На Попова Шапка утрово измерени -12 степени

Во повеќе градови и населени места, како и на планините утрово беа измерени минусни температури.

Најниска беше температурата на Попова Шапка -12 степени, во Маврови Анови беа измерени -7 степени, во Берово и Крушево -6, во Дебар -4, во Струмица и во Охрид -3, во Прилеп, Претор и Крива Паланка -2, во Битола и Виница -1, во Куманово, Штип и Тетово 0 степени, во Скопје-Зајчев Рид и Скопје-Петровец еден степен, во Демир Капија, Дојран и Гевгелија два степени.

Најмногу снег има на Попова Шапка 76 сантиметри, во Маврови Анови 16, во Лазарополе 10, во Крушево шест и Ѓуриште три степени.

Утрово на повеќе места е значително облачно, а делумно намалена облачност има во јужните делови.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, наместа со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 9 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно, попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе достигне 5 степени.

Схинас: Македонија испорача се, сега е време за следниот чекор

Македонија испорача се, сега е време за следниот чекор - отворање на кластерите, по уставните измени.

Процесот на европеизација на Балканот е неповратен, сите земји од регионот, вклучително и Македонија се цврсто на патот кон ЕУ, вели потпретседателот на Европската Комисија, Маргаритис Схинас во изјава за МИА, дадена на маргините на Конференцијата во Солун, посветена на улогата на новинските агенции во објективното информирање и борбата против дезинформациите во новата реалност на Балканот, организирана од АБНА-ЈИЕ.

Схинас во обраќањето на Конференцијата говореше дека сега е момент регионот да биде европеизиран, наместо ЕУ да биде балканизирана, како што многу пати се случувало во минатото.

На прашањето на МИА да даде појаснување за тоа како би се европеизирал регионот во кој постојат многу отворени билатерни прашања, кои не се според европските стандарди, како спорот меѓу Софија и Скопје, Схинас истакна дека доколку се погледне назад во историјата многу пати имало примери на балканизација на европската политика.

- Мојата главна порака беше дека кога ќе погледнеме назад кон историјата, многу пати видовме балканизација на европската политика. Ние знаеме што значи тоа - страдања, војни, поделби. Но, она што не сме го виделе досега е европеизација на регионот на Балканот. И тоа се случува сега, само во изминативе 20 години, тоа е ново и е нешто позитивно, тоа е охрабрувачки чекор. Повеќето земји се сега цврсто на патот кон членство во ЕУ. Македонија е пример, каде мислам дека ЕУ не беше секогаш многу фер, бидејќи побаравме многу различни работи, а вие ги испорачавте. Сега треба да преминеме на следното поглавје, а тоа е отворање на преговорите по поглавја и затворање на овие поглавја, откако ќе ги спроведете уставните измени, на кои што се обврзавте. Значи, се на се, позитивен момент за Македонија, вели Схинас.

Во однос на тоа дали навистина верува дека регионот ќе биде европеизиран многу брзо, тој вели дека тоа е неповратен процес.

- Цврсто верувам дека ова е неповратен процес, кој нема алтернатива. Поддржан е од општеството и е вин-вин процес, кога во овие геополитички турбулентни времиња станува јасно дека на Европа и е потребен регионот, и на регионот му е потребна Европа. Затоа, да, можам да бидам обвинет за оптимизам, но навистина верувам дека процесот е неотповиклив, уверува Схинас.

Пендаровски ќе се обрати на меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов во седиштето на УНЕСКО

Претседателот на Македонија,  Стево Пендаровски денеска во седиштето на УНЕСКО во Париз ќе се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов .

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски денеска во седиштето на УНЕСКО во Париз ќе се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов по повод одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање - „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на македонскиот претседател.

Пендаровски ќе присуствува и на поетски перформанс и изложба во чест на Шопов, а предвидено е да има средба и со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.

Престојот во Франција, Пендаровски го почна вчера со посета на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО, каде што оствари средба со директорот на Институтот, Жан Франсоа-Хуше, со шефот на Катедрата за македонски студии при ИНАЛКО,Фроса Пејоска-Бушеро и со лекторот по македонски јазик на Институтот, Ѓоко Здравески.

-Претседателот Стево Пендаровски е покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на поетот Ацо Шопов, што се одбележува со низа настани во текот на 2023 година. Чествувањето на големиот јубилеј е во соработка со Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО која, на иницијатива на Република Македонија, го поддржа и се вклучи во одбележувањето на јубилејот, соопшти Кабинетот на Пендаровски.

УНЕСКО во Париз ја чествува 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов

Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, денеска (21 март) ќе се одржи целодневна програма во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.

Одбележувањето на јубилејот е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО, а почетокот на настанот е закажан за 9:35 часот и ќе може да се следи на следниов линк.

Во рамките на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното, 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.

Настанот е дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

притисни ентер