Министерот Филипче ќе одржи состанок со Комисијата за заразни болести

Целта на состанокот, како што се посочува, е заедничка координација за делување во општините кои се детектирани како жаришта на коронавирусот.

Министерството за здравство соопшти дека денеска во 13 часот, министерот за здравство Венко Филипче ќе одржи состанок со членовите на Комисијата за заразни болести, претставници на локални Центри за јавно здравје и претставници на Министерството за внатрешни работи.

Целта на состанокот, како што се посочува, е заедничка координација за делување во општините кои се детектирани како жаришта на коронавирусот.

На состанокот ќе се дискутира за начинот и ефективноста на спроведување на актуелните мерки на терен, како и организација и спроведување на можни дополнителни мерки. Анализите и заклучоците од состанокот ќе се достават како предлози до Владата и Кризниот штаб за утврдување на следните чекори на делување, стои во соопштението.

Села со жесток одговор за најава за коалиција СДСМ – ВМРО ДПМНЕ

Лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села, ја вознемира јавноста со најавата дека ќе се формира т.н. албанска влада, доколку се остварат заложбите за влада на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за одбрана од уцената на ДУИ за премиер Албанец..

Политички идеи или повик за уривање на уставниот поредок? Лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села ја вознемири јавноста со најавата дека ќе се формира т.н. албанска влада доколку се остварат заложбите за влада на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за одбрана од уцената на ДУИ за премиер Албанец.

Ваквиот став Села, освен од говорницата во Струга, го бранеше и денеска - велејќи дека изјавите на Заев и Мицкоски ги елиминираат Албанците од системот.

„Се обратив со прашање до Заев и Мицкоски: Дали сте свесни дека со такви идеи ги исклучувате Албанците од системот?Една нивна реакција може да предизвика неколку реакции а мислам дека законите од Њутн уште се важечки, нели – а тоа важи и во политиката. Ако вие направите влада само со македонски партии, тоа значи дека ние ќе треба да правиме албанска влада.“, изјави Зијадин Села претседател на Алијанса на Албанците.

Од Обвинителството за Канал 5 велат дека ја следат состојбата и доколку утврдат кривични елементи ќе постапат по нив. Во конкретниот случај такво нешто засега обвинителите не гледаат.

Во обвинителството неодамна беше формирана и Комисија за следење на изборни нерегуларности која засега не регистрирала сериозни прекршувања во активностите на партиите. Поднесени се само три претставки и се однесуваат на учеството на децата во предизборните активности.

Се вжештува атмосферата на терен во пресрет на 15-ти јули

На речиси половина пат до одржување на изборите партиите ги заоструваа меѓусебните провокации. 

Покрај секојдневните објавувања на т.н бомби, прозивки и обвинувања за криминали, изборната кампања продолжува традиционално и со уништување на партиските рекламни материјали. Мета на вандализам беа билбордот и партиските плакати во Македонска Каменица на носителот на ИЕ3 од СДСМ Љупчо Николовски.

“А мене срцето ми кажува дека кој и да го вандализирал моето име и лице на овој начин, не знаел за ништо подобро. Никој не му покажал поарно и почовечно. Затоа и му простувам”....напиша помеѓу другото Николовски во својата реакција на Фејсбук.

Но и Алијанса за Албанците на Села се соочува со уништени изборни плакати низ Скопје.Затоа пак се поставува прашањето – дали втората половина од изборната кампања ќе ги разгори провокациите?

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Канал 5 вели негативната кампања стана карактеристика во земјава. Темпото на провокации, вели Арсовски, ќе се засили. Но сите средства што ги користат партиите во борба за глас повеќе на свое конто, смета дека нема да имаат ефект кај неопределените гласачи.

Сите чинови на вандализам се пријавени во полиција која треба да ги открие сторителите. Оваа глетка е вообичаена во скоро секој изборен процес во земјава кога се забележуваат испишани политички пораки на штабови, демолирани партиски канцеларии и уништени билборди.

Филипче: Според евиденцијата на ДСЗИ околу 5.000 лица се во изолација на домашно лекување и можат да гласаат на изборите

Ние дадовме списоци на здравствени работници. По тројца во општина ќе бидат опредлени од ДИК за да го спроведат заедно со одборите ова гласање. 

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека според евиденцијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) нешто помалку од 5.000 луѓе се во изолација на домашно лекување, кои доколку сакаат да гласаат на предвремените парламентарни избори на 15 јули треба да се пријават на веб-страната на Државната изборна комисија (ДИК).

– Ние дадовме списоци на здравствени работници. По тројца во општина ќе бидат опредлени од ДИК за да го спроведат заедно со одборите ова гласање. Не известија од ДИК дека планираат симулација на процесот на денот на гласање во среда или четврток со членови на избирачки одбори, со претставници на набљудувачи од партиите како тоа би изгледало со сите заштитни превентивни средства согласно протоколот којшто го дадовме. Секако дека претставници на Комсијата за заразни болести биле на таа симулација, рече Филипче.

Согласно ревидираниот Роковник на ДИК рокот за пријавување на лицата со Ковид-19 и во самоизолација за гласање истекува на 8 јули на полноќ. Гласањето за оние што ќе се пријават ќе се одвива на 13 јули, а гласањето ќе го спроведат здравствени избирачки одбори односно Посебни избирачки одбори во кои членови се тројца здравствени работници и претставници на политичките партии. Лицата кои ќе добијат позитивен тест за Ковид-19 и ќе им биде дадено решение за самоизолација од 8 до 13 јули нема да можат да се пријават и да гласаат на парламентарните избори.

притисни ентер