Неопходните здравствени работници во Чешка, иако заразени со корона, ќе може да работат

Владата на Чешка ќе дозволи асимптоматските здравствени работници за итни случаи и персоналот за социјална заштита за кои е потврдено дека се заразени со коронавирус да продолжат да работат, соопшти Министерството за здравство.

Новите правила се помалку амбициозни отколку што претходно било предложено од владата, која што соопштила дека составува поширок список на неопходниот персонал, вклучувајќи ги службите за итни случаи, полицијата и работниците од енергетската индустрија, кои би можеле да бидат вклучени во програмата.

Потегот на Чешка е најновото олеснување на мерките во Европа. Европските земји се обидуваат да најдат начин да го одржат работењето на службите, а во исто време да не ја шират заразната варијанта омикрон. Министерот за здравство Властимил Валек им рече на новинарите дека владата се надева дека ќе успее да се справи со бранот омикрон инфекции, одговорен за повеќе од 10.000 заразени луѓе дневно.

Оние кои треба да продолжат да работат ќе можат само да одат на работа и да се враќаат дома. Ќе мора да носат маски и да јадат во посебни простории, рече министерот и додаде дека со новите мерки ќе бидат опфатени неколку стотици работници, а ќе се повикуваат само по потреба.

„Ќе бидат воспоставени мерки за да се обезбеди нулта ризик од инфицирање на работната сила“, рече тој.

Владата веќе наредила од понеделник тестирање во училиштата, а работниците ќе мора да се тестираат двапати неделно. Валек предвидува дека ќе има до 20.000 инфекции дневно до почетокот на следната недела, а можеби и до 50.000 до крајот на истата недела. Валек повторил дека стратегијата на владата е да го забави ширењето на омикрон меѓу населението и да се избегне колапс на болниците.

ЕСМ прави анализи за набавката централа за производство на струја на дизел

Андонов напомена дека веднаш по изработка на сите потребни податоци, јавноста на најтранспарентен начин ќе биде информирана за деталите. 

Иницијативата за набавка на централа која од дизел ќе произведува електрична енергија е во насока да се зголеми домашното производство на струја, изјави денеска советникот за енергетика во Владата, Виктор Андонов, одговарајќи на новинарско прашање.

Оваа одлука за набавка на централа која од дизел ќе произведува електрична енергија беше донесена на една од последните седници на Владата. Андонов напомена дека во изминатиов период пристигнуваат најразлични понуди во насока на зголемување на производството на електрична енергија, пред се на домашната.

– Имајќи предвид дека сме силно зависни од увоз на електрична енергија и токму оваа иницијатива е во насока да се зголеми домашното производство преку инсталирање на такви постројки, кои можат да се инсталираат многу брзо и да го зголемат домашното производство, додаде Андонов.

Во однос на конкретниот заклучок, како што потенцираше Андонов, ЕСМ е задолжена да ги направи сите потребни економски и технички анализи и да презентира пред Владата кои се опциите за набавката на конкретната електрана која би работела на дизел.

Андонов напомена дека веднаш по изработка на сите потребни податоци, јавноста на најтранспарентен начин ќе биде информирана за деталите.

Над 130 домаќинства во Лисиче добија еколошки уреди за греење и енергетско-ефикасни фасади

Во дворот на основното училиште „Димитар Македонски“ во населба Лисиче денеска се одржа завршниот настан од проектот „Справување со загадувањето во Град Скопје“, кој во изминатиот период низ неколку фази се реализираше во Општина Аеродром.

Проектот е финансиран од Шведската амбасада со поддршка на УНДП, а опфати енергетска обнова на 130 домаќинства во населба Лисиче, при што беа спроведени сет мерки за енергетска ефикасност, вклучително и замена на старите и неефикасни уреди за греење, чија крајна цел е справување со загадувањето на воздухот.

„Шведска го поддржа УНДП во овој проект кој им помогна на речиси 130 домаќинства да ги направат своите домови помали загадувачи, со почист воздух во затворените простории. Тоа, исто така, го поевтини нивното загревање во текот на зимските месеци, што јасно покажува дека може да се изнајдат решенија што ќе ги опфатат сите“, изјави шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин на денешниот настан.

Градоначалникот Тимчо Муцунски го потенцираше значењето на овој проект кој е од огромна помош за жителите што се најпогодени од проблемот со загадувањето.

„Како Општина сме посветени на изнаоѓање трајни решенија при справувањето со загадениот воздух, но секогаш треба да целиме кон повеќе. Од клучно значење за квалитетот на животот во Аеродром е да креираме модели со кои ќе придонесеме за намалување на загаденоста, а некои веќе даваат и конкретни резултати.“

Имплементацијата и спроведувањето на овој проект почна со поставување станици за мерење на загадувањето на воздухот на повеќе локации.

Општина Аеродром останува отворена за соработка со сите фактори во општеството кои на свој начин придонесуваат за подобрување на животната средина и создавање здрава и чиста околина. Oпштината досега реализираше конкретни чекори како што се субвенциите за електрични тротинети и велосипеди, енергетски ефикасни фасади на домовите и училиштата, фотоволтаици на сите училишта и градинки, редовното чистење на депониите, бришењето на маркиците за градба и изградбата на неколку нови паркови се само дел од овие чекори во процесот за подобрување на животната средина. Проектот „Чист Аеродром“ или „Clean AirDrom“ – Нула цврст отпад, финансиран од Европската Унија е само уште една потврда за нашите заложби поврзани со здравата и чиста животна средина.

Општина Аеродром

Подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025

Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за почеток на подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025. 

Министерство за информатичко општество и администрација како национална контакт точка и ресурсен центар за управување со квалитет, е институција која ги координира процесите и активностите во оваа област на национално ниво.

Како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), со воспоставување одржлив процес на управување со квалитет во јавниот сектор, земјава се приклучува кон европските трендови за воспоставување на квалитет во работата на јавната администрација и модернизација на јавните услуги.

-Воведувањето и постигнувањето норми на извонредност ќе обезбеди поуспешно спроведување на сите тековни реформски иницијативи, особено во процесот на европска интеграција, за што е потребен добро развиен капацитет, модерно и ефикасно управување и навремено остварување на поставените цели, стои во соопштението.

МИОА со IN-COUNTRY SUPPORT механизмот на Регионалниот центар за управување со квалитет од Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), во вториот квартал на 2022 година почна со подготовка на новиот Национален план за управување со квалитет 2023-2025 година, кој е предвидено да биде и дел од новата Стратегија за реформа на јавна администрација 2023-2030.

– Експертите ангажирани за изработка на овој документ, заедно со тимот за управување со квалитет на Министерството, организираа неколку консултативни средби на кои се договараше опфатот и структурата на Националниот план, а работната група составена од претставници на релевантни засегнати страни организираше и работен состанок на кој се излистаа потребите на институциите поврзани со управување со квалитет. Новиот Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор 2023-2025 според планираното ќе биде готов во ноември 2022 и ќе биде доставен до Владата на усвојување, се вели во соопштението.

Успешната реализација на активностите од Национален план за управување со квалитет 2018-2020 кој беше дел од Стратегијата за реформа на јавна администрација 2018-2022, како што се наведува, покажа дека постоењето на еден ваков документ е од голема важност за постигнување на поставените цели за ефикасно работење на институциите и обезбедување квалитетни услуги за граѓаните.

притисни ентер