Ни ги зголемуваат обврските, вработуваме луѓе, а нотарската тарифа не го следи порастот на платите и животните трошоци, се жалат од Нотарската комора по најавата на министерот за правда Филков дека ја повлекува одлуката на неговиот претходник Кренар Лога, нотарските тарифи да поскапат од први септември. Во реакцијата од комората се посочува дека е подготвена подетално да ги презентира анализите и аргументите за потребите од измените на тарифата и дека истата во ниеден случај не може да биде скриен процес.
„ Нотарската тарифа не само што не го пратеше трендот на пораст на платите, животните трошоци, стапката на инфлација и вредноста на правната работа, туку напротив во овие 25 години, истата во континуитет е намалувана во 2010, 2016 и 2019 година. Влијание на измените на Нотарската тарифа има и фактот што од воведувањето на нотаријатот, донесени се низа закони со кои се зголемуваат обврските на нотарите, што само по себе повлекува нови вработувања во нотарските канцеларии, а нотарската тарифа паралелно се намалува. Што значи, нема никаков рационален сооднос и економска исплатливост за функционирање на нотаријатот како независна и самостојна јавна служба.“ - Нотарска комора.
Министерот Филков вчера обвини дека Лога десет дена пред да ја напушти функцијата ги покачил нотарските тарифи до десет пати. Оваа одлука кажа била донесена во февруари, а објавена во Службен весник на 12 јуни, но ниту Владата, ниту Министерството не ја информирале јавноста.
Лога, пак во писмен одговор за Канал 5 тврди дека немало ништо скришно во процесот, и посочува доколку новата влада не се согласува со оваа одлука може слободно да ја укинат иако има многу аргументи во корист на барањата на Нотарската комора..
-Напротив, процесот траеше минимум шест месеци и повеќе состаноци и барања од страна на Нотарската комора, има и објава од официјалната средба кога се дискутирани сите предизвици на нотаријатот заедно за работна група за законски измени. Во февруари по барање на Комората беше прв пат ставен на дневен ред, но се бараше повеќе време да се разгледа подетално и после неколку недели и ја доби поддршката од Влада. Непопуларно е кога тарифите се покачуваат и ниту еден министер нема да е среќен со ваков потег, но три пати тие тарифи се намалени.“ Кренар Лога – Поранешен министер за правда.
Според анализата на порталот „Пари“, објавена во јуни годинава, десетмината нотари кои имале најмногу или најголеми предмети, лани заедно оствариле промет од 4,6 милиони евра. Откако ги намириле своите трошоци – им останал нето-приход пред оданочување од околу 1,5 милиони евра.