МОН: Со дигитализација на образованието, вложуваме во развојот на државата

Како што соопшти денеска Министерството за образование и наукa, се вложува во дигитализација на образовниот процес како еден од главните фокуси на реформата на националниот образовен систем. 

Подобрување на квалитетот на наставата, стекнување на дигитални вештини и безбедно пребарување на интернет, се дел од придобивките од набавената ИТ опрема за 40 основни училишта, преку проектот на Министерството за образование и наука за унапредување на основното образование кој е финансиран со средства од Светска банка.

Како што соопшти денеска Министерството за образование и наукa, се вложува во дигитализација на образовниот процес како еден од главните фокуси на реформата на националниот образовен систем. Станува збор за глобален тренд кој, како што се наведува, настојуваме да го следиме, а ќе придонесе и за развојот на дигиталното општество во земјава.

-Со примената на новата ИТ опрема, учениците во основните училишта ќе развиваат нови дигитални вештини, а особено важно е што ќе бидат заштитени од непристојни содржини кои ќе ги ограничува централниот систем инсталиран во рамки на МОН, стои во соопштението.

Од МОН потсетуваат дека покрај набавката на ИТ опрема за основните училишта, ресорното министерство ги опреми и кабинетите по предметите од групата на општествени науки како историја и географија со нови наставни и нагледни средства, а целосно се опремени и кабинетите по природни науки во сите основни училишта.

- Инвестирањето во образованието е инвестиција во иднината. Образован и квалификуван кадар може да придонесе за развој на општеството и средината во која живееме. Секоја инвестиција во процесот на образованието, двојно се враќа во државата, се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.

Комунална хигиена: Ѓубре се фрла на улица наместо во контејнерите

Наместо во контејнерите граѓаните фрлаат ѓубре околу нив, со што настануваат диви депонии кои се сериозна закана за ширење на заразни болести, особено во летниот период, алармираат од ЈП Комунална хигиена-Скопје. 

Оттаму велат дека изминатиот викенд, екипите на претпријатието низ Скопските населби отстраниле околу 40 кубни метри отпад одложен до контенјерите.

Канал 5 направи обиколка во дел од централното подрачје на Скопје, каде иако најголем дел од контејнерите беа испразнети, сепак имаше неколку кои беа преполни, како внатре, така околу нив.

Дека состојбата сметот околу контејнерите е лоша, потврдуваат и граѓаните. Оние кои ги анкетиравме се жалат на постојана непријатна миризба и нередовно празнење на контејнерите, но и од невнимателни сограѓани кои несовесно фрлаат отпад.

- Катастрофа е поготово малите населби кај што живеам во Ѓорче, тоа е ужас со денови не го собираат, катастрофа невидена. Мириса се буниме тие што сме на приземје тука ни се терасите и онака што одиме не сме педантни многу.

- Воопшто не чистат добро. Само позади зградите чистат, па чекај ги плаќаме како може тоа.

- Голема вина имаат граѓаните за тоа, не се одговорни не се на ниво на местото каде што живеат и тоа е за жалење посебно за младите тоа што го прават.

Според претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, Комунална хигиена и Град Скопје не ја вршат соодветно својата работа. Решението го гледа во расформирање на претпријатието, но и воведување на комунална полиција, за што од ЗЕЛС веќе имаат покренато иницијатива за Законски измени.

- Треба да се расформира Комунална хигиена и соодветно, парцијално према бројот на жители да се подели механизацијата, но и одговорностите на градоначалниците. На тој начин секој градоначалник соодветно би можел да си ја менаџира и администрира од овој аспект својата територија. Формирање на комунална полиција, со надлежности кај тие комунални инспектори коишто ќе може и оние малкумина кои работат на штета на самиот колектив во Скопје и на сите граѓани и имаат девијантни појави кај себе да бидат казнувани посоодветно и поекспедитивно.

