Неизвесноста заврши, изборната битка може да почне. Политичките партии и коалициите ги стокмија листите со кандидати кои ќе се тркаат на изборите на 8 мај. Најголемите партии со истакнати имиња на првите позиции, а сметките ќе им ги поматат помалите. Тие се предложени од пет коалиции и засега од три партии кои самостојно ќе настапат.
Во првата изборна единица главната битка ќе се води меѓу претседателите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но и лидерите на некои од помалите. Копјата ќе ги кршат Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, а „запршка“ во изборното соочување ќе додадат и Блерим Беџети од ДУИ, Изет Меџити од „Вреди“, Добрила Андоновска која доаѓа од ГРОМ, Бобан Карапејовски од „Знам“, како и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Меѓу оние што најавија учество е и скопската градоначалничка Данела Арсовска која неодамна ја презеде партијата Нова Алтернатива, но засега нема потврда.
Во „двојката“ од коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат Оливер Спасовски и Владо Мисајловски, додека во албанскиот блок Садула Дураку од ДУИ и Африм Гаши од Вреди. Во третата изборна единица силите ќе ги одмерат Сања Лукаревска и Драган Ковачки, Павле Арсоски од ЗНАМ, како и актуелниот пратеник на Левица, Борислав Крмов.
Неизвесна трка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се очекува и во „четворката“. Таму носители на изборните листи се поранешниот министер Венко Филипче и потпретседателот на опозициската партија, Александар Николоски.
Први во петтата ИЕ од коалициите на власта и опозицијата во македонскиот блок се Јован Митрески и Ѓорѓија Сајкоски, како и Весна Бендевска од ЗНАМ и Јована Мојсоска од Левица. Во албанскиот кампус ќе се соочат ривалите од двете крила на Алијанса за Албанците - Зијадин Села, кој предизборно му се приклучи на Европскиот фронт на Ахмети и Салим Сулејмани кој е носител од крилото на Таравари и албанската опозиција. Изненадување за дел од јавноста е што на листата од редовите на ЗНАМ се најде и популарниот Божидар Божиновски познат како Моџо Килингтон
Лидерите од албанскиот блок, пак, силите традиционално ќе ги одмерат во шестата изборна единица. Од интегративците носител ќе биде нивниот лидер Али Ахмети, а него ќе го предизвика актуелниот градоначалник на Тетово и лидер на Беса, Биљал Касами. Кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, носителите ќе бидат жени. Од социјалдемократите ќе биде актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска, додека кај ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе биде пратеничката Дафина Стојаноска.
Рокот за поднесување на пратеничките листи истекува на полноќ.