Митева: Владата на СДСМ ја уништи економијата

Владата на СДСМ ја уништи економијата, поскапи цени за парно и струја се нивната прва владина мерка.

Актуелната ситуација со БЕГ отвори многу прашања за СДСМ и навидум независната регулаторна комисија за енергетика. Согласно варирањето на цената на гасот на светскиот пазар СДСМ И РКЕ не успеаја да предвидат или предвидоа но премолчеа дека БЕГ нема да има услов за функционирање во грејната сезона. Второ, врз основа на кои математички пресметки РКЕ и Владата донесоа одлука за поскапување на парното за 14%? Бислимовски убедуваше дека нема да има проблеми со компаниите, дека компаниите се обезбедени за грејната сезона, и ги држеа граѓаните во неизвесност до последниот ден. Трето, дали овие средства со кои се врши субвенционирање на БЕГ се средства кои претходно се обезбедени и планирани за оваа намена? Дополнително, оваа криза која не успеаја да ја неутрализираат за СДСМ претставуваше политичка можност да го обвинат Градот Скопје и општините кои немаат никаква улога ниту во регулирањето на цената, ниту пак во договарањето на набавките за гас. Битиќи и Бектеши се пофалија дека е решен проблемот со парното, но одбегнаа да кажат колку пари ќе ги чини граѓаните. Уште еден поразителен факт е дека ТЕ-ТО сега го дава гасот на одложено плаќање, без наплата, до обезбедување на ликвидноста и до потпишување на деловно техничка соработка што укажува на фактот дека ТЕ-ТО работи со загуба.

Почитувани,

Ценовниот шок, кризна состојба во енергетиката која е пропратена со економска и здравствена криза е дело на оваа неспособна влада предводена од СДСМ. СДСМ е извор на сите проблеми во државата кои континуирано се рефлектираат на народот.

Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Eрдоган на 9 мај ќе биде примен од Бајден

- Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе престојува во официјална посета на Вашингтон, каде на 9 мај во Белата куќа ќе биде примен од неговиот американски колега Џо Бајден, соопшти денеска официјален извор.

Тоа ќе биде прва средба на овие двајца претседатели во Белата куќа.

Ердоган претходно беше примен од поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Односите меѓу Вашингтон и Анкара неодамна се подобрија кога Турција, членка на НАТО, го одобри влезот на Финска, а потоа и на Шведска во Алијансата, по 20 месеци двоумење.

Како знак на поддршка, Бајден во јануари, а потоа и Конгресот на САД во февруари ја одобри продажбата на американските борбени авиони Ф-16 на Турција, со што стави крај на повеќемесечните расправии меѓу Вашингтон и Анкара околу тоа прашање.

Меѓународна конференција за Македонците и Граѓанската војна во Грција

Меѓународна конференција за Македонците и Граѓанската војна во Грција по повод 75 години од нејзиното завршување.

Меѓународна научна конференција се организира денеска по повод 75 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, на која 26 учесници од земјава, од Србија и Хрватска, имаат реферати кои откриваат нови научни сознанија за учеството на Македонците во војната (1946-1949), за улогата на светските сили и односите со другите земји, одгласот во печатот и за присилното емигрирање на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија.

Катерина Мирчевска, претседателка на Организацискиот одбор на конференцијата, истакна дека за краток период настанеле сериозни миграциски и етнички измени што, рече, довеле до евидентно намалување на бројот на македонско население и промена на етничкиот состав на населението на тие простори. Посочи дека најпосакувана дестинација за бегалците била тогашната НР Македонија како единствена слободна држава на македонскиот народ во состав на Југославија, каде што до крајот на Граѓанската војна се населиле 24 илјади, а над десет илјади Македонци со процесот на репатријација дошле од источноевропските држави до почетокот на 1980-тите.

-Огромниот број бегалци како една од последиците на Граѓанската војна ја вообликуваат политичката емиграција од Граѓанската војна во Грција во чии расположливи статистики Македонците учествуваат со околу половина од нејзиниот вкупен број, всушност ја претставуваат најбројната политичка емиграција во Европа по Втората светска војна. Во годините што следуваат македонските политички бегалци отвораат едно ново поглавје на нашата национална историја, рече Мирчевска.

Ректорката на Скопскиот универзитет Биљана Ангелова во поздравното обраќање рече дека конференцијата е научна самопотврда и верификација на научната вистина од релевантни научни авторитети од земјава и од странство. Нагласи дека темата за Македонците во Граѓанската војна во Грција е значајна и кон неа може се пристапи од повеќе аспекти – историски, политиколошки, социјален, јазичен, книжевен, фоклористички итн.

