Народна банка: Граѓаните и компаниите сè повеќе плаќања вршат преку кредитните трансфери и платежните картички

 Граѓаните и компаниите сè повеќе плаќања во земјата вршат со посредство на банките преку користење на кредитните трансфери и платежните картички. 

Вкупниот број плаќања извршени минатата година забележа годишен раст од 11,7 отсто при што е забележан поизразен раст на користењето на платежните картички, со што нивното учество во вкупните плаќања се зголеми и се изедначи со учеството на плаќањата преку кредитни трансфери, покажуваат податоците од Годишната информација за плаќањата во 2019 година, што на седница ја разгледа Советот на Народната банка.

Во однос на кредитните трансфери, во рамки на Годишната информација нагласено е дека електронските кредитни трансфери растат засилено во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија. При годишен раст од 5,2 отсто на вкупните кредитни трансфери минатата година, електронски иницираните кредитни трансфери растеле побрзо со стапка од 6,2 отсто во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија, коишто се зголемија за 4,4 отсто.

Според платежната статистика за минатата година, плаќањата со картички стануваат сè поприсутни во секојдневното купување на производи и услуги.

Податоците покажуваат дека продолжува интензивниот раст на плаќањата во трговијата со платежни картички и на годишна основа во 2019 година изнесува 20,7 отсто. Воедно, се зголемува и бројот на трансакции на физичките места на продажба со 20,4 отсто, но уште посилно растат плаќањата со картички на интернет со 29 отсто на годишна основа. Притоа, процентот на население во земјата кое купува преку интернет се зголемува постојано и минатата година достигна 29 отсто од населението кое користело интернет.

На седницата, Советот разгледал и донел нова Одлука за методологијата за управување со ликвидносниот ризик, со којашто се прави понатамошно усогласување на домашната регулатива со базелските стандарди (Базел III) и пред сѐ со одредбите на Регулативата на Европската Унија бр. 575/2013, како и со нејзините придружни акти, коишто се однесуваат на базелскиот ликвидносен стандард – стапка на покриеност со ликвидност (Liquidity Coverage Ratio – LCR).

Меѓу другото, со донесената одлука се воведуваат значајни новини во врска со стапката на покриеност со ликвидност на банките, што претставува сооднос помеѓу висококвалитетната ликвидна актива и нето паричниот одлив и се пресметува на месечно ниво, врз основа на состојбата на крајот на секој месец.

-Со оваа Одлука се воведува нов ликвидносен стандард за нашиот банкарски систем, со којшто покрај тоа што се врши усогласување со европската регулатива, може да се влијае позитивно и врз развојот на домашниот финансиски пазар. Поконкретно, меѓу другото со Одлуката се пропишуваат различни видови финансиски инструменти коишто банките ќе можат да ги користат за добивање ликвидност. Оттука, се очекува по отпочнувањето на примената на оваа Одлука да се зголеми мотивираноста за појава на нови инструменти на домашниот пазар или евентуално за вложување на домашните банки во нови инструменти на странските пазари, се вели во соопштението од народната банка.

Со оглед на новините кои се воведуваат со Одлуката и потребата за соодветно приспособување на системите на банките кон новите барања, од Народната банка таа ќе се применува од почетокот на следната година. Со отпочнување на примената на Одлуката и воведувањето на стапката на покриеност со ликвидност, ќе престане обврската за банките за утврдување и одржување на постојните стапки на ликвидност до 30 и 180 дена.

МОН подготви концепт за далечинско учење од септември, предлози и сугестии до петок

Министерството за образование и наука објави нацрт-верзија на Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава.

Изработката на документот е иницирана од промените во начинот на реализација на воспитно-образовниот процес на глобално ниво поради пандемијата предизвикана од појавата и ширењето на вирусот КОВИД-19.

– Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност, велат од Министерството за образование и наука.

МОН го подготви Концептот за учење од далечина заедно со Министерството за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат и Државниот испитен центар, во соработка со УСАИД, УНИЦЕФ, Македонскиот центар за граѓанско образование-МЦГО, наставници од основните и средните училишта и од високообразовните установи во земјава, како и повеќе експерти од областа на образованието и ИКТ-сферата.

Од МОН наведуваат дека сите заинтересирани најдоцна до 10 јули 2020 можат да придонесат во подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ со доставување предлози и сугестии на електронската адреса: mitkoceslarov@bro.gov.mk .

Поради опасност од ширење на заразата со КОВИД-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми пред крајот на учебната година за МИА изјави дека се разгледува и сценариото како ќе се постапи ако се соочиме со исти или полоши околности на почетокот од 2020/2021 година.

– Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.

Се влошува состојбата со вирусот во регионот, дел од државите повторно воведуваат вонредна состојба

Земјите од регионот почнаа да размислуваат за враќање на рестриктивните мерки, откако ситуацијата со коронавирусот повторно ескалираше со зголемен број на заразени и починати. 

Предвременото олабавување на мерките во Србија ја втурнаа државата во нова здравствена криза, а вонредна состојба веќе е прогласена во неколку градови. Во еден од најпогодените, Нови Пазар, поради исполнетите капацитети во болниците, беше објавена и потресна фотографија од девојче како прима инфузија пред болницата. Србија до сега има над 16 илјади заболени и преку 300 починати. Дел од здравствените власти во оваа држава, по изборите кои се одржаа минатиот месец, почнаа да ја менуваат реториката и да повикуваат на почитување на мерките.

-Очекувавме дека топлината ќе ја убие Короната, како што најавуваа и членовите на кризниот штаб?Значи не може да се каже дека е целосно изненадување ова, изненадување е тој експлозивен пренос на вирусот, со самото намалување на мерките, сосема јасно можеше да се очекува да дојде до некое зголемување на преносот, но исто така можеше да се очекува дека со топлото време вирусот да се изгаси. Тоа го очекувавме,Но, тоа не се случи? Не се случи, и тоа е јасно,вели Предраг Кон – Епидемиолог.

Лошата епидемиолошка слика на Србите им ја спушти и рампата кон Егејското море. Грчките власти повторно одлучија да забранат влез на српски туристи, овој пат до 15 јули. Но, на дел од нив пак кои на бугарско-грчката граница поминаа цел ноќ сепак им беше дозволен влез.

Во Црна Гора пак, која до неодамна имаше мал број на заразени, се погласно се размислува и за воведување на карантин на главниот град Подгорица.

-Во моментов ситуацијата е сериозна, мислам дека граѓаните ја разбраа сериозноста, мислам дека се однесуваат дисциплинирано и дека понатамошната примена на мерките ќе има ефект врз и одговорноста што ја имаме кон самите себе и семејствата,изјави Небојша Кавариќ – Член на кризен медицински штаб.

Од регионот поради зголемениот број на случаи и Косово најави воведување на полициски час во четири градови, вклучително и во Приштина. Тамошниот премиер Хоти најави зголемен број на тестирања, но реорганизација на клиничкиот центар, а на располагање ќе бидат ставени и приватните болници.

притисни ентер