Николоски во Будимпешта оствари средба со Жасзаи претседател на унгарската 4IG Групација - Канал 5

Николоски во Будимпешта оствари средба со Жасзаи претседател на унгарската 4IG Групација

Николоски и Жасзаи разговараа за можностите за влез на “4iG Групацијата” на пазарот на телекомуникациски услуги во Македонија.

Николоски во Будимпешта оствари средба со Жасзаи претседател на унгарската 4IG Групација

За време на официјалната посета на Будимпешта, Унгарија, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, оствари продуктивна средба со Гелерт Жасзаи, претседател на “4iG Групацијата”.

На средбата оддржана во унгарската престолнина, претседателот на “4iG Групацијата” изрази силен интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија.

Како истакната регионална ИТ и телекомуникациска компанија со докажана историја во поттикнување на дигиталната трансформација во различни сектори, оваа иницијатива е усогласена со стратегијата на “4iG Групацијата” за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.

„Веруваме дека воспоставеното искуство на “4iG Групацијата” во телекомуникациската индустрија, комбиниранo со нејзината стручност во регионални рамки, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар. Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и 4iG Групацијата делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество”, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

За време на официјалната средба, двете страни го истакнаа значењето и развојот на дигиталната инфраструктура заради економски и социјален напредок. Усогласувајќи се со плановите за одржлив развој на Македонија до 2030 година, претседателот на “4iG Групацијата” изрази интерес за соработка во проекти во комуникациска инфраструктура, истакнувајќи ги потенцијалните инвестиции во најсовремени технологии за подобрување на поврзаноста меѓу урбаните и руралните средини во Македонија.

Оваа иницијатива има за цел да го подобри искуството на клиентите, да промовира одржливост, да создаде нови можности за работа и да го стимулира економскиот раст.

„Имаме волја да придонесеме за развојот на телекомуникациски сектор во Македoнија и да поттикнеме позитивни промени преку технологијата. Во однос на нашата амбиција за влез на македонскиот телекомуникациски пазар, во следните неколку недели ќе ја започнеме соработката со Владата на Македонија и нашата посветеност за овој процес да го формализираме во детали“, – истакна Гелерт Жазсаи, претседател на 4iG Групацијата, по разговорите со заменик претседателот Николоски.

4iG Групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија. Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд - ONE .

Под брендот - ONE, подружниците на 4iG во Западен Балкан прават значителна трансформација и со тоа станува водечки бренд на пазарот на 5Г мобилни услуги во Црна Гора, додека ОNE – Албанија формирана преку консолидирање на албанските телекомуникациски компании станува врвен телекомуникациски провајдер во земјата.

Покрај тековните инвестиции, 4iG Групацијата во соработка со Телеком Египет планира и инсталација на подводен кабел за пренос на податоци со висок капацитет за поврзување на Египет и Албанија. Овој проект може да донесе дополнителни придобивки за Македонија преку зајакнување на дигиталниот и економски раст на земјата, се наведува во соопштението.

„Златен објектив“ за 2025 за доајенот Петар Богоевски

Наградата „Златен објектив“ за 2025 година денеска ќе му биде доделена на  светло-мајсторот Петар Богоевски (1952). 

„Златен објектив“ за 2025 за доајенот Петар Богоевски

Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинешниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли.

Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови. Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.

„Златниот објектив“ традиционално се доделува на 29 април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.

Прв протестен марш во Скопје на семејствата на настраданите во кочански „Пулс“

Во Скопје денеска ќе се одржи „Марш за ангелите“ што го организираат семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Прв протестен марш во Скопје на семејствата на настраданите во кочански „Пулс“

Организаторите најавуваат дека маршот ќе почне пред Oбвинителството во 12 часот и 5 минути, како симболика за, како што велат, задоцнетата реакција на институциите, ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“ и ќе заврши пред Собранието.

- Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со „фати, па пушти“, без да има јасно образложение за таа законска процедура, и што се создава во нашите мисли кои се на работ на себеуништување, се истакнува во пишаното известување од семејствата.

Во повикот тие нагласуваат дека и понатаму ќе бараат одговори за смртта на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на државата.

Од Обвинителството вчера упатија повик до семејствата на настраданите доколку сакаат подетално да се запознаат со сите аспекти од истражната постапка, во текот на денешниот ден да остварат средба со јавниот обвинител и со обвинителите кои постапуваат по предметите.

- Доколку кај блиските на жртвите постои таков интерес, тие можат да определат свои претставници (најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите) кои ќе остварат средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и обвинителите кои постапуваат во предметите, се наведува во информацијата од Обвинителството.

Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ досега одржаа четири протестни марша во Кочани на кои ги повикаа институциите кои се одговорни за функционирање на системот во државата, да не ја одбегнуваат одговорноста.

Во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, од кои првично 59, а уште тројца како последица на тешките повреди здобиени во несреќата. Повредени беа близу 200 лица од кои најголем дел по првично укажаната помош, беа препратени на лекување во странство. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер.

За трагедијата се води опсежна истрага во која се вклучени 13 обвинители и според надлежните, извршени се голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази.

Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица меѓу кои поранешни министри за економија, актуелни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Пазарниот инспекторат полициски службеници, актуелни и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување....

Родители од четири општини во Гевгелија ќе учествуваат на работилница за врсничкото насилство

 Во рамки на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ на „Макпетрол“ вечер во Народниот театар во Гевгелија ќе се одржи работилница за родители кои ќе разговараат за врсничкото насилство (булингот).

Родители од четири општини во Гевгелија ќе учествуваат на работилница за врсничкото насилство

Освен граѓани од Гевгелија, на оваа едукативна средба можност за учество ќе имаат и заинтересираните од Валандово, Дојран и од Ново Село.

Психологот Деспина Стојановска ќе зборува за врсничкото насилство од стручен аспект, додека настанот ќе го модерира актерот Сашко Коцев.

„Макпетрол“ досега организираше 13 работилници наменети за родители. За врсничкото насилство беше разговарано на средбите во општините Илинден, Бутел, Чучер-Сандево, Битола, Ѓорче Петров, Кавадарци (со Демир Капија), Крива Паланка. Покрај тоа, работилници се одржаа и во Штип, каде учествуваа граѓани и од Свети Николе, во Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Центар, Куманово, како и во Кочани, која беше наменета и за граѓаните од Виница и од Берово.

Главна цел на овие настани, како што се наведува, е да овозможат едукација за проблемот со булингот, додека родителите имаат прилика да разговараат со психологот, но и да ги споделат своите искуства по ова прашање. Учесници на овие работилници се и претставници на стручните служби на училиштата во општината, кои најдиректно работат со учениците во случаи на врсничко насилство.

Во првата фаза од општествено одговорната кампања „Макпетрол“ организираше работилници во повеќе од 150 основни училишта на кои учениците имаа можност од психологот да слушнат како да се справат со булингот, но и да споделат свои гледишта и искуства по ова прашање. Овие едукативни средби се одржаа во основните училишта од 26 општини со кои што компанијата потпиша меморандуми за соработка и кои директно се вклучија со поддршка на кампањата.

Интернет-страницата kreniglas.mk е централна платформа на кампањата на „Макпетрол“. Вебсајтот содржи едукативни материјали кои помагаат во препознавање и постапување во случаи на физичко, вербално, психичко, социјално и сајбер-насилство, кои се најчести форми на булинг. Со кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, компанијата придонесува да се подобри ситуацијата со булингот во земјава.

притисни ентер