Муртезани – Санино: Да се искористи динамизирањето на процесот на проширување на ЕУ

Да се искористи динамизирањето на процесот на проширување на ЕУ во актуелниот геополитички контекст.

Европската перспектива на земјава и состојбите во регионот на Западниот Балкан беа главни теми на средбата во Брисел на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино.

На средбата, со која Муртезани ја заокружи работната посета на Брисел, тој покрена неколку клучни прашања од суштинско значење за европското досие на Македонија и за зајакнувањето на нејзината усогласеност со стандардите и политиките на ЕУ.

Во разговорот беше нагласена важноста од искористување на обновениот момент за динамизирање на процесот на проширување на ЕУ во актуелниот геополитички контекст, како проект кој ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и просперитетот на земјите од Западниот Балкан.

Муртезани изрази и благодарност за финансиската поддршка од Европскиот мировен фонд (ЕПФ) за земјава во износ од 13 милиони евра, кои ќе помогнат за модернизација на нејзините одбранбени капацитети и за поголем придонес во безбедносните иницијативи на ЕУ. Тој ја потенцира и важноста од претстојното склучување на партнерството меѓу Македонија и ЕУ во сферата на одбраната и безбедноста, со што земјава ќе биде една од првите држави што ќе потпише ваков документ со Унијата.

Санино, од своја страна, ја поздрави целосната усогласеност на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се што се потврдуваат стратешката европска ориентација на земјата и почитувањето на основните принципи и вредности на надворешната политика на Унијата.

За време на дводневната работна посета на Брисел, Муртезани имаше средби и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, со генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман, со директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Валентина Суперти и со раководителката на Одделот за Албанија и Северна Македонија при ГД НЕАР, Сигрит Бретел, со кои разговараше за тековниот евроинтегративен процес на земјата, чекорите што претстојат за понатамошен напредок, како и за имплементацијата на Планот за раст за Западниот Балкан на Европската комисија и поврзаната со него Реформска агенда.

МАЕИ бара албанската влада да ја забрани фондацијата „Бугарска меморија“

Недозволиво е, се нагласува, македонската заедница да биде изложена на манипулации и притисоци од фондации со скриени политички мотиви.

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, упати остра реакција до албанската влада, која, како што се наведува, со своето неделување дозволува фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија непречено да ја шири својата пропаганда во регионите во Албанија каде што живеат Македонците.

Според партијата, последниот пример за ова е „донацијата, во која беше и модуларната амбуланта за селото Глобочени, Општина Пустец“.

- Ние не сме против донации кои го подобруваат животот на македонската заедница, но, гневни сме затоа што оваа фондација ги користи овие активности за да ги манипулира историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари, изјави за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Албанската влада, додава тој, има обврска да инвестира во регионите каде што живеат Македонците во Албанија и да ги „заштити нашите права и идентитет од бугарската агресија".

- Секое премолчување на оваа ситуација е дозвола за продолжување на бугарската пропаганда, која е неприфатлива и штетна за македонската заедница. Партијата Македонска алијанса за европска интеграција уште еднаш ги повикува институциите во Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и културно наследство, бара МАЕИ.

Недозволиво е, се нагласува, македонската заедница да биде изложена на манипулации и притисоци од фондации со скриени политички мотиви.

- Сите донации што се наменети за подобрување на животот на Македонците се добредојдени, но никогаш нема да прифатиме тие да бидат користени за промовирање на лажни наративи. Време е албанската влада да го зајакне своето присуство и инвестиции во регионите населени со Македонци, како јасен сигнал дека Македонците во Албанија се дел од државата и дека нивните права и идентитет ќе бидат заштитени, нагласуваат од партијата.

Македонска алијанса за европска интеграција апелира до меѓународната заедница да внимава на овие опасни тенденции и да изврши притисок врз албанската влада за да го спречи „влијанието на бугарската пропаганда што има за цел да го наруши идентитетот на Македонците во Албанија“.

