Но, норвешкиот Институт за јавно здравје објави дека вакцинацијата со АстраЗенека нема да продолжи во таа земја. Директорот Аудун Хаги на прес-конференција изјавил дека не може да ја исклучи врската помеѓу згрутчувањето на крвта кај пациентите и вакцината на АстраЗенека.
Тој рече дека шест лица имале тешки компликации по вакцинирањето. Две лица починале.
Според истражувањето на универзитетската болница Рикшоспиталет во Осло, силниот имунолошки одговор по вакцинацијата со АстраЗенека доведе до тоа тројца здравствени работници да добијат згрутчување на крвта, од кои едниот починал.
Оваа вест е објавена утрово од норвешката новинска агенција НТБ, пред ЕМА да го објави својот извештај.
„Добивме наоди кои можат да ја објаснат клиничката слика на нашите пациенти“, рече главниот лекар и професор Пол Андре Холм од Рикшоспиталет на вонредна прес-конференција.
„Веруваме дека ова е важно да се покаже, најдовме разумен модел на објаснување“, рече Холм.
Научниците немаат одговор зошто токму тие тројца здравствени работници добиле згрутчување на крвта, а другите луѓе не.
„Имаме теории, но не знаеме зошто некои ги добиваат симптомите, а други не“, рече Холм.
Холм и неговите колеги напорно работеа последните денови за да најдат одговор на прашањето зошто тројца здравствени работници под 50-годишна возраст биле хоспитализирани поради згрутчување на крвта по приемот на вакцината на АстраЗенека.
Тие веруваат дека вакцината довела до неочекувана реакција на имунитетниот систем, по што настанало формирање на тромбови и низок број на тромбоцити, пишува ВГ.
"Докажавме дека специфичните антитела ја предизвикуваат оваа состојба со тромбоцити, за што активирањето го предизвикал администрираниот лек. Нема ништо друго освен вакцина што може да предизвика ваква реакција на имунолошкиот систем", рече Холм.
Еден од тројцата здравствени работници кои добиле згрутчување на крвта откако биле вакцинирани со АстраЗенека починал во неделата. Сите биле примени во болница со акутна болка.
Тие имале тромбови на невообичаени места, како што се стомакот и мозокот, и крвареле и имале мал број на тромбоцити.
Друг здравствен работник на околу 30-тина години починал во Норвешка во петокот, 10 дена откако ја примил истата вакцина.