Николовски: Меморандумот за соработка со Бугарија во областа на земјоделството е голем чекор

Меморандумот за соработка со Бугарија во областа на земјоделството е голем чекор за унапредување на билатералната и трговската соработка, вели Николовски.

Денеска во Софија, во рамки на заедничката седница на владите од Република Македонија и Република Бугарија, со која копретседаваа двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, Љупчо Николовски и министерот за земјоделство на Република Бугарија, Иван Иванов, потпишаа Меморандум за соработка во областа на земјоделството, земјоделските науки, руралните области и шумарството. Министерот Николовски посочи дека овој значаен билатерален договор претставува голем чекор за зацврстувањето и унапредувањето на билатералната и трговската соработка помеѓу двете држави.

„Верувам дека во периодот што следи ќе испорачаме брзи резултати. Ние денеска потпишавме Меморандум за соработка и со министерот за земјоделство на Бугарија Иван Иванов, разговаравме за значењето на земјоделскиот сектор, за двете држави да ја зголемат соработката и заеднички да испорачаме резултати. Македонија е лидер во регионот по искористеност на ИПАРД програмите, а искуството на Бугарија како земја членка на ЕУ ќе ни биде од големо значење во имплементацијата на Инструментите за претпристапна помош во ЕУ. Унапредувањето на шумарството и ловството ќе биде еден од приоритетите во следниот период за работа", рече министерот Николовски.

При тоа, министерот Николовски изјави дека веднаш ќе се започнат подготвките за формирање на работните групи од двете министерства во сите области од Меморандумот, и на почеток на следниот месец ќе да се одржи првиот состанок на групите. Меморандумот отвора можност за блиска соработка меѓу надлежните институции од Македонија и од Бугарија во повеќе области. Работните меѓуресорски групи што ќе се формираат за краток период ќе работат на развивање на соработката во доменот на:

·Имплементација на Инструментите за претпристапна помош во ЕУ;

· Земјоделските науки;

· Шумарство и Ловство;

· Органско производство и преработка на органски земјоделски производи;

· Биотехнологии во полјоделството и во сточарството;

· Селекција и репродукција во сточарството;

· Транснационална соработка во руралната област и други области од заеднички интерес.

Освен техничка и административна соработка, двете министерства ќе разменуваат научни и технички информации и експертски искуства во доменот на земјоделството, ќе организираат семинари и обуки, ќе работат на имплементација на заеднички истражувачки програми во земјоделството и земјоделските науки. Во текот на денешниот ден, во рамки на меѓувладината седница, министерот Николовски заедно со колегите министри од Република Бугарија, учествуваше на првиот состанок со работната група за економија, енергетика, финансии, иновации и развојот, инвестиции и земјоделство, на којшто се поставија основите за работа во областите и се утврдија роковите за исполнување на приоритетите .

ВМРО-ДПМНЕ: Ребалансот е доказ за лошата политика на СДСМ, долгот ќе се зголемува

Ребалансот е доказ за лошата политика на СДСМ, долгот ќе се зголемува, а проекти нема.

Владата оди со ребаланс на буџетот, кој пред 6 месеци кога го креираа им беше идеален. Ребалансот кој го бара сега Ковачевски, е на буџетот кој самиот тој како заменик министер го креирал.

Владата планира нови задолжување, а во изминативе 3 години не задолжи 2.4 милијарди евра, без ништо да изгради. Само за споредба, претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ за 10 години креираа долг од 2.8 милијарди евра.

Со новите задолжувања овие две влади на СДСМ ќе бидат владите кои најмногу ја задолжиле Македонија, а немаат ништо направено.

Капиталните расходи во периодот јануари – април во 2022 година се само 100 милиони евра или 16,3%. Со вакво темпо, владата едвај ќе надмине 50% реализација на првично предвидените пари за капитални инвестиции.

Каде одат парите кои утре народот ќе треба да ги враќа? Што направија до сега? Одговорот на овие прашања е причина зошто мора да има предвремени парламентарни избори час поскоро.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Лабуристот Ентони Албанезе положи заклетва на функцијата премиер на Австралија

Новиот австралиски премиер Ентони Албанезе денеска положи заклетва на функцијата пред да отпатува на самитот во Токио на кој ќе присуствува и американскиот претседател Џо Бајден.

Поранешниот лидер на левоцентристичката опозиција кој истакнува дека неговата земја е подготвена да се вклучи во борбата против климатските промени, ќе учествува на самитот „Quad" (САД, Индија, Јапонија, Австралија) што од утре ќе се одржува во Токио. На собирот покрај Бајден ќе учествуваат и јапонскиот премиер Фумио Кишида и индискиот премиер Нарендра Моди.

Новиот 59-годишен премиер положи заклетва на кратка церемонија. Меѓу членовите од неговиот тим кои ја презедоа функцијата се и министерката за надворешни работи Пени Вонг, која ќе го придружува Албанезе на самитот во Токио, министерот за буџет Џим Чалмерс и министерката за финансии Кејти Галагер.

Централно-левичарската Лабуристичка партија на Албанезе на изборите одржани во саботата ја победи конзервативна коалиција на неговиот претходник Скот Морисон, која девет години управуваше со земјата и притоа смени тројца премиери.

Се уште не е завршено пребројувањето на гласовите за да се утврди дали партијата на Албанезе ќе има мнозинство во Парламентот.

„Сакам да водам влада која го има истото чувство на оптимизам и надеж што, според мене, сметам дека го дефинира австралискиот народ", рече Албанезе пред да замине од Сиднеј во Канбера каде ја даде свечената заклетва.

Албанезе кој се опишува себеси како прв кандидат за премиерската функција што нема англо-келтско име, и Пени Вонг која е родена во Малезија и е првата министерка за надворешни работи родена во странство, дадоа заклетва пред генералниот гувернер Дејвид Харли. Заклетва положи и вицепремиерот Ричард Марлс, кој ќе ја врши функцијата премиер додека Албанезе е во Јапонија.

Засега Лабуристичката партија има сигурни 75 од вкупно 151 место во Парламентот, што е едно помалку од потребното мнозинство.

Конзервативната коалиција е на пат да освои 58 места, неврзаните пратеници 12, а шест места се уште се неизвесни, објави Австралиската изборна комисија.

Бајден: САД воено ќе интервенираат во случај на кинеска инвазија врз Тајван

Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Токио предупреди дека САД „воено ќе го бранат Тајван доколку Пекинг го нападне овој автономен остров", предупредувајќи дека Кина „флертува со опасноста".

-Тоа е обврска што ја презедовме, рече Бајден на прашање на новинарите дали САД ќе интервенираат воено против обидите на Кина да ја заземе територијата насилно.

„Се согласивме со политиката на една Кина, ја потпишавме… но идејата дека (Тајван) може да биде преземен со сила едноставно не е соодветна", кажа Бајден.

Тој додаде дека таквиот чекор „ќе го наруши целиот регион и ќе биде уште една акција слична на она што се случи во Украина".

Според него, по руската инвазија на Украина, се зголемува потребата да се заштити овој остров.

Согласно политиката „На една Кина", САД го признаваат Пекинг како влада на Тајван и немаат дипломатски односи со Тајпеј. Меѓутоа, тие одржуваат неформални контакти, вклучувајќи ја и „де факто" амбасадата во главниот град Тајпеј, а обезбедуваат и воена опрема за одбраната на Тајван.

притисни ентер