министрите за надворешни работи од Г7.

„Ова е нешто што ние од Владата го сфаќаме многу сериозно и внимателно го следиме. Мора да се стави крај на размената на удари и ескалацијата“, рече министерот за надворешни работи на Шведска,Тобијас Билстром. /МИА

Герапетритис: Грција нема да го поддржи барањето на Косово за членство во Советот на Европа

Паралелно посочи дека „Грција во надворешната политика останува принципиелна“ .

Грција ќе апстинира од гласањето, односно нема да го поддржи барањето на Косово за членство во Советот на Европа од политички причини, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервјуто за општинското радио од Пиреас „Канал 1“, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција во однос на процесот за членство на Косово во Советот на Европа објасни дена постојат три нивоа од кои првите две се необврзувачки, односно мислењето на надлежната комисија на Парламентарното собрание и гласањето на пратениците од ПС, кои излегоа со позитивен став.

-Но, овие две мислења се необврзувачки. Клучен орган, орган што носи одлуки за членство на Косово во СЕ е Советот на министри што ќе одржи состанок на 16 мај и ќе одлучи суверено. Независно од позициите што беа изразени, како на ниво на извештајот на Комисијата, така и на Парламентарното собрание во кое членуваат пратеници и не станува збор за влади на земјите-членки, позицијата на Грција останува цврста и непроменета. Како што сторивме и во минатото во слични случаи, Грција ќе апстинира од ова гласање, односно нема да го поддржи барањето за членство на Косово во Советот на Европа од политички причини, истакна Герапетритис.

Објасни дека иако еден од условите беше исполнет, сепак „не се исполнети некои од основните барање, како што е формирањето на Заедницата на српските општини во Косово и според тоа не е сменета суштинската политика на Грција“.

Паралелно посочи дека „Грција во надворешната политика останува принципиелна“ и истакна дека го охрабруваат дијалогот Приштина – Белград, сакаат мирно решавање на разликите, но сè зависи од волјата на инволвираните страни.

Во вторникот, Парламентарното собрание на Советот на Европа, со 131 глас „за“ го усвои извештајот на известувачката на СЕ за Косово, Дора Бакојани за членство на Косово во организацијата, а конечната одлука за членство ќе биде донесена следниот месец по гласањето на министрите за надворешни работи на Советот. /МИА

притисни ентер