Николовски на средби со директорите на АХВ и на Платежната агенција, Бабовски и Бачовски

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска се сретна со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски и со директорот на Платежната агенција Никица Бачовски.

На средбата со Бабовски, Николовски се информирал за актуелната состојба со африканската чума кај свињите, како и за преземените и идните мерки што треба да се преземат за заштита на животните и справување со болеста. Со Бачовски, пак, разговарал за исплатата на субвенциите.

-Со директорот Бабовски разговаравме и за нови мерки за дополнително субвенционирање на земјоделските стопанства кои применуваат повисока категорија на безбедно производство.

Со АХВ постигнавме големи успеси во периодот 2017-2019: се изработија законите за нус-производи од животинско потекло, за идентификација и регистрација на животни, за заштита и благосостојба на животните, за донирање на вишокот на храна, се воведоа нови програми за високо ниво на безбедност на храната, за здравствена заштита и благосостојба на животните, а Европската комисија ја рангираше АХВ за најдобра институција во регионот во областа на безбедноста на храната и ветеринарството. Безбeдноста на храната и благосoстојбата на животните останува наш приоритет, напиша Николовски на својот фејсбук профил.

Во однос на средбата со Бачовски, министерот потенцира дека продолжува навремената и неселективна исплата на субвенциите, тогаш кога им се најпотребни на земјоделците.

-Во периодот 2017-2019 исплативме 305 милиони евра за заостанати и редовни субвенции, и финансиската поддршка продолжува. Воведовме нови мерки: за зелена нафта, нов модел за повисоки субвенции за тутун по класи, грантови од 20.000 евра за млади земјоделци, грантови од 3.000 евра за жени земјоделки, 20 отсто повисоки субвенции за развојните мерки, а почнаа и крупни капитални инвестиции во водостопанството. Северна Македонија стана лидер во искористеност на ИПАРД, земјата се врати кај вистинските земјоделци. Успесите што ги постигнавме продолжуваат, наведува Николовски.

Тој вчера ја презема функцијата министер за земјоделство од неговиот заменик Трајан Димковски.

Зеленски: Руската инвазија е катастрофална грешка на Москва

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека „руската инвазија на неговата земја е катастрофална грешка“, откако Русија објави стратешка победа во Мариупол. 

Зборувајќи од Киев, Зеленски рече дека „потврдено е дека инвазијата била апсолутна грешка“ и тврди дека руската армија останала без проектили со кои ги нападнала украинските војници. Тој ги критикуваше руските лидери, за кои рече дека се плашат да признаат дека „на највисоко воено и државно ниво се направени катастрофални грешки“, објави Би-Би-Си.

Украинскиот лидер ја обвини Москва дека ги принудува младите, неискусни војници на линијата на фронтот и ги турка во битка „како топовско месо“.

По Макрон, и Мишел предлага „Европска геополитичка заедница“, резервна варијанта за З. Балкан

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, предлага формирање на, како што тој ја нарекува, „Европска геополитичка заедница“.

Заедница која ќе се стреми кон „конвергенција и продлабочување на оперативната соработка за справување со заедничките предизвици, мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот континент“.

Групата би ја сочинувале земјите од Западен Балкан и земјите партнери на ЕУ од истокот, кои се или кандидати за пристап во блокот или се стремат да станат такви.

„Ќе предложам да се одржи конференција околу или по летото“, напиша Мишел на Твитер.

„Францускиот претседател Макрон претходно ја промовира идејата за формирање „Европска политичка заедница“ која ќе ги вклучува Украина и Британија.

Клучните вредности во областите на политичката соработка, безбедноста, енергетската соработка, сообраќајот, инвестициите во инфраструктурата.

Фото: Градските приказни на КУД Илинден, подвижен музеј на градот Битола

Градските приказни на ансамблот ИЛИНДЕН, беа изведени на целовечерен концерт под наслов „Битола е градот” во Офицерски дом. 

Изминаа повеќе од 67 години, откако ансамблот на народни песни и игри ИЛИНДЕН од Битола, започна да ја чува, негува и да ја шири нашата традиција. Низ сите тие години светот се менуваше околу нас, но ИЛИНДЕН секогаш го чувал највредното. Помеѓу тие бисери се „Градските приказни“ кои се подвижен музеј за овој град.

Ансамблот ИЛИНДЕН е тука да го спои сѐ она што се менува и сѐ она што треба да остане исто. Ние сме врската помеѓу минатото и иднината. Тука сме да бидеме чувар на наследството, но и животворец на Битола низ песни и игри, затоа што Битола е градот, стоеше на најавата со плакат кој за овој настан го дизајнираше Сергеј Светозарев.

-„Битола е градот“, а КУД Илинден е синонимот за Битола. Најстар фолклорен ансамбл, едно од најстарите здруженија во Битола и нашата татковина, без прекин на континуитетот. КУД Илинден 67 години е амбасадор на Македонија во светот, се разбира и на сцените низ нашата држава. Сме настапувале од САД на Запад до Јордан на Исток, низ цела Европа, Австралија, Русија...Минатата година бевме дел од 6-тата светска фоклоријада во Уфа, Русија, како претставници на Македонија. Овој проект е нераскинливо врзан за нашиот ансамбл. Сите сцени на „Градските приказни„ се предизвик за нас, а Офицерскиот дом и како архитектура и како историја е место каде се спојуваат истокот и западот. Идеален простор каде можат да се претстават и Ала Турка и Ала Франга традициите преку непроценливи костими, песни и игри. Беше повеќе од предизвик да ги раскажеме нашите градски приказни токму на оваа локација, бидејќи ние сме еден од ретките ансамбли кои ги има градските игри, во формат на целовечерен концерт, вели Александар Стефановски, уметнички раковител на КУД Илинден.

Овој концерт, на барање на публиката ќе се одржи уште неколку пати, а веќе пристигнуваат покани за настапи на други сцени и на еден голем интернационален настан во организација на една од амбасадите во Македонија, за што ќе следуваат наскоро детали.

притисни ентер