Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје

30 Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, се очекуваат клучни одлуки за иднината на организацијата.

Македонија и главниот град Скопје се домаќини на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ - САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.

Министерскиот состанок кој што се оджува во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ официјално ќе го отворат претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи и претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума. На отворениот дел од пленарната седница Извештај ќе поднесе генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.

На првиот ден предвидени се и два пропратни настани: Потпишување на заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација по кој ќе следи и адресирање на влијанието на климатските промени врз човековата безбедност во областа на ОБСЕ. Утре, ќе се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето - влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.

Акредитираните новинари ќе можат да ја проследат и завршна пленарна сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи, со претстваник на Малта која е следниот претседавач на Организацијата и генералната секретарка на ОБСЕ Шмид.

Министерскиот состанок започна вчера со неформалната вечера на поголемиот број министри, на која тема на разговор беше воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.

На неформалната вечера присуствуваа и државниот секретар на САД Ентони Блинкен и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, кои си заминуваа непосредно по вечерата. Тие се разминаа со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој во Скопје пристигна доцна синоќа.

Средба на Блинкен со Лавров не беше најавена, а и Борел пред доаѓањето изјави дека нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Лавров.

Блинкен во Скопје беше пречекан од премиерот Ковачевски, а имаше средба и со министерот за надворешни работи Османи. На двете средби првиот американски дипломат ја реафирмираше американската поддршка за членство на земјава во ЕУ, го истакна придонесот на земјава како НАТО-сојузник, а го поздрави и успешното претседавање со ОБСЕ.

-Морам да ви кажам колку сме благодарни на вашето претседавање со ОБСЕ во многу тежок период. Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки. Знам дека бевте подготвени да продолжите, но мило ми е што Малта ја преземе палката, рече Блинкен.

Тој нагласи дека САД силно ја поддржуваат нашата европска интеграција, работата за зајакнување на демократските институции, за поголема енергетска диверзификација во регионот и пошироко,.

-Во сето ова можете да сметате на САД како силен партнер и затоа една од причините поради кои сум тука оваа вечер не е само заради ОБСЕ туку и за Македонија и да покажам колку го цениме партнерството кое го имаме, нагласи Блинкен кој е првиот државен секретар на САД кој ја посетил земјава.

Борел пак на заедничката прес-конференција со Ковачевски порача дека Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје ќе биде добра прилика министерот за надворешни работи на Русија Лавров, да чуе директно од учесниците зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да пренесе дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија.

-Вашата одлука да дозволите Лавров да учествува е во согласност со нашата заедничка цел да го одржиме мултилатерализмот жив и Лавров треба повторно да слушне од сите зошто ја осудуваме Русија и зошто ја изолираме. Ова е добра прилика за него да чуе директно од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија. Тоа ќе биде навистина многу корисно од оваа гледна точка, рече Борел по средбата со премиерот Ковачевски.

Состанокот на ОБСЕ во Скопје решија да го бојкотираат Украина и земјите од Балтикот, поради присуството на Лавров. Ним синоќа им се придружи и Полска.

- Едноставно не можеме да го игнорираме фактот дека рускиот министер за надворешни работи ќе биде присутен на масата на организацијата која треба да гради мир и безбедност во Европа, рекол полскиот министер за надворешни работи Шимон Шинковски вел Сек.

Министерскиот совет во Скопје ќе го означи крајот на едногодишното претседавање на Македонија со ОБСЕ. Нов претседавач ќе биде Mалта откако во понеделникот беше постигнат компромис меѓу земјите-членки по ветото од Русија и Белорусија за Естонија.

Министрите за надворешни работи во Скопје ќе разговараат и за прашањето на буџетот на Организацијата, како и за мандатите на четворица високи функционери на ОБСЕ, вклучително и германската дипломатка Хелга Шмид како генерален секретар. Нивните мандати истекуваат на 4 декември, а се уште нема договор дали и кој ќе ги наследи, поради забелешките на Русија и Белорусија.

Министерскиот совет на ОБСЕ ќе го следат над 300 новинари од земјава и од странство. Поради одржувањето на министерскиот состанок, со одлука на Владата, вработените во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје вчера работеа до 12 часот, а денеска е неработен ден како за државната и јавната администрација, и за основните и средните училишта на подрачјето на главниот град. Дел од сообраќајниците низ градот по кои ќе минуваат странските делегации и денеска ќе бидат затворени за сообраќај.

