Нов Правилник на АСО за зголемена транспарентност при вложување во „Јунит Линкд“ осигурување

Нов Правилник на АСО за зголемена транспарентност при вложување во „Јунит Линкд“ осигурување живот.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги задолжи сите осигурителни компании кои продаваат „Јунит Линкд“ осигурување живот на секој потенцијален осигуреник да му достават документ со клучни информации врз основа на кој ќе одлучи дали да вложи во овој осигурителен производ.

Од АСО денеска соопштија дека станува збор за унифициран документ кој содржи информации за нивото на ризик од можна загуба на вложени средства како и за очекуваната добивка од вложеното. Осигуреникот ќе биде информиран и за условите и последиците од предвремено раскинување на договорот за вложување. Исто така продавачот ќе ги прикаже и сите еднократни, периодични, повторливи, повремени и непредвидени трошоци што треба да ги плати осигуреникот. Воедно продавачот на осигурувањето ќе биде обврзан и да го информира осигуреникот и за правото да поднесе претставка односно приговор до АСО. Тоа, како што укажува АСО, се клучните новини кои ги содржи новиот правилник што го донеле со цел да ја зголеми транспарентноста при вложувања во јунит линкд осигурување живот.

-„Јунит Линкд“ е релативно нова класа на осигурување живот кај која дел од вложените пари се инвестираат во удели на инвестициски фондови. Тоа се вложувања со висок квалитет, но факт е дека цените на уделите се променливи и зависат од движењата на глобалните берзи. Токму заради тоа и ризикот од вложувањето на средствата паѓа на товар на осигуреникот. Токму волатилноста на пазарите на капитал остава простор од ризик осигуреник да загуби дел од уплатените средства при вложување во „Јунит Линкд“ осигурување исто како што постои реална можност за солидно оплодување на вложените средства, велат од АСО.

Официјалните податоци на АСО покажуваат дека само во минатата година биле раскинати 941 договор за „Јунит Линкд“ осигурување живот во период кога вкупно биле склучени 2.726 договори. Дополнително на ова бројот на раскинати договори лани достигна 9 отсто од вкупниот број на активни договори во оваа осигурителна класа кој изнесува 10.628.

-Следејќи ја будно оваа состојба Советот на експерти на АСО одлучи да усвои подзаконски акт што значајно ќе ја зголеми транспарентноста за овој осигурителен производ. Тоа во голема мерка ќе им помогне на сите потенцијални инвеститори при носењето на одлуките за вложување во јунит линкд да го проценат потенцијалниот ризик од ова вложување. Освен горенаведените клучни новини како мерки за подобро информирање на осигурениците новиот правилник предвидува продавачот да истакне дали вложувањата се во денари или во странска валута. Од причина што оваа информација може да влијае врз вредноста на вложувањето преку можни промени на девизниот курс на денарот, посочуават од Агенцијата.

„Јунит Линкд“ е интернационален термин глобално прифатен и користен за овој вид осигурување живот. Значи дека вредноста на вложените средства директно зависи од вложувањата во удели на отворени или затворени инвестициски фондови. Вложувањата во животното осигурување во кое ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот (популарно наречениот „Јунит Линкд“) лани достигнале 383,2 милиони денари (над 6 милиони евра). Тоа е за 27 отсто повеќе од 2020 година.

Правилникот што ја регулира оваа материја е достапен на следниот линк https://aso.mk/wp-content/uploads/2022/05/pravilnik-udeli-vo-investicziski-fondovi-sl-vesnik-109-2022-2.pdf

Политички профил со кандидатката за претседателка – Гордана Силјановска Давкова

Во централните вести во 18 часот денеска ќе го емитуваме профилот на Гордана Силјановска Давкова.

Во продолжение дел од профилот.

Повици за единство до опозицијата повторно испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повторно со повик за обединување до македонската опозиција. 

По митингот во Охрид, вчера и од Крива Паланка, се обрати до дел од опозициските партии ЗНАМ и Левица и ги повика на национално единство за борба против СДСМ и ДУИ. Прифаќањето на подадената рака, според него, ќе значи искрена и чесна борба за иднината на Македонија.

- Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, потенцираше Мицкоски.

Повиците на Мицкоски за македонско единство ги искоментира и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски на синоќешниот митинг во Струга. Според него на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, за да оди напред, наместо за мораториум.

- Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што треба да ја донесете на овие избори, изјави Ковачевски.

Претходно, лидерот на ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитриевски изјави дека позитивно гледа на повикот од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но вели, можни разговори за идна влада ќе бидат условени со дефинирани црвени линии за Македонија. Димитриевски повтори дека не планира да коалицира со СДСМ.

Сепак, дел од аналитичарите во понудите за национално единство гледаат политички пинг понг на митинзи и предизборна реторика за глас повеќе, отколку за некаква заедничка стратегија по изборите.

- Повеќе сум склон да верувам дека сегашната реторика и повиците за обединување и одговорите од партиите се дел од предизборната реторика. Ние сме во период со високи емоции, со потреба за освојување на глас повеќе и тоа треба да се гледа низ таа призма. Точно е во политичка смисла дека после изборите ќе треба поголемите партии да седнат и да направат некаква заедничка визија, не само за уставните измени и патот кон ЕУ, туку и за оние проблеми кои долго ја мачат државата. Криминал и корупција, здравство, образование... тоа се проблеми кои надминуваат еден мандат и не може само една партија да ги реши. Но, не верувам дека сега партиите одбивањето или прифаќањето за понудите за национален консензус се предмет на некој поопсежна политичка анализа, оценува Петар Арсовски за Канал 5.

Во меѓувреме партиите продолжуваат со презентација на изборните програми. Во истовреме продолжува и кампањата за претседателските избори на неполна недела до првиот круг за избор на шеф на државата.

Тошковски: Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија, обрасците се во магацинот на МВР

Изјава на министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски.

Тошковски вели дека 30.000 обрасци за патни исправи се пристигнати и дека се наоѓаат во магацинот на МВР. Тој додаде дека Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија за да ги види обрасците.

Министерот за проблемот со долгото чекање за издавање на пасоши го обвини претходниот менаџмент на МВР, бидејќи, како што вели, не успеале да набават дополнителни машини за печатење.

притисни ентер