Николовски од Кочани: За шест години ќе го затвориме преговарачкиот процес со ЕУ

До 2024 година ќе отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ, за шест години ќе го затвориме преговарачкиот процес.

На Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не им остана ништо друго освен ширењето лажни вести дека сме го губеле јазикот и идентитетот, но единственото нешто што губиме се остатоците од нивниот режим што нè врати назад со децении, истакна носителот на кандидатската листа на коалицијата „Можеме" во ИЕ 3, Љупчо Николовски при денешната посета на Кочани.

– До 2024 година ќе отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ, за шест години ќе го затвориме преговарачкиот процес, а ова фејк-њуз ВМРО-ДПМНЕ со својата ароганција, диктатура и надменост тоа не би можело да го испорача ниту за 66 години. Во преговарачката рамка на ЕУ јасно е наведено дека јазикот на којшто ќе треба да се преведе европското право и законодавство е македонскиот јазик и поголемо признание и потврда нема. Македонскиот јазик е наведен во нашата лична карта во ОН и тој е јазикот со кој водиме меѓународна комуникација и склучуваме меѓународни договори и со Грција и со Бугарија. Додека целиот свет нè признава и го потврдува нашиот идентите и македонски јазик, самото раководство на ВМРО-ДПМНЕ својот народ го нарекува со изразот „северџани", па нека им служат на чест сите лаги и измислици, истакна Николовски.

Тој побара поддршка од граѓаните за нов мандат на коалицијата „Можеме", за, како што рече, да продолжи процесот на приклучување кон ЕУ и пристапот до отворените европски фондови.

– Со дадениот глас за нас ќе обезбедиме 2,5 милијарди евра од фондовите што ни се на дофат, а тоа се повеќе пари за справување со коронакризата, за новата македонска економија, за зелената агенда, за повеќе енергија, за конкурентноста и капиталните инвестиции, за патишта и инфраструктура и на Истокот и во целата држава. Тоа се европски пари за европски стандарди дома. Бараме од граѓаните да одберат меѓу Брисел и ЕУ, наспроти Хунзите, Белизе и Субрата Рој. Тоа е изборот на овие парламентарни избори, заклучи Николовски.

МВР го приведе тинејџерот , кој на ТикТок се фали како пали пожари

СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје ќе поднесе писмено известување за 17-годишен малолетник од с.Мојанци, скопско, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“.

На 04.08.2020 на социјалната мрежа „Тик-Ток“ тој објавил видео и фотографии како предизвикува пожар, односно потпалува нискостеблеста шума и трева на јавна површина. Фотографиите и видеата биле споделени на повеќе социјални мрежи, по што Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презеде мерки и активности и на 05.08.2020 до СВР Скопје-Единицата за насилен криминал доставена е документација со повеќе снимени видео клипови на кои се гледа дел од фигура на лице како врши потпалување на повеќе дрва и грмушки на јавна површина - планина, како и фотографии од лице со профил на социјална мрежа „Тик-Ток“, под псевдоним Д.К..

Од страна на полициските службеници од Единицата за насилен криминал беа преземени мерки и активности, при што било утврдено дека лицето кое предизвикува пожар на јавна површина е 17-годишен малолетник од с.Мојанци, а местото каде што го извршува кривичното дело се падините на блиската шума над с.Мојанци. По утврдување на идентитетот, на 13.08.2020 малолетникот заедно со неговиот татко бил повикан на разговор во просториите на Единицата за насилен криминал, каде што во присуство на инспектор по малолетничка деликвенција, го признал делото и потврдил дека тој палел нискостеблеста трева и шума на падините на блиската шума над с.Мојанци.

За настанот бил запознаен Јавен обвинител за малолетници и по негови насоки делото е квалификувано како „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво член 288 од Кривичниот законик, соопшти МВР.

Сафари парк со пренос од раѓање на слонче , му дале име по најпопуларната корона апликација (ВИДЕО)

Младенче на африканскиот слон, чие раѓање се емитуваше во живо од сафари парк во Мексико, го доби името Зум по апликацијата што  стана популарна за време на пандемијата на коронавирус.

Тоа е шестиот слон роден во сафари парк во Пуебло, југоисточно од главниот град, во стадо слонови спасени пред осум години во Намибија, каде им се заканувале ловокрадци.

„Ретко може да се види раѓање на слон“, рече Френк Карлос Камачо, директор на „Африка Сафари парк“, додека слончето си играше околу нозете на неговата мајка.

„Следењето на раѓањето на слоновите во светот е многу корисно за науката“, рече тој за АФП.

Управата на паркот објави дека сака слоновите да се вратат во Африка.

„Тие не се наши. Тие му припаѓаат на светот“, рече Камачо.

„Ние сакаме тие да бидат во Африка, но тековните околности се тешки“, додаде тој, додавајќи дека луѓето што работат во туризмот ги изгубиле своите работни места поради пандемијата.


Белорусија ослободи 32 Руси , обвинети за организирање немири пред изборите

Белорусија ослободи 32 руски државјани кои претходно биле приведени, соопшти вчера портпаролот на руското јавно обвинителство.

Според руското јавно обвинителство, руските државјани се ослободени во согласност со меѓународното право и националното законодавство на Русија и Белорусија, а во координација со обвинителствата на двете држави, јавува ТАСС.

Тие биле уапсени во Минск и обвинети дека се платениците задолжени за дестабилизација на земјата пред претседателските избори одржани на 9 август.

„Група од 32 руски државјани, кои беа уапсени во Белорусија, ја преминаа границата и се наоѓаат во Русија“, објави канцеларијата на рускиот главен обвинител.

На почетокот на август, Русија испрати барање до Белорусија за нивно ослободување и враќање во земјата. Белоруските власти на 29 јули објавија дека уапсиле 32 „руски борци“ на приватна вооружена група Вагнер, позната како блиска до Кремљ, затоа што се осомничени за „дестабилизација“ на земјата пред претседателските избори.

Локалните медиуми тогаш објавија дека апсењата биле извршени откако дознале дека група од „200 борци пристигнале во Белорусија со цел да ја дестабилизираат ситуацијата за време на предизборната кампања“.

Односите меѓу Русија и Белорусија се традиционално добри, но тензиите се јавуваат периодично, особено поради енергетските проблеми. Сепак, во последните месеци белорускиот претседател Александар Лукашенко ја обвини Москва дека сака да ја претвори неговата земја во колонија и да манипулира со претседателските избори.

Рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на Лукашенко за неговата победа на претседателските избори, и покрај обвинувањата за изборна измама и протести кои следуваа и завршија со насилство.

притисни ентер