НБ: Продолжува растот на депозитите и на кредитната поддршка

Паричната маса во јуни годинава, бележи месечен раст од 1,1 отсто што во најголем дел се должи на зголемените депозитни пари, а во помала мера и на долгорочните депозити до две години и краткорочните депозити, при пад кај готовите пари во оптек.

Годишниот раст изнесува 8,3 отсто и главно е резултат на повисоките депозитни пари, при помал позитивен придонес и на краткорочните депозити и готовите пари во оптек, а во услови на забележан пад кај долгорочните депозити до две години, информираат од Народната банка (НБ).

-Вкупните депозити на годишна основа, се повисоки за 6,8 отсто, при раст кај двата сектора, кој е поизразен кај корпоративниот сектор. На годишно ниво, вкупните кредити бележат раст од 5,1 отсто, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства", прецизираат од НБ.

Според нив, вкупните депозити на корпоративниот сектор, овој месец, се повисоки за 3,1 отсто на месечна основа.

-Растот во најголем дел е резултат на зголемените депозитни пари, при помал позитивен придонес и на долгорочните депозити во странска валута, во услови на пад кај останатите компоненти. Годишната стапка на раст изнесува 16,7 отсто, главно поради зголемените депозитни пари, при позитивно влијание и на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, во услови на остварен пад кај останатите компоненти, велат од НБ.

Кај кредитите на корпоративниот сектор, прецизираат, во јуни е забележан месечен и годишен раст од 0,6 и 1,2 отсто.

-Нагорната промена, пред сè, се должи на зголемените кредити во странска валута, а позитивно, но помало влијание имаат и кредитите одобрени во денари, истакнуваат од НБ.

Кај вкупните депозити на домаќинствата, пак, е остварен месечен раст од 0,3 отсто што, според НБ, најмногу произлегува од зголемените краткорочни депозити во странска валута, а во позитивна насока влијаат и долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари, во услови на пад кај останатите компоненти.

-На годишна основа, депозитите на домаќинствата растат за 4,2 отсто под влијание на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при пад кај останатите компоненти. Кредитите на домаќинствата, овој месец, се зголемија за 1,3 отсто, во споредба со претходниот месец, како резултат на зголемувањето на кредитите во двете валути, малку поизразено кај кредитите во странска валута. Годишното зголемување изнесува 8,7 отсто и во поголем дел произлегува од денарските кредити, при позитивен придонес и на кредитите во странска валута, прецизираат од НБ.

Гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, додаваат, во јуни потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечно зголемување од 1,3 и 1,9 отсто, а годишниот раст изнесува 7,9 и 14,7 отсто.

-Во јуни, автомобилските кредити, се намалени на месечно и годишно ниво за 2,9 и 17,1 отсто. Кредитите одобрени на кредитни картички, овој месец, се зголемија за 0,5 отсто на месечна основа, додека на годишна основа тие се намалени за 8,9 проценти. Кај негативните салда на тековните сметки, во јуни, е остварен месечен пад од 0,4 отсто, а на годишно ниво растат за 3,4 проценти. Кредитите одобрени врз други основи во јуни остварија месечен раст од 0,6 отсто, при годишен пад од 6,6 проценти, посочуваат од Народна банка.

„Дубаи мол“ лани го посетиле рекордни 105 милиони луѓе

 Сопствениците на „Дубаи мол“ во Обединетите Арапски Емирати, сооопштија дека трговскиот центар лани го посетиле рекордни 105 милиони луѓе, што го прави најпосетуваното место во светот во 2023 година.

Така, трговскиот центар стана светска атракција, според управителите, привлекувајќи посетители од целиот свет. Управата наведува и дека е забележан скок од над 19 отсто во однос на 88 милиони во 2022 година. А пак, само во првите два месеци од оваа 2024 година, забележани се 20 милиони посетители, така што и годинава „Дубаи мол“ најверојатно ќе постави нов рекорди.

- Овие бројки го одразуваат импресивниот статус на трговскиот центар во Дубаи и го одразуваат напредното лидерство на Дубаи и силната економија. Нашиот трговски центар го отелотворува живиот дух на градот и посветеноста на извонредноста, претворајќи ја визијата на менаџментот во реалност. Како составен дел од економското ткиво на Дубаи, ние играме клучна улога во неговиот успех и иновативност, рече Мохамед Алабар, основач на компанијата „Емаар“ којашто управува со трговскиот центар.

„Дубаи мол“ има околу 1.200 продавници на познати брендови облека, обувки, модни додатоци, апарати за домаќинство итн, а тука се наоѓаат и околу 200 ресторани и кафулиња. Уште една причина за посетеноста е и аквариумот, каде што живеат 33.000 животни. /МИА

Куќен притвор од 48 часа за две лица поради убиството на лекарот во Железара

Куќен притвор во траење од 48 часа е определен за две од лицата кои беа задржани за убиството на докторот во скопската населба Железара, соопшти утринава Јавното обвинителство. 

Оттаму информираат дека ваква мерка е побарана со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази.

- Јавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство, синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор, во траење од 48 часа, за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара. Тоа, со оглед на тоа што сѐ уште се преземаат дејствија за обезбедување докази. Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена, се вели во информацијата од Јавното обвинителство.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изјави дека се приведени вкупно три лица поврзани со убиството на лекарот.

- Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена, изјави Тошковски, при посетата на општина Босилово.

Шеесет и седумгодишниот лекар, минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил. Според првичните информации, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на жртвата.

Лек за слабеење кој ја зголемува плодноста кај жената

Лекот за дијабетес „Оземпик“ (Ozempik), којшто многу жени го користат и за губење килограми, има уште еден „неочекуван ефект“ - бременост, објави „Пипл“ (People).

Дека сè ова не е случајност, се чини, укажува тоа што на интернет сè почесто се појавуваат приказни за жени кои забремениле поради „Оземпик“... Се покажа дека тој лек некако „ги неутрализира“ контрацептивните средства коишто корисничката ги зема во истовреме... А пак, други си се сметале за неплодни, па бременоста ги изненадила. Така, една жена раскажува дека не можела да забремени неколку години, па со партнерот им успеало откако таа два месеци редовно земала „Оземпик“ заради слабеење. И, родила здраво дете.

Се испостави дека самото губењето тежина, всушност, влијае врз плодноста и општото хормонално ниво.

- Дури и ако се работи за само неколку килограми, тоа веќе може да доведе до продолжување на овулацијата кај жената и таа ќе може да забремени. Нашите масни клетки произведуваат естроген, којшто може да има негативен ефект врз нашите јајници и овулацијата. Тоа може негативно да влијае и на слузницата на ендометриумот, вели акушер-гинекологот Иман Салех.

Покрај тоа, „Оземпик“ со својата формула го намалува и ефектот на контрацептивни лекови, што бара дополнително внимавање додека се зема овој лек.

Сепак, лекарите забрануваат земање на лекот само заради бременост - тоа е премногу опасно и за мајката, а потоа и за детето.

„Испитувањата на стаорци, зајаци и мајмуни покажуваат дека лековите за слабеење може да предизвикаат и спонтан абортус и вродени деформитети ако се земаат за време на бременоста. Сè уште нема студии за луѓе. Жената, исто така, треба да престане да зема лек за слабеење најмалку две недели пред бременоста“, препорачува компанијата-производител на лекови, „Ново Нордиск“.

Опасностите се, сепак, преголеми за да се експериментира на себе, според лекарите. /МИА

притисни ентер