Норвежаните се во потрага по нафта и плин на Арктикот, сакаат да го зголемат производството

Норвешка денеска објави дека ќе им понуди рекорден број локации за истражување на нафта и гас на Арктикот на енергетските компании за да го зголемат производството.

Најголемиот европски снабдувач на гас и главен извозник на сурова нафта се подготвува да им понуди на енергетските компании 78 блока во Баренцовото Море, најмногу откако почнаа да организираат аукции во 2003 година.

Осло, исто така, планира да понуди 14 нови блокови во Норвешкото Море, исто така во зоната на Арктикот. Владата на тој начин ќе понуди 92 нови блока за експлоатација оваа година, во споредба со само 28 во 2022 година. „Овозможувањето на нови откритија на север е важно за Европа, земјата и регионот“, рече норвешкиот министер за нафта и енергија Терје Асланд.

Според официјалните норвешки проценки, само една третина од наоѓалиштата на нафта и гас се откриени во Баренцовото Море. Осло планира да го зголеми производството на нафта и гас со цел да ѝ компензира на Европа за изгубените руски извори на енергија, но животната средина би можела да ја плати цената.

Водите во близина на ледената покривка на Арктикот се важни места за исхрана на бројни видови, од зоопланктон до поларни мечки и китови. Активистичката еколошка организација Гринпис предупреди дека повеќето од понудените блокови се „далеку северно“ од Баренцовото Море, а некои се во области каде ледената покривка останува во текот на годината.

„Владата е креатор на политика која е непријател на природата и климата“, се вели во соопштението на Гринпис Норвешка. Ледената покривка на Арктикот се шири во зима и се намалува во лето. Во последниве години, е намалена поради климатските промени, велат научниците.

„Владата сè уште мисли дека Норвешка треба да биде на врвот во светот во однос на извозот на фосилни горива и загадувањето во остатокот од светот. Климатската криза бара сосема спротивен одговор“, напиша претставник на малцинската партија Социјалистичка левица, Ларс Халтбрекен на Твитер.

Во Германија почна судењето на мајка на три деца- убила жена од љубомора и избегала во Турција

Во Германија во тек е судењето на Салија К.(50), која е обвинета за убиство на Јасмина Т. со соучесник во 2011 година, бидејќи стапила во романтична врска со тогашниот партнер на Салија, Ибрахим.

По бруталното убиство Салија со двете деца побегна во Турција и дури годинава е предадена на германските власти.

Повеќе од 13 години по убиството на Јамина, Салија, која е мајка на три деца, се најде на суд во Дортмунд.

Таа е обвинета дека го планирала и извршила страшното убиство на младата Јамина со соучесник, кој претходно бил осуден на доживотен затвор, само затоа што тогаш имала односи со партнерот на Салија.

Голото тело на Јасмина било пронајдено на паркинг во Холандија, а две години подоцна за нејзиното убиство на доживотен затвор е осудено нејзиното поранешно момче Адем И.

Утврдено е дека во 2011 година Адем и Салија смислиле план да ѝ се „одмаздат на Јасмина за неверството“. Имено, Јасмина започнала врска со партнерот на Салија, Ибрахим К., кој тогаш имал 35 години. Најпрво за 1.000 евра ангажирале насилници, кои со дрвени стапови во дворот брутално го претепале Ибрахим и му ги скршиле коските.

После тоа имало план да ја киднапираат Јасмина и да ја силуваат, за да ѝ „докажат дека е к**ва“.

„Планирале да ја силуваат за да ја обесчестат и да ја означат како к**ва. Според обвинителството, обвинетиот ја нападнал жртвата, ја врзал и ја одвлекол во продавница. Мажите кои требало да ја силуваат чекале таму. Кога одбиле тоа го направиле пред камери, Адем и Салија ја однеле жртвата во нејзиниот стан“, рече обвинителката денеска на судењето.

Потоа, како што изјавил, решиле да ја убијат Јасмина бидејќи нивниот првичен план за одмазда пропаднал.

Во нејзиниот стан, додека била врзана со сајли, ја претепале, а потоа ја задавиле“, рече обвинителот.

За време на судењето Салија цело време молчела. Треба да сведочи и претходно осудениот Адем И.

Заврши најсмртоносната мисија на ОН- за 10 години загинале 300 „сини шлемови“

Обединетите нации денеска ја завршија 10-годишната мировна мисија во Мали, по барање на владата на земјата, која рече дека силите на светската организација се несоодветни да одговорат на растечкиот насилен екстремизам во оваа западноафриканска земја.

„Товарот во Мали беше огромен и тежок“, рече командантот на силите на ОН од 13.000, Мамаду Гаје, на церемонијата на завршување во главниот град Бамако, пренесува АП.

Тој изрази уверување до безбедносните сили на Мали дека ќе ја решат кризата во земјата.

За 10 години загинале повеќе од 300 членови на мировната мисија на ОН во Мали, што ја прави најсмртоносна мировна мисија во светот, наведува американската агенција.

Малиските власти се борат да го задржат бунтот на исламистичките екстремисти од 2012 година.

Тие беа турнати во градовите на северот на земјата, благодарение на операцијата предводена од Франција, чии војници ја напуштија земјата минатата година.

Меѓутоа, бунтовниците се прегрупираа и почнаа да ја напаѓаат војската на Мали и нејзините сојузници, вклучително и силите на Обединетите нации.

Во јуни, владејачката воена хунта побара од мисијата на ОН да ја напушти земјата.

Град им нудел милиони на луѓе за да се доселат, но имало бизарен услов- никој не се јавил

Градот Каинан во јапонската префектура Вакајама смислил необичен план за привлекување жители, а понудата вклучувала и финансиска помош за новодојдените.

Стратегијата била дизајнирана за 2021 година, но за кандидатите имало услов - тие да го носат презимето Сузуки.

Како „родно место“ на Сузуки, било одлучено да се игра на таа карта, а посебно се мислело на 750.000 граѓани кои го носат тоа презиме и живеат во Токио и соседните префектури (Чиба, Саитама и Канагава).

Најавено е дека секое семејство што ќе се пресели ќе добие по 1 милион јени (6.300 евра), како и исто толку за секое дете под 18 години, пренесува The Guardian.

Меѓутоа, две години по започнувањето на кампањата, објавени се поразителни резултати.

„Потврдувам дека никој со презиме Сузуки не се преселил во Кајнан. Едно лице се распраша, но не отиде подалеку од тоа“, откри Томонари Фуџита, шеф на канцеларијата за развој.

Покрај паричната стимулација, на луѓето очигледно не им делувал и слоганот дека со преселбата „ќе се поврзат повторно со своите предци“.

Забележано е дека кланот Сузуки се преселил во денешен Кајнан за време на периодот Хејан (794-1185).

„Гледаме сериозен пад на бројот на жители. Мислевме дека со кампањата ќе привлечеме луѓе со презимето Сузуки, но се чини дека имало и други пречки“, изјави Фуџита.

Официјалните лица се надеваат дека новиот хотел, чија изградба ќе биде завршена во 2024 година, ќе ги инспирира граѓаните со презимето Сузуки да дојдат и да се поврзат со местото на нивното потекло.

притисни ентер