Над 400 учесници на 8. самит „Македонија 2025"

Домашни, регионални и странски експерти од областа на бизнисот, економијата, претприемништвото, лидерството, иновациите и технологиите учествуваат на 8. самит „Македонија 2025" што официјално почнува денеска.

На отворањето на самитот се најавени обраќања на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, како и на Ана Арсов, претседавачка на самитот и членка на Одборот на директори на „Македонија 2025", Вера Ставроф, претседавачка на Одборот на директори на „Македонија 2025" и Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на „Македонија 2025".

Најавени се над 400 учесници и над 15 панел-дискусии, неколку засебни тематски сесии, интерактивни настани за вмрежување. Главни теми на самитот се работните вештини и иновациите што можат да помогнат во намалување на загадувањето. Ќе се говори и за глобалните и геополитички трендови, можностите за финансирање мали и средни претпријатија, семејните бизниси, успешните македонски платформ-компании…

„Глобални геополитички трендови и импликации за регионот", „Југоисточна Европа: раст на неизвесноста или посветла иднина", „Иднината на работните места и вештините", „Културата во семејните бизниси: сопственции и сите други" и „Македонски дигитални платформ-компании", се темите на панел-дискусиите што се на денешната агенда на самитот.

Во пресрет на официјалното отворање на самитот, вчера се одржа бизнис-натпревар на средношколци, како и натпревар на стартапи./МИА

Рекорден раст на новозаболени во Украина

Во последните 24 часа во Украина се регистрирани 1.847 случаи на коронавирус, што е рекорден број случаи во еден ден.

Ненадејното зголемување на бројот на заразени лица е забележано во Украина по ублажувањето на мерките, пренесува агенцијата Ројтерс.

Претходниот ден биле регистрирани 1.732 нови случаи.

Вкупно, заразени се скоро 90.000 луѓе, а 2.044 починале.

Бројот на заразените се зголемил од јуни, кога властите олеснаа некои мерки на претпазливост, дозволувајќи им на кафулињата и јавниот превоз да продолжат со работа.

Над 21 милиони заболени со коронавирус во светот, во Бразил над 50.000 нови случаи

Бразил вчера забележа  50.644 нови случаи на коронавирус и 1.060 смртни случаи, соопшти бразилското Министерство за здравство, додека повеќе од 21 милиони луѓе ширум светот биле заразени.

Така, вкупниот број заразени во Бразил се искачи на 3.275.520, а бројот на починати на 106.523.

Бразил е втора земја според заразени во светот, по Соединетите држави.

Повеќе од 21 милиони луѓе ширум светот се заразени со новиот коронавирус, а 759.411 починале, покажуваат податоците на Ројтерс.

Инфекциите се регистрирани во повеќе од 210 земји и територии, откако првите случаи се идентификувани во Кина во декември 2019 година.

Пет розови фламинга стигнаа на Преспанското Езеро

Утрово на Преспанското езеро забележани се пет розови фламинга кои најверојатно одмораат од патот за каде што тргнале, соопштија од Македонското еколошко друштво (МЕД).

– Птиците беа забележани во село Езерани каде нискиот водостој им овозможува соодветни услови за одмор за време на миграцијата. Фламингата не гнездат во Македонија но досега се забележуваат повеќе пати на прелет. Прв податок за нивно присуство кај нас е од 90-те исто така во Езерани. Овој пат беше забележена една возрасна единка и четири млади. Бидејќи птиците гнездат во Грција, Албанија и Црна Гора не можеме да заклучиме каде ќе се упатат по престојот во Преспа, информираат од МЕД.

Според Данка Узунова, орнитолог од Македонско еколошко друштво, добрата состојба на влажните живеалишта како и широките појаси на трска овозможува птиците да не бидат вознемирувани и безбедно да одмораат и да се хранат.

Покрај розовите фламинга, забележани се јата на бојници, долгоног пескар и сабјарки. Ниту еден вид од овие птици не гнезди кај нас, сите се тука поради миграцијата која се случува со полна пареа. Од еколошкото друштво велат дека особено е интересно присуството на сабјарки бидејќи тие во Македонија досега се видени само десетина пати.

-Ваквите слики не охрабруваат дека напорната работа за зачувување на Езерани има позитивни резултати. Езерани е заштитено подрачје повеќе од 20 години и со него управува Општина Ресен која има и посебна ренџерска служба за овој локалитет, појаснуваат од МЕД.

притисни ентер