Не треба да се врзуваме со датуми за почеток на преговорите со Еу, тврди Ковачевски

Пред  речиси еден месец до самитот на Европската Унија на кој ќе се одлучува за  евентуално започнување на процесот на интеграција на Македонија во Унијата, се уште нема доближување на ставовите во спорот помеѓу Скопје и Софија.

Премиерот Димитар Ковачевски вели не се обврзува со датуми бидејќи најважно според него е да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за двете држави..

-Во овој момент министерствата за надворешни работи како и досега комуницираат помеѓу себе, тие немаат усогласено документ кој што може да биде основа за носење на одлуки во двете држави. Што се однесува на јуни како датум, точно е дека тогаш ќе има Самит на Европската Унија меѓутоа ние воопшто не се врзувавме со датуми.-Димитар Ковачевски.

И бугарскиот премиер Кирил Петков истакна дека разговорите продолжуваат и најави посета на Македонија на 22 мај, на која вели дека нема да биде потпишано ништо конкретно.

Македонска делегација ќе го посети Ватикан за одбележувањето на празникот на Сесловенските просветители Кирил и Методиј но Ковачевски не прецизираше дали со нив ќе патува и бугарската делегација, како што беше случај минатата година, кога во Рим заедно отпатуваа претседателите Пендаровски и Радев.

Ковачевски во однос на барањата за лидерска средба од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека е спремен да разговара за важни стратешки прашања кои ја определуваат иднината на Македонија, но не и за барањето за предвремени парламентарни избори.

-Нормално е политичките партии да се гледаат, меѓутоа во државава постојат институции, институцијата која ги обединува и во која работат сите политички партии, претставници на граѓаните на Македонија е Собранието.-Димитар Ковачевски.

Тој додаде дека во моментот гледаме што се случува во Собранието, каде што има класичен бојкот и практично блокада во која не се овозможува низ една парламентарна дебата да се разговара за унапредување на Законски решенија.

Кина: Регистрирани инфекции на Ковид-19 од непознато потекло на границата со С. Кореја

Регистрирани инфекции на Ковид-19 од непознато потекло во близина на границата со Северна Кореја.

Кинеското Министерство за здравство денеска соопшти дека во северноисточната провинција Џилин што се граничи со Северна Кореја се регистрирани локални трансмисии на Ковид-19 од непознато потекло.

Жариштето почнало да се шири од пограничните области кон внатрешноста на покраината, изјави претставникот на државната Национална здравствена комисија, Леи Женглонг.

Покраината, исто така, во мал дел се граничи и со Русија, но Леи не прецизира на кој дел од границата се појавило жариштето и колку случаи се регистрирани.

Овој месец Северна Кореја ги објави првите случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата, прогласувајќи вонредна состојба и воведувајќи затворање.

Агенциите пренесуваат дека бројот на дневни пациенти во Џилин претходните пет дена е едноцифрен, а најголем број случаи се пријавени на места во близина на Северна Кореја.

Провинциските власти не потврдија дека во изминатиот период има зголемен број пациенти кај меѓународните патници.

Провинцијата Џилин пред неколку седмици го укина „локдаунот" откако беше сузбиено и последното жариште на коронавирусот.

Од минатиот месец во прекин е товарниот сообраќај меѓу Кина и Северна Кореја поради Ковид-19.

Ковачевски за Отворен Балкан: Бариерите паѓаат, а ние се поврзуваме побрзо

Со Отворен Балкан ги отстрануваме работните дозволи и ги признаваме дипломите. Бариерите паѓаат, а ние се поврзуваме побрзо, истакна премиерот на Република Македонија, Димитар Ковачевски.

По денешниота видео-конференциски состанок со српскиот претседател, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека разговарале за забрзување на имплементацијата на проектите во рамките на Отворен Балкан.

– На самитот во Охрид на 7 и 8 јуни фокусот ќе биде насочен на туризмот и културата, најави премиерот.

Вучиќ, пак, по средбата на својот Инстаграм профил напиша дека Отворен Балкан е најдобрата иницијатива за народите на Балканот.

– Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Албанија и Македонија, порача Вучиќ на Инстаграм профилот „будучностсрбијеав", заедно со фотографии од видео-конференцијата.

На средбата присуствувале и српскиот министер за финансии, Синиша Мали, министерката за трговија, Татјана Матиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж.

На почетокот на јуни во Охрид се очекува средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан", на која ќе присуствува и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.

Реакција на СДСМ на изнесени ставови на Христијан Мицкоски

Мицкоски да не бега туку да одговори дали знае каде завршиле парите од „Криминалните парцели", дали во ВМРО-ДПМНЕ?

Христијан Мицкоски наместо да бега од одговори и да ја замајува јавноста глумејќи жртва, да каже јасно пред граѓаните дали украдените пари од сметката на ЕВН Електрани завршила за финасирање на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ? Или пак во чии џебови завршиле 1,6 милиони евра од „Криминалните парцели"?

Како што веќе објавија медиумите дури шестмина од седумте осомничени за малверзации со ниви во Делчево се директно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.

Како прв човек во ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски треба да одговори дали по негови инструкции работеле осомничените, за ЕВН да плати 50 пати поскапо земјиште за соларни централи?

Прашуваме дали Мицкоски ја искористил познатата шема на неговиот претходник Никола Груевски и преку својот телохранител ги затскривал трагите за испумпување на пари од ЕВН?

Прашањата се јасни и едноставни, Мицкоски треба да одговори.

СДСМ

притисни ентер