Во интервју за американски Њујорк пост, објавено денеска, напаѓачот Хади Матар изјави дека „прочитал неколку страници“ од романот на Ружди „Сатански стихови“ и дека идејата за нападот ја добил откако на Твитер видел дека писателот ќе биде гостин во Њујорк.
Токму поради таа книга Хомеини издаде фатва во 1988 година и ги повика муслиманите да го убијат Ружди. Техеран понуди награда од 3 милиони долари за тоа.
Ружди минатиот петок требаше да одржи предавање во местото Чаутауква во државата Њујорк за уметничката слобода, но 24-годишниот Матар го нападна со нож. Иако состојбата на 75-годишниот писател, роден во Индија и понатаму е критична, тој бил изваден од респираторот и почнал да зборува.
„Го почитувам ајатолахот. Мислам дека тој е одлична личност. Ќе кажам само толку за тоа“, ја цитира „Пост“ изјавата на Матар.
„Не ми се допаѓа толку многу“, рече за Ружди.
„Тој е некој што го нападна исламот, ги нападна неговите верувања и религиозниот систем“, нагласил напаѓачот, додавајќи дека гледал видеа од Ружди на Јутјуб. Тој ги отфрлил тврдењата дека бил во контакт со иранската Револуционерна гарда.
Семејството на Матар дошло во САД од Либан, најпрво се населило во Калифорнија, пред неговите родители да се разведат. Таткото се вратил во Либан, а мајката се преселила во Њу Џерси, пишува Њујорк Тајмс.
Мајката на Матар изјавила дека тој се вратил од патувањето на Блискиот Исток во 2018 година како променет човек и дека станал поповлечен и попосветен на исламот. По нападот на Ружди, мајката се одрекла од својот син и рекла дека не разговарала со него од инцидентот.
„Завршив со него“, изјавила таа за Тајмс.