Од околу 110 илјади граѓани кои ги добиле, само 43 илјади отишле на одмор на државна сметка. Министерот за економија Бектеши сепак е задоволен од резултатите кои ги дала мерката.
Прашан за објавите по социјалните мрежи каде наголемо се препродаваат ваучери за кеш а хотелиерите наводно букирале гости со ваучери кои не биле на нивно име, Бектеши вели дека досега не регистрирале злоупотреби.
„Во месец август имаме зголемување на бројот на домашни туристи споредено со 2019 година од 8,9% а во септември имаме зголемување на домашните туристи со 33,7 отсто. Секојдневно ја праќаме листата на ваучери кои се користат во истиот ден до Држвниот пазарен инспекторат со што го имаме и извештајот онлајн а тие вршат теренски контроли.“, изјави министерот Крешник Бектеши.
Од денес стартува пријавувањето за грантови за туристичките агенции, повраток на таксата од 2019 година како и еднократна помош од три просечни плати за туристичките водичи - како дел од четвртиот антикризен пакет мерки. Ќе трае до 27 месецов а ќе се врши на платформата „Дома си е дома“ каде е наведено што се е потребно за аплицирање. Парите ќе се исплатат до крајот на годината.
Стопанската комора ја поздравува сегашната државна помош за туризмот но сметаат дека само делумно ќе ги ублажи негативните ефекти. Фокусот, според нив, треба да бидат странските туристи, а за таа цел државата да им овзоможи бесплатни ПЦР тестови. Како најголем проблем ја посочија неможноста на хотелиерите да ја искористат помошта за исплата на плати.
БАРАЊА НА СТОПАНСКА КОМОРА ЗА ПОДДРШКА НА ТУРИЗМОТ
1. Законот за финансиска поддршка за платите безусловно да важи за сите компании од овој сектор.
2. Бесплатни ПЦР тестови за странските државјани кои ќе престојуваат во Македонија
3. Поголеми напори за промоција на туристичките потенцијали во земјава
Освен за туризмот, аплицирањето за грантови започнува и за игротеките и рестораните за свадби, но од Независната угостителска комора негодуваат дека можност да добијат помош ќе имаат само мал дел до рестораните, бидејќи најголем дел од нив не се регистрарани само за свадби, како што се бара со условина од огласот. Помошта за петте мерки „тежи“ 7,5 милиони евра.