-Прашањето за идентитетот има важно место во оваа конференција. Борбата на Македонците од Егејска Македонија за возобновување на етнојазичната и територијалната целина на македонскиот народ е едно од покренатите прашања...Граѓанската војна во Грција отвора и голема тема за егзодусот на децата бегалци кои биле принудени да растат раселени низ светот далеку од своите семејства и од родните огништа. Но, покрај тешката судбина, неспорен е големиот натамошен подем на претставниците на оваа генерација кои по тешкото детство понатаму активно се вклучија и се истакнаа во општествено-политичкиот и во културно-уметничкиот живот на Македонија, истакна Ангелова на отворањето на конференцијата.

Претседателката на Републичкото здружение на децата бегалци „Т’га за југ“ Евгенија Николовска информираше за следните активности со кои во текот на целата година се одбележуваат 75 години од крајот на Граѓанската војна под слоганот „Да не се заборави и никогаш да не се повтори“. Меѓу другото, во септември, кога официјално завршила Граѓанската војна во Грација, во Катланово ќе биде организиран голем народен собир.

-Сакаме да ги зачуваме нашиот јазик, историја, култура и мелос. И оваа конференција е со таа цел. Ќе ги вклучиме и најмладите од институтите да се заинтересираат за Граѓанската војна, да најдат нови истражувања. Сигурно има скриени нешта, како што во 2003 година ја откривме масовната гробница во Лерин на Македонците борци кои учествувале во ДАГ и населението заедно. Така ја испишуваме историјата, со новите откритија што се случиле во минатото. Апелот наш е да не се заборави и никогаш никаде да не се повтори таа војна, рече претседателката на здружението кое ја организира конференцијата во соработка со три научни институти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Институтот за национална историја, Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Според Николовска, во последните години Македонците во егејскиот дел, „веќе послободно може да зборуваат македонски јазик и да го негуваат мелосот и песните“ и дека веќе има иницијатива за отворање културни центри.

Во контекст на промените по потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, Николовска изјави дека за нив промената на името на државата била неприфатлива, но од друга страна, како што рече, „мора да се признае дека по тој кобен Преспански договор, малку по малку Грците почнаа попријателски да се однесуваат кон нас и кон нашите таму“.

Историчарот Тодор Чепреганов, еден од учесниците на конференцијата, изјави дека со Преспанскиот договор „таму немаме Македонци, туку народ што зборува јазик различен од грчкиот“.

-Се поставува и прашањето кои се тие Македонци што учествувале во Граѓанската војна ако не ги именуваме како Македонци. Затоа што сега имаме антички Македонци во Грција, имаме овде, на оваа страна, други Македонци. Кои се тие е големо прашање, бидејќи сега државава не смее да каже дека таму имало Македонци кои се бореле за обединување со Македонија и дека тие се декларирале Македонци. Не го зборуваме тоа ние, тоа го зборуваат документите. Американските и британските документи кои пишуваат за егејска Македонија, тие зборуваат за Македонци учесници во таа војна, изјави Чепреганов.

Сотир Лукровски, претседател на здружението „В'мбел“ и координатор на здруженијата на Македонци со потекло од егејскиот дел на Македонија соопшти дека се подготвува клуб со библиотека во центарот на Скопје кој ќе биде отворен во април.

-Ќе биде во редот на Театарот за деца и младинци. Имаме на располагање простор од 200 квадратни метри, засега имаме околу 400 наслови на книги поврзани со прашањето за Македонците со потекло од Егејскиот дел од Македонија и воопшто со македонското прашање. По низа години, се надеваме дека ќе има своевидно сврталиште, пред се, на младите, но и на највозрасните, каде што ќе разменуваат идеи со крајна цел да го одржиме отворено прашањето за Македонците со потекло од Егејскиот дел од Македонија и да ја вратиме и оживееме кај младите националната свест, изјави Лукровски.

Брнабиќ: Србија по литиумот ќе биде како Норвешка по откривањето на нафтата

Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека „отсекогаш“ верувала дека експлоатацијата на наоѓалиштата на литиум е добра за Србија и дека ќе „донесе многу добро“ не само за Лозница и Крупањ, туку и за цела Србија.

„Не можеме да замислиме колку пари би останале (од литиум). Тоа е буквално паралела со Норвешка пред и по (откривањето на) нафтата. Тоа е Србија пред и по литиум“, рече Брнабиќ во изјава за новинарите по посетата на градинка во Ваљево.

За време на нејзиниот мандат како премиер, Брнабиќ ја укина Уредбата за просторен план за подрачја за посебни намени за преработка на минералот „јадарит“, кој содржи литиум и бор, и изјави дека на Рио Тинто му е „ставена точка“.

Брнабиќ денеска изјави дека за ископување на литиум е потребен дијалог и дека се надева дека во пошироката дебата тоа ќе го поддржат мнозинството граѓани.

притисни ентер