Мобилната болница до Инфективната клиника подготвена за прием на пациенти

 Мобилната болница поставена во близина на Универзитетската Клиника за инфективни болести е подготвена да прими пациенти со коронавирус.

 Во неа, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе има 130 кревети.

Во нејзиното поставување, што траеше неполни седум дена, беа вклучени Град Скопје, Министерството за здравство и Министерството за одбрана.

Локацијата каде што е поставена мобилната болница денеска ќе ја посетат заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

– Мобилната болница треба да го надополни капацитетот, тоа е болница која ја користи Армијата. Имавме интензивна комуникација со министерката за одбрана и целосно излегоа во пресрет од Армијата, а понатаму градот Скопје што го обезбеди просторот каде таа ќе биде сместена. Сметаме дека треба да биде блиску и да се надополни капацитетот на Инфективната клиника, зашто тука е и експертизата и тука е и можноста да ротираат тимовите. Значи ќе има врски со Клиниката, ќе има и соодветни услови, тоалети, тушеви и кревети, истакна пред неколку дена Филипче.

Мобилната болница е поставена на просторот, каде што беа бараките на поранешниот студентски дом „Медицинар", кои Град Скопје ги урна и го уреди просторот.

Здравствениот систем, како што соопшти Министерството за здравство, е подготвен да прими и поголем број пациенти од тие кои сега се третираат во болниците, како и за пикот на коронавирусот во државава, што според проценките се очекува на крајот на месецов. На располагање се повеќе од 1.000 болнички кревети за хоспитализирање на пациенти со коронавирус и тоа во Клиниката за инфективни болести со дополнителните капацитети, ГОБ „8 Септември", инфективните одделенија во Штип, Гостивар и Велес, Институтот за белодробни заболувања во Козле, депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија, како и понудените капацитети од приватните болници.

Клиниката за инфективни болести заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти со коронавирус располага со 250 болнички кревети, а со близу 400 кревети располага ГОБ „8 Септември" во Скопје. Во моментов на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 59 пациенти, што претставува една четвртина од расположливите капацитети само на оваа локација, што значи дека овие институции располагаат со доволно капацитети, но и со инфектолози специјалисти по инфективна медицина и обучен медицински персонал.

Моделот на третман и лекување на тешките и средно тешките пациенти во институции каде има специјалисти по инфективна медицина, во комбинација со домашното лекување е модел на пристап кон пациентите со коронавирус што се применува во Германија и се покажува како солиден и може да се аплицира во нашата земја, потенцираат од Министерството за здравство./МИА.

притисни ентер