Англискиот бенд има издадено девет албуми од формирањето во 1988 година, од кои седум го достигнаа првото место на топ листите, вклучувајќи ја и нивната најнова Балада за Дарен, која ја виде светлината на денот по осумгодишна пауза. Но, се чини дека нивните хитови не резонираа со публиката на светски познатиот фестивал Коачела, кој се одржа викендов во клубот Empire Polo во Индио, Калифорнија.
За време на саботниот слот, Blur изведе голем број од нивните хитови, вклучувајќи ги Song 2, Beetlebum и Tender. Додека бендот го свиреше својот голем хит Girls & Boys од 1994 година, водечкиот пејач Дејмон Албарн се обиде да ја поттикне публиката да пее заедно со рефренот, велејќи: „Ве молам, ми треба вашето учество“.
На видеата споделени на социјалните мрежи, тој може да се види неколку пати како се обидува да ги ангажира посетителите на концертот велејќи им „можете да го направите тоа и подобро“, но неговите напори наидоа на мал одзив кај претежно помладата толпа на која не им беше грижа за бендот кој имаше денови на најголема слава во 90-тите и раните двеилјадити. Сето тоа многу го фрустрирало пејачот, кој им рекол: „Никогаш повеќе нема да нѐ видите, па може и да ја пеете“.
Облечен во бел костум и црна маица во комбинација со црни очила за сонце, Албарн беше пред бендот во кој беа и гитаристот Греам Коксон, басистот Алекс Џејмс и тапанарот Дејв Роунтри.
Blur имаат издадено вкупно девет албуми, вклучувајќи ги Parklife од 1994 година, The Great Escape од 1995 година, Blur од 1997 година, 13 од 1999 година, Think Tank од 2003 година и The Magic Whip од 2015 година - сите стигнаа до број еден на топ листите. Групата е една од најважните во пионерскиот жанр Бритпоп, во кој жестоко се натпреваруваше со ривалите Oasis на музичките топ листи низ годините.
Тие направија пауза по турнејата Magic Whip во 2015 година, но се вратија минатата година со нивниот прв албум по осум години, The Ballad Of Darren, кој се искачи на првото место на музичките топ листи.