Пендаровски на средба со освојувачите на медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада

 Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими учениците натпреварувачи на 24-та Јуниорска балканска олимпијада по математика, кои освоија златна, сребрена и две бронзени медали.

Честитајќи им на учениците за овој успех, шефот на државата истакна дека тој и целата македонска јавност со голема радост ја примиле оваа вест, која кај сите предизвика чувство на гордост и на среќа.

– Уживајте во овие моменти и радувајте се. Да се биде победник на Олимпијада е голема работа и сите не направивте горди. Вие сте позитивен пример за сегашните и идните генерации. Вашите медали што гордо и денеска ги носите на градите упатуваат порака до сите млади во нашата држава дека со посветена и напорна работа, со вложен труд, секогаш резултатите доаѓаат, нагласи Пендаровски.

Тој додаде оти нивниот успех покажал дека нема нерешливи задачи, кога кон нив се пристапува тимски и одговорно. Пендаровски им порача дека очекува да продолжат по истата патека, како и дека секогаш со мотивираност, желба и дисциплина можат да се совладаат и најголемите предизвици.

Учениците на средбата ги раскажале импресиите од одржаната Олимпијада, како и периодот на нивните подготовки, кои се одвивале во специфични услови поради Ковид-19.

– Тоа не го намали нашиот ентузијазам и желба за успех. Напротив, тоа не мотивираше дополнително и со поголем елан да работиме и да покажеме дека и во нашата земја се негува љубовта кон математиката, рекоа учениците на средбата.

Од 9 до 13 септември годинава во Грција виртуелно се одржа 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада на која нашата екипа, сместена во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се натпреваруваше преку видео-конференциска врска.

Екипата ја сочинуваа Никола Спировски – освојувач на златен медал, Дамјан Давков – освојувач на сребрен медал, Никола Цветаноски – освојувач на бронзен медал, Марија Атанасова – освојувач на бронзен медал, Матеј Гелев, и Емилија Николовска. Водач на тимот беше Делчо Лешковски, а заменик водач Борче Јошевски.

Годинава, на 24-та Јуниорска балканска математичка олимпијада учествуваа десет земји од Балканот и осум држави – гости, а ги опфаќа сите ученици од основното и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле петнаесет и пол години.

Пасоши и лични карти со новото уставно име на државата од следната година

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува следната година да почне примената на проектот за пасоши и лични карти со новото уставно име на државата.

-Управувачкиот комитет во МВР континуирано работи на имплементација на проектот и очекувам дека многу скоро веќе ќе има конечен датум од којшто ќе почнат новите пасоши, изјави денеска Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање, при посетата на Полицискиот центар Ѓорче Петров.

Важно е, дополни, што постоечките патни исправи и обрасци се употребуваат и државата има најдено начин за тоа до моментот додека да се направат новите и со самиот момент на можност за печатење и за имплементација на тој проект и ќе започнеме со тоа, така што, очекувам во 2021 година да започнеме со имплементација на овој проект.

СДСМ: Кој шири лажни вести, клевети и невистини, треба да се соочи со одговорноста, ниту Николовски ниту ВМРО-ДПМНЕ не се над законите

ВМРО-ДПМНЕ е синоним за  лаги, клевети и невистини, но и за корупција, криминал и неправда.

Тоа време помина а сегашното раководство на опозициската партија, по три последователни порази на избори е без идеја, став и без кредибилитет.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и покрај тоа што е осуден за клевета, не се откажува од ширење лажни вести и конструирање неспостоечки случаи, во очајни обиди да ја манипулира јавноста.

Граѓаните не му веруваат на Николоски, по неговите бројни лаги, како кога јавно тврдеше дека ООН лошо ги оценила владините мерки за справување со кризата, за потоа да стигне реакција од ООН дека организацијата воопшто не ни дискутирала за мерките во Северна Македонија, а не пак да дала некаква оценка.

Николоски тврдеше дека државата нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, а преговорите започнуваат, тврдеше дека ќе се затвори Дрекслермаер, што беше демантирано од раководството, дека Тутнскиот комбинат во Прилеп работи најлошо досега, а има добивка.

Николовски во 2018 година најави дека ќе се повлече од политиката, а се уште е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Вистината ги демантира лагите на ВМРО-ДПМНЕ.

Кој шири лажни вести, клевети и невистини, треба да се соочи со одговорноста, ниту Николовски ниту ВМРО-ДПМНЕ не се над законите.

притисни ентер