Митева: СДСМ нема пари кои се наменети за народот, СДСМ зема пари од народот

Власта на чело со Ковачевски дала согласност за тарифникот на Катастар со кој се предвидува поскапување на услугите.

Почитувани,

Власта на СДСМ е надвор од реалноста и од страдањата на овој народ кој едвај врзува крај со крај. Со тарифникот на Агенцијата за катастар на недвижности власта се обидува да ја спаси институцијата од банкрот. Сите информации со кои располагаме говорат дека поради недомаќинското работење на Катастарот истиот е доведен до состојба да не се знае дали ќе може да обезбедат плати за вработените. Со ваквиот тарифник сосема е јасно дека во голема мера се доведува во прашање рентабилноста и опстојувањето на Агенцијата за катастар на недвижности. Дали власта со ова енормно поскапување на услугите сака да го спаси Катастар од банкрот? Дали ова ќе биде уште една институција во низа која ја претворија во загубар?

СДСМ преку соопштенија се обидува да ја сокрие реалноста нарекувајќи ги фалични калкулациите и понижувајќи ги граѓаните. Единствено фалична и манипулативна е реакцијата на СДСМ, а вистината е дека изминативе 5 години потрошија 50 милиони евра од Буџетот на катастарот и уште 10 милиони евра донации, а нема никакви реформи, напротив само нефункционалност на системот и поскапувања кои со СДСМ на власт станаа секојдневие.

Имено, ако досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552 денари, или

-ако правото на упис на стан досега чинеше 300 денари, сега е 1200 денари, или

-ако имотен лист чинеше 180 денари, сега е 250 денари.

Ова почитувани, е листа на која се вметнати најчестите производи кои се користени од граѓаните и од нив може точно да се види за колкаво поскапување станува збор.

Токму власта на чело со Ковачевски дала согласност на седница на Влада за одобрување на овој Тарифник со кој се предвидува енормно поскапување на услугите. Оваа влада и Ковачевски очигледно имаат проблем со реалноста. Македонија е пред економски и социјален колапс поради лошите политики на нивната влада.

СДСМ нема пари кои се наменети за народот, СДСМ зема пари од народот.

Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Тухел: Пласманот на табелата не е важен во дербито со Борусија

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел не смета дека дербито против Борусија Дортмунд ќе биде помалку интересно поради пласманот на двата тима во Бундеслигата.

Обично тоа е директен судир во борбата за титулата, но реалноста сега е поинаква. Шампионите заостануваат 10 бода зад лидерот Баер Леверкузен, а тимот од Вестфален е четврти.

- Пласманот е таков каков што е. Но, ние имаме шанса да го освоиме „Der Klassiker“. Станува збор за емотивен натпревар кој е историски за Бундеслигата и спротиставува два големи ривали. Значи нема разлика од претходните сезони, истакна Тухел.

На дуелот на „Алијанц Арена“ домаќините ќе бидат без капитенот Мануел Нојер, кој се уште чувствува болки од повреда. Александер Павловиќ, Рафаел Гереиро и Саша Бои исто така се аут од истата причина. Сепак, Хари Кејн се враќа и ќе игра откако пред неколку дена ги пропушти пријателските дуели во Англија поради повреда.

- Во лицето на Дортмунд очекувам противник кој ќе сака да не победи. Борусија е силна во нападот, а генерално играчите претпочитаат да ја контролираат топката. Ќе биде отворен натпревар. Инаку, нашето расположение е одлично, бидејќи во последно време сме убедливи и во нападот, мирен е Тухел.

Тој одби да ги коментира информациите дека Чаби Алонсо одлучил да остане во Баер Леверкузен и следната сезона. Шпанецот беше меѓу имињата кои се поврзуваа за наследник на Тухел во Минхен.

-Не сум сигурен дека сум вистинската личност за прашањето. Ова е одлука на Чаби, прашајте го него, изјави тој.

Еден од главните шефови на Камора се согласил да соработува со властите по четврт век во затвор

По повеќе од 25 години затвор и одбивање да зборува, еден од главните шефови на италијанската комора, Франческо Скијавоне, одлучи да соработува со обвинителството, објавија италијанските медиуми, пренесе Бета.

Истражните органи се надеваат дека ќе добијат повеќе информации за Камора и нејзината можна поврзаност со италијанската политичка сцена.

Седумдесетгодишниот Скијавоне бил еден од основачите и „кум“ на кланот Камора „Касалези“ во провинцијата Касерта во близина на Неапол.

Пред неколку недели, како што јави ДПА, тој воспоставил контакт со антимафијашките служби.

Двајца од неговите синови соработуваат со властите од 2018 и 2021 година, а уште двајца се во затвор.

Камора е една од најозлогласените мафијашки организации во светот, а нејзиното родно место се јужните италијански провинции Казерта и Неапол.

САД ја обвинија Русија за ширење дезинформации околу терористичкиот напад во Москва

САД ја обвинија Русија за дезинформации околу терористичкиот напад во концертната хала „Крокус сити хол“ минатата недела во кој загинаа 143 лица.

Од Стејт департментот изјавија дека Москва ја користи оваа трагедија за да ја оправда својата агресија против Украина.

- Мислам дека руската влада води пропаганда и дезинформација. Мислам дека сосем очигледно тие се обидуваат да го искористат овој терористички чин, овој трагичен инцидент во кој, за жал, загинаа руски граѓани за да се оправда нивната агресија во Украина, рече Милер.

Тој укажа дека Москва „не дава значање на основните факти, се измислуваат факти за да се поддржи тоа што тие сакаат да го направат“.

„Тоа е истото поведение од почетокот на војната, и за жал тие исто постапуваат и сега“, рече портпаролот на Стејт департментот.

притисни ентер