На 17-годишникот кој смртно прегази скопјанец му е одреден малолетнички притвор

Судот, по барање на јавен обвинител, му определи малолетнички притвор на 17 годишникот без возачка дозвола, кој пред два дена смртно прегази скопјанец на пешачки во Бутел, потврдуваат од таму за Канал 5. 

Ваквата мерка е донесена поради можност од бегство, опасност да го повтори делото или да влијае врз сведоци. Следно е да се обезбеди сообраќајно техничкото вештачење. Според адвокатот Јанаки Митровски, случаите во кои сторители на тешки дела во сообраќајот се малолетници се специфични, затоа што се вклучени низа околности кои мора внимателно да се утврдат.

-Не можеме сега да прејудицираме за конкретниот настан, дали сам ја земал колата, дали му е истата дадена, инаку фактот да нема возачка и вози со огромна брзина ќе му донесе обвинение по член 300 за тешки дела против безбедноста во сообраќајот. Меѓутоа, самиот факт што е малолетник е условно речено заштитен, односно горната граница за малолетници е 10 години и растојанието на санкција би се движело меѓу 4 и 10 години.- Јанаки Митровски – Адвокат

Според бројките на МВР, во последниве две години, годишно, во просек се санкционираат по 24.000 лица кои немаат положен возачки испит. Иако нема прецизна бројка, според дневните полициски билтени, може да се забележи дека добар дел од нив се и малолетници кои седнуваат зад воланот, не познавајќи ги доволно сообраќајните прописи. Според психологот Мирјана Јовановска, за ваквата состојба, освен самите тинејџери, поголема вина имаат родителите, без разлика дали тие им дозволуваат или можеби децата кришум го земаат семејниот автомобил.

-За малолетните лица не можеме да мислиме дека ќе бидат одговорни, „еве ти го клучот, ама пази што правиш“, колку може да пази? Ако родителот нема доволна критичност, најверојатно не си го научил ни детето дека ќе биде критично и ќе размислува за постапките. Зголемување на брзината, возење под дејство на алкохол, под наркотични средства, разговор на телефон, муабети со девојките со другарите кои што се во автомобилот. Можноста да реагира е помала, да процени исто така, а нормално ако зборуваме дека децата и така го немаат тоа критично размислување, нема да сфатат ни дека возењето без дозвола ќе го зголеми процентот за несреќа.- Мирјана Јовановска Стојановска - Психолог

Последната несреќа каде малолетник смртно прегази граѓанин се случи лани на Пластичкарската улица во Скопје, каде животот го загуби жена. Година претходно, во близина на клиничкиот центар 16 годишник го прегази хирургот Ѓорѓи Јота, кој се здоби со тешки повреди.

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

 Квинтетот на Симон Трпчески и камерниот оркестар „Ајга“ ќе го изведат проектот „Македонисимо“ со оркестарската верзија, на два концерта, во салата на Македонската филхармонија. Ова беше кажано на денешната прес-конференција.

- Мислам дека направивме еден феноменален историски чекор за македонската музика, уметност и за Македонија како земја, рече Трпчески.

Диригентката Ана Спасовска, зборувајќи во име на оркестарот, изрази задоволство од соработката.

- Ова ќе биде балканска и македонска премиера. Сметам дека многу одговорно пристапуваме кон нашата задача, да го исполниме „Македонисимо“ најдобро што можеме, бидејќи ние како Македонци, сметам дека нашите ора, би можеле да ги изведеме најубаво, бидејќи најубаво и ги чувствуваме. А всушност тоа е музиката, чувствата да ги пренесеме кон публиката, подвлече Спасовска.

Композиторот Панде Шахов нагласи дека проектот е симболичен, бидејќи дава шанса на исклучително талентирани музичари да свират заедно, нагласувајќи дека соработката ќе продолжи и во иднина.

На средбата беше кажано дека концертите се на стартот од првото издание на Скопје Интернационалниот музички фестивал.

Притоа, беше нагласено дека по распродадениот прв концерт, закажан за 1 април, закажан е втор концерт на 31 март.

Костадиновска-Стојчевска на средба со Јоли: Соработката со Албанија дава резултати

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли, со кој разговараа за соработката помеѓу Македонија и Албанија во областа на културата, за досегашната реализација на проекти.

„Имаме одлична соработка и секоја укажана прилика ја користиме за продлабочување на пријателските врски меѓу двете држави. Традиционално добрите односи со Албанија дополнително ги зајакнуваме со прекуграничната соработка, како најдобар европски модел за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Префектот на округот Корча, Нерти Јоли на средбата рече преку сериозна и темелна соработка на двете држави, важни проекти и иницијативи се реализирани во културата, инфраструктурата и туризмот, изразувајќи интерес за партнерство во идните проекти.

Костадиновска-Стојчевска и Јоли се согласија дека Пустец е посебен за двете држави и дека со унапредување на соработката не само во областа на културата ќе може да се направи многу повеќе за граѓаните од двете страни на границата.

Министерката потенцирање дека успешно реализираната иницијатива „Денови на македонската култура во Корча“ во која учество зеде и Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана и Министерството за култура има големи придобивки во контекст на унапредувањето на културната соработка меѓу двете држави и изрази уверување дека оваа манифестација, со поддршка на округот Корча ќе стане традиционална, бидејќи е убава можност за промоција на македонската култура и истата ги негува релациите со Македонците во Корча.

На средбата беше истакната и петнаесетгодишната соработката помеѓу битолскиот универзитет со албанскиот универзитет Фан С. Ноли, како и за поддршката за промоција и афирмација на македонскиот јазик во Албанија, за што министерката Костадиновска –Стојчевска изрази верување дека иницијативата за изучување на македонскиот јазик на Универзитетот Фан С. Ноли во Корча ќе има уште поголем од младите и идни студенти, соопшти Министерството за култура.

Нетанјаху даде зелено светло за нова рунда преговори за примирје во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху даде зелено светло за нова рунда разговори во Катар и Египет, чија цел е да се постигне примирје во Газа, соопшти денеска израелската Влада.

„Бенјамин Нетанјаху се сретна со директорот на Мосад (надворешното разузнавање на Израел) и директорот на Шин Бет (внатрешно разузнавање) и одобри продолжување на новата рунда разговори во наредните денови во Доха и Каиро“, се вели во владиното соопштение.

притисни ентер