Митева за изјавата на Османи за уставните измени: Се сомневаме во искреноста на нивните намери

Се сомневаме во искреноста на нивните намери, а поранешниот шеф на дипломатијата најмалку има кредибилитет да зборува за оваа тема.

Се сомневаме во искреноста на нивните намери, а поранешниот шеф на дипломатијата најмалку има кредибилитет да зборува за оваа тема, рече денеска владината портпаролка Марија Митева во врска со ставот на Бујар Османи да се донесат уставните измени, но со клаузула според која нема да важат ако Бугарија во наредните пет години продолжува да го блокира нашето членство во ЕУ.

-Ја видовме изјавата на поранешниот шеф на дипломатијата кој со години беше на чело на таа позиција и цениме дека најмалку има кредибилитет да зборува за оваа тема зашто се сомневаме во искреноста на нивните намери при давањето предлози и решенија за состојбата во која се наоѓаме по однос на ова прашање, истакна Митева на прес-конференција.

Одговорајќи на новинарско прашање во кој смисол Владата се сомнева, Митева подвлече дека сомнежот е во однос на тоа „која е намерата во однос на нивните предлози што ги даваат сега како насока на предлог-решенија“.

Османи за ТВ21 денеска рече дека земјава треба да ги реализираме уставните измени преку вметнување клаузула во Законот за спроведување на Уставот.

-Еве, јас одам еден чекор понапред, доколку уставните измени се направат денес, ние слободно можеме во Законот за спроведување на Уставот да вметнеме клаузула со која се вели, доколку во наредните пет години Бугарија продолжува да ја спречува Македонија за работи кои немаат врска со Европската Унија, Парламентот да има право да ги суспендира уставните измени, но тие да стапат на сила сега, истакна Османи.

Специјалниот пратеник на САД за Украина, Кит Келог почнува европска турнеја

Специјалниот пратеник на САД за Украина, Кит Келог почнува европска турнеја во која е вклучен и Киев.

Специјалниот пратеник на САД за Украина Кит Келог денеска ја започнува европската турнеја што ќе трае до 22 февруари и ги вклучува Германија, Белгија и Украина. Целта на турнејата е да се поддржи идејата на претседателот Доналд Трамп за обезбедување мир во Украина, како и американските интереси во областа на националната безбедност, објави американскиот Стејт департмент на својата веб-страница.

Специјалниот пратеник на претседателот ќе учествува на конференцијата за безбедност во Минхен и ќе го посети седиштето на НАТО и Европската унија во Брисел, каде што ќе се сретне со сојузниците и партнерите од цела Европа кои се подготвени да соработуваат со САД за ставање крај на руската војна против Украина и враќање на стабилноста во Европа.

Во Украина, Келог ќе се сретне со владини претставници . „Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека борбите мора да престанат и дека САД се подготвени да поддржат трајно решение. Специјалниот пратеник е посветен на извршување на тешката дипломатија што ќе биде неопходна за да се постигне целта на претседателот“, нагласува Стејт департментот.

ЛДП: Рисот како консензуално решение за новиот државен грб

По повод изјавите кои деновиве ги читаме околу промена на државниот грб, Либерално-демократската партија (ЛДП) предлага поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен токму за нашата држава.

Рисот како симбол се наоѓа на металната петденарка, се најде на националниот фудбалски дрес, но и на уште многу други места и е заштитен со голем број меѓународни конвенции.

Од ЛДП велат дека доколку се постави рисот, се покажува поглед кон иднината наместо „враќање назад и гледање во минатото“.

„Тоа е симбол кој со ништо нема да потсетува на било која соседна држава и да создаде проблеми. Прифатлива е само уникатност, посебност, новина, свежина, иднина и заштита на своето - како што е Балканскиот рис, кој потекнува од Шар Планина, е ретко и заштитено животно, и е еден од нашите национални државни симболи“, додаваат од ЛДП.

Посебноста на Македонија мора да биде главната водилка кон прифаќањето на било каков предлог за државниот грб. Притоа, тоа мора да биде и решение, кое ќе ги задоволи сите граѓани на Македонија, без разлика на националната, етничката, партиска, верска или било која друга припадност.

„Предлагаме општо прифатливо решение. Бидејќи доколку сите се водиме од своите партиски обележја или позиции, ЛДП би се придржувала до македонската флора и фауна и би предложила поставување на соколот како уникатен македонски симбол и дел од нашиот македонски фолклор. Покрај тоа што во Македонија живеат 9 посебни видови на соколи, во нашата народна музика со гордост се опева соколот кој пие вода од нашиот Вардар, песна која е и химна на партијата.”, истакнуваат од ЛДП.

Со почит,

Либерално-демократска партија

Концерт на џез-составот Skopje Jazz Inc. по повод Светскиот ден на радиото

 Џез-составот Skopje Jazz Inc. по повод одбележувањето на Светскиот ден на радиото, вечер во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во Скопје ќе одржи концерт со почеток во 21 часот.

Настанот е во рамките на „Денови на литературата“, а концертот ќе се пренесува во живо на познатата фреквенција на „Џез ФМ“ - 100.8 ФМ, како и онлајн на jazzfm.mk, соопштија од тимот на радиото.

Skopje Jazz Inc. е македонска џез состав формиран 2018 година кој го сочинуваат Трајче Велков (труба), Зоран Костадиновски (гитара), Виктор Филиповски (тапани) и Горан Гешоски (бас-гитара).

притисни ентер