Над 320 илјади пензионери ќе добијат пензија една недела порано, исплатата ќе се врши етапно

Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, дотолку повеќе што пензионерите како возрасна група се најранливи, информира Министерството за труд.

Исплатата на априлските пензии почнува од утре. За да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19, пензиите ќе бидат исплатени предвреме, а подигнувањето во експозитурите на банките ќе се реализира во четири групи. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, дотолку повеќе што пензионерите како возрасна група се најранливи, информира Министерството за труд.

Оттаму посочуваат дека пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми.

-И во услови на здравствено-економска криза од глобални размери, исплатата на априлската пензија ќе почне една недела пред први мај. Над 320 илјади пензионери ќе ги имаат пензиите на своите сметки од петок, 24 април. Пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од петок, 24 април. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат или да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа, се вели во соопштението испратено од Владата.

За пензионерите кои не користат картичка, готовинската исплата на пензиите на шалтерите на банките ќе се одвива во четири групи, според висината на пензијата, и тоа за пензии до 11.000 денари, исплата во понеделник 27 април, за пензии од 11.001 до 14.000 денари, исплата во вторник 28 април, за пензии од 14.001 до 18.000 денари, исплата во среда 29 април и за пензии повисоки од 18.001 денар, исплата во четврток, 30 април.

-Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците. Оние кои ќе одлучат да подигнат средства, апелираме да се придржувате до распоредот за исплати, затоа што само така покажувате одговорност кон себе и кон вашите најблиски. Етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје, се вели во соопштението.

Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење лична заштита заради спречување на ширење на коронавирусот и за заштита на населението за време на вонредна состојба. Сите кои ќе подигнуваат пари од банкомати или од филијалите и експозитурите на банките, се должни да носат каква било форма на заштита којашто ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично). Исто така, при чекање ред пред и внатре во банките, треба да се запази минимум потребно растојание од најмалку два метра.

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

Сообраќајот тековно и без застои

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

притисни ентер