Во соопштението се вели дека доказ за тоа е фактот дека „луѓето кои не биле вклучени во конфликтот“ биле евакуирани од зградата во Газа, во која се наоѓале канцелариите на повеќе светски медиуми, пред израелските сили да ја демолираат, пренесува Ројтерс.
Инаку, Саудиска Арабија ги покани министрите за надворешни работи на Организацијата за исламска соработка (ОИС), најголемото тело на муслимански држави во светот, за утре да одржат состанок, пренесува АП.
Наведено е дека тие ќе разговараат за израелските акти на насилство врз Палестинците и употребата на израелска полициска сила врз демонстрантите во џамијата Ал-Акса во Ерусалим.
Палестина повика на итен состанок на меѓународните посредници за Блискиот исток - Русија, САД, Обединетите нации и ЕУ на ниво на министри за надворешни работи, изјави палестинскиот амбасадор во Русија Абдел Хафиз Нофал за ТАСС.
„Веруваме дека рускиот пристап е конструктивен и дека не само што треба да остане на тоа, туку треба и да се развива. Потребно е да се одржи состанок на министрите за надворешни работи на блискоисточниот квартет во Москва или каде било. Ова е потребно за да се запре опасниот тек на настаните ", рече Нофал.
Во израелски воздушен напад врз трикатна куќа во бегалски камп во градот Газа утрово загинале 10 Палестинци, претежно деца. Две жени и осум деца биле убиени во најсмртоносниот единствен напад од судирот со Хамас во Газа претходно оваа недела, пренесува АП.