Реакцијата следува откако во неделата првите луѓе на споменатата фондација, во присуство на бугарскиот амбасадор во Тирана, Ивајло Киров, за општина Пустец донираа комплетно опремена модуларна амбуланта, клупи за седење за селата, копир и принтер апарати за општинската администрација.

Претходно остро реагираше и Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа" оценувајќи го овој чин „продолжување на бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците". /МИА

Отворање на летната сцена „Славиша Кајевски“ на МНТ со „Црнила ремикс“

Со музичкото драмско дело/рап-перформансот „Црнила ремикс“, вечер ќе биде отворена летната сцена „Славиша Кајевски“ на Македонскиот народен театар (МНТ). 

Режисер на ова современо читање на драмското дело „Црнила“ од Коле Чашуле, е Јордан Симонов кој заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот” го поставија овој проект во современ.

Актерската екипа ја сочинуваат Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски - колектив „Зад аголот“.

Ова оригинално сценско дело има настапувано на повеќе домашни и меѓународни фестивали меѓу кои и на „Егзит“, а за најдобра употреба на музика ја доби наградата на меѓународниот театарски фестивал за џез „Нишвил“ во Србија. Претставата е во продукција на МКЦ.

Како што најавија од МНТ, во музичкиот дел од програмата, публиката ќе ја забавуваат „Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд“, „Пијан Славеј“, „The Ringtones“, „LD Pistolero и Dj Goce feat. R.O.Ν.Ι.Ν“, како и други популарни домашни диџеи. Исто така ќе настапи и Националниот џез-оркестар, со изведби на композициите од „Битлси“.

Покрај изведбите на нашите претстави „Мој термин“, „Кец на десетка“, „Не се клади на Енглези“, ќе гостуваат и претстави од другите театри од државата, како и стендапот „Широк дијафазон“ со Сашко Коцев.

Од МНТ најавија дека на 20 септември ќе се одигра комедијата „Вечера за глупаци“ во продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес. Претставата е работена по текст на Франсис Вебер, во режија на Ненад Витанов, а играат Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева.

На 30 септември ќе се одигра и дипломската претстава од ФДУ - Скопје, „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона, во која ќе играат Михаил Велков, Наде Дојкоска, Ана Грамосли, Кире Ацевски, Филип Христовски, Гоце Андонов, Ана Јовановска, Виктор Мирчески, Ведран Чешарек и Катерина Јовановиќ од класата на проф. м-р Мими Таневска Србиновска и асс. м-р Ангелчо Илиевски./МИА

Магрете Вестагер го презема ресорот внатрешен пазар по оставката на Бретон

Извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Магрете Вестагер во наредниот период ќе раководи и со ресорот за внатрешен пазар по оставката на еврокомесарот Тиери Бретон.

Ова синоќа во објава на платформата Икс го најави претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен.

- Ја примив и ја прифатив оставката на Тиери Бретон и му благодарам за неговата работа за време на неговиот мандат како комесар. Извршната потпретседателка Вестагер ќе го преземе ресорот на внатрешниот пазар и сите релевантни надлежности до крајот на мандатот (на ЕК), наведе Фон дер Лајен во објавата.

Бретон вчера соопшти дека поднесува оставка на функцијата европскиот комесар за внатрешен пазар, која стапува во сила веднаш, како и дека се повлекува од француски кандидат за еврокомесар.

Тој, при тоа, ја обвини Фон дер Лајен дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ, како и дека последните случување се дополнително сведоштво за нејзиното сомнително раководење. Тој во оставката тврди и дека Фон дер Лајен и понудила на Франција „повлијателен ресор“ во новата Еврокомисија, доколку Париз предложи друг кандидат место него. ЕК одби да ги коментира ваквите тврдења, повикувајќи се на принципот на доверливост во интерната комуникација./МИА

Фото: ЕП

притисни ентер