Молк и во Софија и во Скопје, пред министерскиот состанок, каде следниот вторник треба да се формализира одлука. Она што е јасно е дека преговарачката рамка на Македонија вчера не го мина филтерот на ниво на амбасадори и според се уште неофицијалните информации , опцијата за вклучување датум за одржување на првата меѓувладина конференција е отстранета од заклучоците. Нема никакви детали ниту за патоказот, на кој инсистира Софија, а кој неодамна го спомена министерот Османи како механизам за следење на спроведувањето на Договорот со Бугарија. Цврстиот став на Бугарија денеска се обидоа да го амортизираат опозициските социјалисти. Костадин Паскалев за бугарската БТВ вели дека однесувањето на Софија ќе има трајни последици во односите со Македонија.
-Однесувањето на Бугарија кон Македонија ќе има трајни и неповратни последици. Бојко Борисов би требало да ги седне неговите министри и политички партнери и да стори се што е возможно со неговите партнери преку границата, и овој еден народ во две држави да стане член на ЕУ. Во последниве недели неопходни се категорични дејствија од Бугарија за да стане Македонија членка на ЕУ. Земјата можеби има претензии кон Бугарија? -Какви претензии? Со двата тенка, што им ги подаривме? Немојте така. Тоа е несериозно. , вели Костадин Паскалев, член на Националниот Совет на БСП
Во затегнати политички односи, 11-тата средба во низа ја очекуваат и членовите на мешовитата Комисија за историја, кои во среда и четврток на онлајн разговори ќе се обидат да ги поместат позициите. Последните пораки на првите луѓе Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев не влеваат надеж дека научните факти ќе надвладеат над политиката.
-Големата одговорност треба да ја понесат политичарите, треба да заземат позиција, а не да се занимаваат со мантрата дека историчарите ќе го решат спорот. Нашите колеги сакаат тие спорови да ги пролонгираат додека не се пензионираат. , вели Ангел Димитров, копретседател со Мешовитата комисија за историски прашања (28.11.2020).
- Не можам ништо да прогнозирам дали ќе има некаков напредок. Го чувствуваме притисокот и на јавноста и на актуелните политички случувања, вели Драги Ѓоргиев, копретседател со Мешовитата комисија за историски прашања (26.11.2020).
Според најавите, клучни теми на средбата се очекува да бидат Гоце Делчев и македонските учебници по историја за седмо одделение.