Најмногу снег на Попова Шапка, најстудено во Берово и Струмица

На Попова Шапка утрово во 7 часот има највисока снежна покривка од 44 сантиметри. Со пет степени под нула, најстудено е во Берово и Струмица, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Маврови Анови има 21 см наврнат снег, девет во Крушево, шест во Ѓуриште, пет сантиметри во Крива Паланка и Пожаране, четири во Тетово, три сантиметри снег се измерени во Скопје – Петровец, два см на мерната станица Скопје – Зајчев Рид и еден сантиметар снежна покривка има во Виница и Куманово.

Шест литри на квадратен метар воден талог во 24 часа се измерени во Охрид, пет во Тетово, четири во Крива Паланка, три во Пожаране и Крушево и еден литар на квадрат во Ѓуриште, Виница и Куманово.

Покрај Струмица и Берово, каде што се измерени -5, минусни температури утрово има и во Скопје-Петровец, и Гевгелија (-4), три степени под нула во Демир Капија, -2 во Скопје – Зајчев Рид, Битола и Штип и -1 степен во Крива Паланка, Тетово, Прилеп, Виница, Куманово и Крушево. Во Дојран се измерени 0 степени, два во Охрид и три степени во Претор.

УХМР соопшти дека во ноќните часови во западните и северните делови започнаа врнежи кои беа претежно од снег, само во југозападните делови имаше повремен дожд. Дуваше слаб до умерен ветер од северен правец.

За денеска најави облачно и студено со повремени врнежи од снег, особено претпладне. Врнежите најдолго ќе се задржат и ќе бидат пообилни во западните делови. Насекаде ќе се формира нова снежна покривка, освен во долниот тек на Повардарието.

Поради ниските температури, ќе има појава на голомразица. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. Кон крајот на денот врнежите ќе престануваат, а во источните делови облачноста ќе се намалува. Максималната температура ќе достигне од -2 до 5 степени.

Во Скопје времето ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Кон крајот на денот облачноста ќе се намалува. Максималната температура во главниот град ќе достигне 2 степена.

Рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај

Рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај се реализира според сите стандарди.

Градот Скопје апелира да не се манипулира јавноста со фотографии од претходната состојба на патеката и проектот кој опфаќа реконструкција на целиот мост, кој е во интерес на сите граѓани и да не се злоупотребува за дневно политички цели.

Рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај се реализира според сите стандарди и согласно проектна документација изработена од стручни лица.

По негативните реакции од јавноста во врска со изградбата на рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај, Град Скопје ја информира и уверува јавноста дека изградбата на патеката се реализира според сите стандарди за ваков вид патеки и согласно проектна документација изработена од стручни лица.

Со изградбата на оваа рампа на овој фреквентен потег ќе се овозможи полесен пристап до мостот во Сарај за сите граѓани, за лицата со потешкотии во движењето, за родителите со мали деца, велосипедистите и за рекреативците.

За да нема дополнителни заблуди во јавноста, Во прилог Ви испраќаме фотографии и видео анимација од проектот.

Вонреден коалициски совет вечерва во Софија, тема е Македонија

Четири коалициски партнери, две непотполно усогласени позиции.

Ќе го утврди ли Кабинетот на Петков финалниот став во однос на Македонија пред јунскиот самит, ќе се знае вечерва по вонредениот Коалициски совет свикан по барање на бугарскиот премиер. Засега со став се огласи само лидерот на умерената „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, кој повикува на прагматичност. Смета дека крајот на јуни како тајминг за кревање на ветото е тешко дофатлив, но не и невозможен, а клучното очекување на Софија е заштитата на човековите права во Македонија.

-Рокот е исклучително краток и од тој аспект не сум оптимист дека тоа може да се случи, но да видиме што француското претседателство може да предложи. Ние очекуваме гаранции дека Македонија ќе го промени Уставот и дека тие гаранции ќе станат дел од преговарачката рамка меѓу ЕК, ЕУ и Македонија. Треба внимателно и без многу хистерија да разговараме за можностите., вели Христо Иванов, претседател на Демократска Бугарија.

Дека во Кабинетот на Петков нема единствена позиција во однос на Македонија смета и бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров, според кого, бугарските социјалисти на Нинова и „Има таков народ“ на Трифонов веќе се изјасниле дека во моментов не се за промена на актуелната владина позиција.

-Премиерот Петков и неговата партија се за започнување на преговори на Македонија, а другите два коалициски партнери, партијата на Слави Трифонов и БСП се повеќе против. Така што, тоа биде основната тема на разговор оваа вечер. , вели за Канал 5, Владимир Владимиров, политички аналитичар.

Петков пред неколку дена посочи дека за кревање на ветото евентуалното решение треба да мине низ три фази и да биде потврдено во бугарското собрание. Дел од бугарската опозиција тврди дека владата попуштила пред меѓународниот притисок, пред се од страна на Вашингтон.

-Имаме информација дека бугарската влада подготвила решение со кое ќе ја пушти Македонија да го почне преговарачкиот процес. Нашата информација вели дека тоа ќе биде објавено многу брзо, со оглед дека како што знаеме минатата недела во посета ни беше висок американски дипломат, чија цел очигледно беше тоа. , изјави Костадин Костадинов, лидер на партијата „Преродба“.

Петков минатата недела го повика Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за состојбата со Македонија, но бугарскиот претседател му врати дека прво би сакал да ги чуе неговите позиции за прашањето.

Во Кавадарци јавно извлечени добитниците на субвенции за купување велосипеди

Во Кавадарци денеска јавно беа извлечени добитниците на субвенции за купување на велосипеди, откако претходно локалната самоуправа распиша јавен повик за надоместување на дел од трошоците на кавадарчани.

– Ова е со цел да се стимулираат жителите на кавадаречката општина за користење на велосипеди. Средствата што ги обезбедува локалната самоуправа, се во износ од 50 проценти од цената на велосипедот, но не повеќе од три илјади денари со вклучен персонален данок на доход по лице, појасни Наталија Славева-Тодорова, претседател на комисијата која се грижеше за регуларноста на извлекувањето.

Членот на комисијата, Радица Гркова појасни дека вкупно 120 кавадарчани имаа поднесено барања за субвенционирање на набавката на велосипеди. Меѓу другото, тие мораа да имаат доставено и доказ за купен велосипед.

За оваа намена, од општинскиот буџет обезбедени се финансиски средства, во износ од 300.000 денари.

притисни ентер