Од Комунална хигиена апелираат граѓаните да престанат со несовесно исфрлање на отпад на јавни површини и потсетуваат дека секое одлагање на отпад надвор од наменски поставените садови е кршење на Законот за јавна чистота, за што следи соодветна санкција.

По пет години „затишје“, Преспанскиот договор повторно ја бранува јавноста

Во најтензична атмосфера меѓу Македонија и Грција од потпишувањето на Преспанскиот договор, денеска се навршуваат шест години од ставањето параф на спогодбата со која се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји.

Според поранешниот дипломат Ристо Никовски, Договорот е историски пораз на државата, од кој Македонија не добила ништо, освен што стана членка на НАТО. Тоа вели не е доволно бидејќи крајната цел на спогодбата не било само членство во Алијансата, туку и приклучување кон ЕУ.

„После шест години можеме отворено и јасно да констатираме дека со тој Договор ништо не добивме, а се изгубивме бидејќи со него де факто се избришани Македонците како посебен идентитет, избришана е нашата историја, јазик и се останато. Освен промената на нашето име, ништо друго не е постигнато и не е реализирано. Ништо не се спроведува, не само тие три меморандуми кои цело време се споменуваат и Македонија треба под итно да се повика на член 19 во кој јасно се наведува дека додколку има недоразбирања, а ги има, терба да се обдиеме прво да ги решиме на билатерален план, ако не бива се бара помош од генералниот секретар на ООН, а ако и тоа не помине се оди на меѓународниот суд за правда каде веќе еднаш Македонија доби брилијантна пресуда, но не ја искористи“.– Ристо Никовски, поранешен амбасадор

Односите помеѓу двете земји, иако навидум подобрени по потпишувањето на Договорот, повторно се заострија по изборите во земјава и неупотребата на уставното име од страна на претседателката Сиљановска за време на заклетвата, на што Грција речиси секојдневно жестоко реагираше. Силјановска ваквата пракса ја продолжи на сите домашни и меѓународни настапи, последен пат на Самитот за мир во Украина каде претседателката го употреби терминот „мојата земја“.

Граѓаните се поделени мислења за догвоорот од Преспа. Гледајќи од денешна перпектива дел од нив постигнатиот компромис со Грција го сметаат како неопходно решение, за дел пак не донел ништо добро.

Преспанскиот договор беше поршишан на денешен ден во 2018 -та во селото Нивици на брегот на Преспанското Езеро од грчка страна и со него се стави крај на две и пол деценискиот спор меѓу Македонија и Грција.

Состанок во ЦУК: Министерството за здравство треба да го поправи урнатиот потпорен ѕид

Градот Скопје, општина Центар, ЦУК и МВР денеска на координативен состанок се договорија дека урнатиот ѕид кај Детската клиника треба да го изгради Министерството за здравство.

Претставници од Министерството не беа присутни на состанокот, иако биле поканети. По едночасовната дискусија трите страни утврдија дека проблемот со паднатата ограда треба одделно да се решава од проблемите на улицата Белградска.

Проблемите со подземните води и отворањето на каналите за атмосферска канализација меѓусебно ќе ги решаваат Град Скопје и општина Центар, за што ќе треба да се направи дополнителна анализа околу финансиската конструкција и подземната инфраструктура. Градоначалничката Данела Арсовска не сака да избрзува со конечно решение, прво сака да ја види документацијата, а потоа ќе одлучува дали ќе бара владина поддршка за замена на атмосферската канализација.

И деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски апелира надлежните институции што побрзо да го решат проблемот со паднатиот потпорен ѕид. Напомена дека уште пред 15-тина години испратил писмо како загрижен за она што се случува во тој дел од градот и за стабилноста на објектите кои таму се градат во кое посочил дека голем дел од потпорните ѕидови не се испроектирани за да можат да носат таков зголемен товар.

Потпорниот ѕид падна пред една недела. Тогаш сите засегнати страни се оградија од одговорснот за негова санација.

притисни ентер