Мицкоски во Вашингтон на вечера со Битов и Павловски

Во Вашингтон имав вечера и одлична средба со Devin Nunes , претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов - американски бизнисмен со македонско потекло

Во Вашингтон имав вечера и одлична средба со Devin Nunes , претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов - американски бизнисмен со македонско потекло, сопственик на повеќе мултимилионски компани, Марко Галина бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија и Крис Павловски сопственик на Rumble групацијата, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук.

Разговаравме за можноста за инвестиции во Македонија, за конкретни проекти од бенефит за граѓаните. Меѓу другото ги посочив напорите кои Владата ги дава за стабилизирање на економијата, рекордот кој го остваривме во привлекување на инвестиции во државата и поволностите кои се нудат. Воедно ја искористив можноста за лобирање за македонските интереси и позиции во однос на клучните прашања за нас. Станува збор за високо позиционирани луѓе во американското општество со можност за влијание на прашањата важни за нас, стои во објавата на премиерот Мицкоски.

ЕК за 30 јануари закажа старт на Стратешкиот дијалог за иднината на европската автоиндустрија

Европската комисија за 30 јануари најави започнување на Стратешки дијалог за европската автомобилска индустрија, на кој социјалните партнери и другите засегнати страни ќе разговараат за иднината и перспективите на овој индустриски сектор во ЕУ. 

- Оваа иницијатива ја нагласува посветеноста на Комисијата за заштита на иднината на автомобилскиот сектор, кој е витален за европскиот просперитет, а во исто време и ги унапредува нејзините климатски и пошироки општествени цели, се наведува во денешното соопштение на ЕК. Стратешкиот дијалог, чие одржување претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен го најави во обраќањето пред Европскиот парламент на 27 ноември минатата година, има за цел да ги ангажира индустриските играчи, социјалните партнери и засегнатите страни заеднички да ги согледаат предизвиците, да изнајдат решенија и да преземат конкретни активности.

Со Стратешкиот дијалог ќе претседава Фон дер Лајен и тој ќе се состои од редовни состаноци на кои ќе учествуваат претставници на автоиндустријата, социјалните партнери, еврокомесари и други засегнати страни, вклучително и граѓанското општество, а во целиот процес најавено е учество и на Советот на ЕУ и Европскиот парламент.

Клучните точки за дискусија ќе ги вклучуваат иновациите, чистата транзиција и декарбонизацијата, конкурентноста и издржливоста, трговски односи и меѓународните „еднакви правила за игра“ и регулаторното рационализирање и оптимизацијата на процесите, се наведува во соопштението.

Комисијата потенцира дека ја препознава итната потреба за акција за заштита на европската автомобилска индустрија и за овозможување на нејзина иднина во рамките на Европската унија.

- Европската комисија е посветена да работи со сите засегнати страни за да обезбеди долгорочна конкурентност, одржливост и издржливост на европската автомобилска индустрија. Стратешкиот дијалог е клучен чекор кон постигнување на оваа цел, се додава во соопштението,

Во автомобилската индустрија во ЕУ се вработени над 13 милиони лица и таа придонесува со речиси седум отсто во вкупниот БДП на блокот. Во последниве години оваа индустрија се соочува со значителна трансформација, како резултат на процесите на дигитализација, мерките за декарбонизација, зголемената глобална конкуренција и нестабилниот геополитички пејзаж.

Целта на Стратешки дијалог е токму соочувањето со овие предизвици и изнаоѓањето начини за усогласување и имплементирање на решенија што ќе ја одржат глобалната позиција на европската автомобилска индустрија. с

Дачиќ: Полицијата спречи хрватска државјанка насилно да влезе во зградата на претседателството

Припадниците на полицијата денеска спречија хрватска државјанка насилно да влезе во зградата на Претседателството на Србија во Белград.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека тоа се случило околу 10 часот и оти жената им се заканувала и ги навредувала полицајците, Србија и функционерите.

- Таа е донесена во службените простории на Полициската станица Стари Град и против неа ќе биде поднесена соодветна пријава во соработка со надлежното обвинителство, наведе Дачиќ.

притисни ентер