САД сè уште имаат најголем број потврдени случаи на инфекција со коронавирус, 24.078.773 и се лидери според официјалниот број на смртни случаи, 399.003, според денешните податоци на страниците на универзитетската болница Џонс Хопкинс.
Следува Индија со повеќе од 10,5 милиони заразени.
На трето место со 8,5 милиони заразени е Бразил, земја со 210 милиони жители што вчера започна национална кампања за вакцинација против коронавирус, само еден ден по итното одобрение за вакцините СиноВак и АстраЗенека.
Русија е на четвртото место со повеќе од 3,6 милиони заразени. Русија денеска потврди 21.734 нови случаи на инфекција со коронавирус во последните 24 часа. Властите соопштија дека 586 лица починале во истиот период , со што бројот на смртни случаи дијагностицирани со ковид-19 во Русија достигна 66.623.
Рускиот здравствен регулатор Роспотребнадзор денеска објави, врз основа на резултатите од клиничките испитувања, дека втората руска вакцина против ковид-19, наречена EpiVacCorona, е стопроцентно ефикасна.
Велика Британија е на петтото место според бројот на заразени, со 3.443.350 и 90.031 смртни случаи, највисока стапка во Европа.
Британскиот министер за здравство Мет Хенкок деенска објави дека ќе биде во самоизолација до недела откако преку мобилна апликација бил предупреден дека контактирал со лице со позитивен тест за коронавирус.
Повеќе од 400.000 луѓе починале од ковид-19 во Европската унија, изјави денеска комесарката за здравство на Европската комисија, Стела Киријакидес.
Обраќајќи се пред Европскиот парламент, таа истакна дека изминатите десет месеци биле потешки за европскиот блок „отколку што можевме да замислиме“ и ја повика ЕУ да ја сврти страницата со помош на моќното оружје, бидејќи две вакцини се веќе одобрени и следуваат нови одобрувања.