Нигерија негира дека омикрон бил прв пат откриен во октомври

Нигерија ги потврди своите први случаи на омикрон, новата варијанта на коронавирусот.

Го нашле кај патници кои со авион пристигнале во таа африканска земја, велат тие. Но, Нигерија ја измени претходната изјава и сега тврди дека тие патници, кај кои е потврден омикрон, пристигнале во Нигерија минатата недела.

Првично, нигерискиот центар за контрола на болести (NCDC) рече дека ретроспективното секвенционирање на претходно потврдени случаи на ковид кај патници во Нигерија го идентификувале омикронот меѓу примероци собрани во октомври. Во изменетата изјава на NCDC не се споменува примерокот од октомври, а портпаролот рече дека примерокот содржел делта варијанта, а не омикрон, пишува Ројтерс.

Омикрон првпат е потврден во Јужна Африка пред една недела.

NCDC соопштил дека омикрон бил откриен кај „три лица со историја на патување во Јужна Африка“.

„Со оглед на тоа што омикрон е многу веројатно позаразен од другите варијанти, императив е да се воведат мерки за борба против ширењето на вирусот во заедницата“, велат од NCDC.

По денешниот состанок со нигерискиот претседател Мухамаду Бухари во Абуџа, јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса рече дека патните ограничувања се „строги и неправедни“, додавајќи дека економската штета ќе биде „значајна и долготрајна“.

Неколку земји воведоа ограничувања за патување во јужноафриканските земји, додека Хонг Конг и Канада им забранија влез на нерезидентните патници од Нигерија. Јужна Кореја соопшти дека открила омикрон кај целосно вакцинирани патници кои пристигнале од Нигерија минатата недела.

Податоците од други земји покажуваат дека варијантата циркулирала пред официјално да биде идентификувана во Јужна Африка и оттогаш е откриена во повеќе од десетина земји. Работата за утврдување дали омикрон е позаразен, смртоносен или отпорен на вакцини ќе трае со недели, заклучува Ројтерс.

Слика на Ботичели е продадена за 45 милиони долари

Ретка слика на Ботичели е продадена на аукција во Њујорк за 45 милиони долари.

Делото „Христос - Човек од болка“ е продадено за 39,3 милиони долари плус трошоци и провизии, за вкупно 45,41 милиони долари.

Се продавала по цена што ја надминала проценката на Сотби (40 милиони долари), но беше половина од рекордната цена постигната минатата година со сликата на тој италијански ренесансен мајстор „Младиот човек со медалјон“ (92,2 милиони долари).

Според експертите, сликата датира од почетокот на 16 век, од доцната фаза на делото на Сандро Ботичели (1445-1510) позната по неговите дела изложени во галеријата Уфици („Пролет“, „Раѓање на Венера“) , чии фрески ја красат и Сикстинската капела во Ватикан.

Аукциските куќи го искористија динамичниот пазар на уметност во 2021 година по падот на понудата во 2020 година поради пандемијата на Ковид-19.

Во 2021 година, Sotheby's имале најголем промет од своето постоење, 7,3 милијарди долари.

Денешната аукција, посветена на старите мајстори, се одржа во текот на утрото во Њујорк и на интернет за да им се овозможи на европските и азиските купувачи да учествуваат на неа.

Бајден: Во Врховниот суд за прв пат ќе членува Афроамериканка

Американскиот претседател Џо Бајден планира да најде замена за судијата на Врховниот суд Стивен Брејер до крајот на февруари и сака тоа за прв пат да биде Афроамериканка.

Судијата Стивен Брејер официјално му го објави своето пензионирање на Бајден во писмо објавено денеска. 83-годишниот судија планира да се повлече од функцијата кон средината на годината, доколку дотогаш Сенатот го потврди неговиот наследник.

„Не сум донел одлуки освен едно - личноста што ќе ја изберам ќе биде некој со исклучителни квалификации, карактер, искуство и интегритет, а таа личност ќе биде првата афроамериканска жена некогаш номинирана за Врховниот суд. Тоа требаше да се случи одамна “, рече Бајден, кој ги остварува ветувањата од кампањата за претседателските избори.

Заминувањето на Брејер по 27 години работа му дава прва шанса на Бајден да назначи некого во Врховниот суд, но тоа назначување нема да ја промени идеолошката рамнотежа на телото. Во моментов во судот има шест конзервативни судии, именувани за време на мандатот на републиканските претседатели, и тројца либерални.

Конзервативното мнозинство покажа голема подготвеност да ги измени законите за чувствителни прашања како што се абортусот и поседувањето огнено оружје. Претходникот на Бајден, Доналд Трамп, назначи тројца судии за време на неговиот четиригодишен мандат.

Обраќајќи се пред Белата куќа, Брејер зборувал за важноста разновидна нација како што е Соединетите држави да ги решава длабоките поделби со строго придржување кон законите.

Брејер беше назначен од Бил Клинтон и тој е заслужен за важни пресуди како што се правото на абортус и пристап до здравствена заштита, правата на ЛГБТ заедницата, а исто така ја доведе во прашање оправданоста на смртната казна.

Демократите во моментов имаат многу мало мнозинство во Сенатот, па затоа сакаат брз процес на назначување во тоа тело, секако пред среднорочните избори на 8 ноември, на кои републиканците се надеваат дека ќе го вратат мнозинството.

Демократите и либералните активисти затоа ја поздравија одлуката на Брејер да се пензионира во време кога мнозинството во Сенатот сè уште е на страната на демократите, давајќи му можност на Бајден да назначи помлад судија кој може да служи со децении. Според Уставот на САД, девет членови на Врховниот суд се назначени од претседателот доживотно и се потврдени од Горниот дом на Конгресот, Сенатот.

Пристигнува Alfa Romeo Tonale, се појави и промотивна снимка (ВИДЕО)

По неколку одложувања, Alfa Romeo конечно го објави датумот на премиерата на новиот кросовер.

Тоа е Tonale, а премиерата е закажана за 8 февруари. Во пресрет на тој голем ден за брендот, но и за целата италијанска автомобилска индустрија, Alfa Romeo објави најавно видео.

Кратко е и не открива многу, но дава увид за предниот дел на возилото, како и поглед на таблата со инструменти во кабината. Ако го следиме концептот од 2019 година, не би требало да има изненадувања во поглед на дизајнот, а токму тоа го потврдува и видеото. Позициониран под моделот Stelvio, новиот Tonale ќе се нуди во многу убедлива палета на мотори.

Според досегашните информации, треба да се понуди plug-in хибрид со 1.3, турбо бензинец со 240 КС, како и две верзии на послабиот четирицилиндричен мотор , со почетна моќност од 130 и благиот хибрид со 160 КС. Исто така, се уште не е исклучен дизел со 130 КС.

притисни ентер