Изјавата следува по наводите дека некои републиканци, во пресрет на нападот на Конгресот на 6 јануари, што резултираше со пет загубени животи, ги воделе приврзаниците на Трамп околу зградата на Конгресот.
Нападот беше причина Претставничкиот дом изгласа отповикување на американскиот претседател поради потпалливиот говор одржан од Доналд Трамп неколку часа пред упадот во Конгресот, повикувајќи ги да се борат против победата на демократот Џо Бајден на претседателските избори во САД. Сенатот треба да одржи судење на Трамп врз основа на тоа.
Стотици луѓе упаднаа во зградата на Конгресот на 6 јануари, брзо совладувајќи го обезбедувањето на парламентот, што покрена прашања во врска со безбедносните мерки за заштита на зградата и покажа дека некои бунтовници изненадувачки добро знаеле каде се наоѓаат канцелариите на одделни пратеници.
Демократскиот пратеник Мики Шерил, поранешен воен пилот, обвини некои републикански пратеници дека им помагаат на приврзаниците на Трамп велејќи дека биле одведени во мисија за „извидување“ околу Конгресот ден пред нападот.
На прашањето дали треба да се преземат мерки против пратениците кои ги предводеле конгресните групи ден пред нападот, кој накратко го запрел процесот за потврда на победата на Бајден, Пелоси одговорила: „Ако се утврди дека членовите на Конгресот биле соработници во тој напад, ако им помагале за тие злосторства, можеби ќе треба постапки надвор од доменот на Конгресот, во смисла на кривично гонење “.
Безбедноста на Конгресот истражува дали членовите на Конгресот воделе луѓе околу зградата на парламентот ден пред нападот, потврди нејзината портпаролка Ева Малецки.
Повеќе од 30 демократи, вклучително и Шерил, побарале од обезбедувањето информации за тоа кој бил во зградата на 5 јануари.
Пелоси исто така објави дека по упадот на приврзаниците на Трамп, од кои некои биле поврзани со радикални групи, се спроведува анализа на безбедносните протоколи.
Некои републикански пратеници протестираат против новите безбедносни мерки воведени во Конгресот по упадот, како што е задолжителното поминување низ детектор за метал.
Протест на приврзаниците на Трамп во Вашингтон бил најавен неколку недели пред сесијата на Конгресот на која беа потврдени резултатите од претседателските избори во САД.