Неготино има јаглен, ама лозари не сакаат да бидат рудари

 Неготино има јаглен, ама лозари не сакаат да бидат рудари, коментираат од регионалното Здружение на граѓани ,,Ековита”, во време на енергетска криза и кога станува актуелно и наоѓалиштето на јаглен во неготинско.

Дури и во време на енергетска криза како сега, екологистите од Здружението од Неготино, сметаат дека предност треба да му се даде на природниот гас кој е еколошки, пред јагленот кој ја загадува околината. И да се бараат алтернативни незагадувачки извори на енергија.

– Според податоците со кои располагаме како регионално здружение за заштита на животната средина, развиените земји во светот се обврзаа да престанат да го користат јагленот до 2025 година, со цел да се поттикнат инвестициите во обновлива енергија и енергетска ефикасност на објектите. Евентуалното ископување на јаглен во Тиквешко како најголем лозаровинарски регион во државата, би значело, меѓу другото и крај за лозаровинарството. А вложуваме толку многу напори во промоција на македонското вино и развој на винските патишта, дециден беше Сашко Тодоров, дипломиран инжинер биолог и претседател на ,,Ековита”, во изјава за МИА.

Тој потсети дека месноста Тимјаничка Цуцка кај Неготино крие јаглен, но беше дециден дека неговата евентуална експлоатација не оди во прилог на животната средина. Како биолог рече дека знае оти резервите на јаглен настанале при сушењето на некогашното Тиквешко Езеро, на чие место подоцна настанала Тиквешката котлина. Тие се протегаат кон селата Дисан, Тремник и Тимјаник, а од едната страна и кон градот Неготино.

Наоѓалиштата на јаглен не им се непознати на локалните жители, потврди Тодоров. Во минатото кавадарчани и неготинци се грееле на ќумур.

– Топлината од ќумурот беше толку силна што гореа тенките ќумбиња, раскажуваат дел од тиквешани со кои разговараше МИА на оваа тема.

Тие рекоа дека и сега некои вадат јаглен, особено од местата од кои пороите ја однеле земјата, а ќумурот излегол на површина.

Инцидент во грчкиот Парламент – пратеник физички нападна друг пратеник

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Независниот пратеник Константинос Флорос, кој беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, претпладнево физички го нападнал пратеникот од Грчко решение Василис Граменос во Парламентот, пред салата во која се одржува пленарната седница, јави дописничката на МИА од Атина.

На инцидентот му претходела вербална расправија во самата сала, што во ходникот се претворила во физичка пресметка, кога Флорос со тупаници го нападнал Граменос.

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за насилното однесување на пратеникот побара највисока казна предвидена со правилникот на работа, односно исклучување на Константинос Флорос од Парламентот на 15 дена, а паралелно ќе биде побарано и одземање на пратеничкиот имунитет и кривично да одговара.

Флорос на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, која подоцна ја напушти и стана независен пратеник.

Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис кој издржува затворска казна./МИА

ДИК: До 11 часот излезноста 12,78 отсто или 229.473 гласачи

До 11 часот излезноста на првиот круг претседателски избори е 12,78 отсто или на гласање излегле вкупно 229.473 граѓани. 

Како што е објавено на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија (ДИК), овие проценти се врз основа на обработени 3 418 избирачки места од вкупно 3 508 во општините на територијата на целата држава.

Кина го осуди одобрувањето на пакетот американска воена помош за Тајван

Кина денеска го критикуваше одобрувањето на новиот пакет американска воена помош за Тајван, наведувајќи дека со тоа островот се става во „опасна ситуација“.

Американскиот Сенат синоќа одобри воена помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван по неколку месеци одложување и дебата за тоа колку САД треба да бидат вклучени во војни во странство.

Од тоа, осум милијарди долари беа наменети за Тајван, со цел да се спротивстави на кинеската закана од инвазија.

Кина смета дека Тајван, кој прогласи независност, е дел од нејзината територија и се закани дека таа позиција ќе ја брани со сила доколку е потребно.

Кинеската канцеларија во Тајван соопшти дека помошта „сериозно ги прекршува“ обврските на САД кон Кина и „испраќа погрешен сигнал до тајванските сепаратистички сили“. /МИА

притисни ентер