Две лица загинаа, осум се повредени, а шест се уште се водат како исчезнати откако руско беспилотно летало се урна во станбен блок во јужниот украински пристанишен град Одеса, соопштија властите.
„Русија продолжува да се бори против цивилите. Едно од непријателските беспилотни летала погоди станбена зграда во Одеса. Уништени се 18 станови“, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на Telegram.
Регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер, објави дека работите на чистење на урнатините се во тек и дека жив е извлечен еден маж, кој најверојатно бил во подрумот во моментот на нападот.
Украинските медиуми, повикувајќи се на локалните власти, јавија дека шест лица се уште се водат како исчезнати, пренесува Ројтерс.
Во областа Херсон, руските сили утринава извршија артилериски напад врз Станиславск, во кој загина едно лице, соопшти регионалното обвинителство, пренесува Укринформ.
Во регионот Суми, руските сили во текот на ноќта и утрото извршија 11 напади врз девет населени места во регионот, објавија локалните власти на Телеграм, пренесува Укринформ.