На затворениот дел за време на првата сесија од состанокот вчера во Вашингтон тој ги ставил на маса македонско-грчките односи и го повторил официјалниот став, дека со прекршувањето на Преспанскиот договор не само што се поткопувал кредибилитетот на сите напори за решавање на отворените прашања на Западен Балкан, туку со таквите потези била загрозена и безбедноста во поширокиот регион.
„ Поради оваа причина, ние не ги ратификувавме протоколите што произлегуваат од договорот, ниту ќе го направиме, доколку соседната земја не ги почитува обврските што ги презеде. Сепак, очигледно е дека напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори и сè додека нашите соседи не го сфатат тоа, нивната европска перспектива ќе остане затворена. “-Павлос Маринакис – портпарол на владата на Грција.
Освен официјална Атина, големо внимание на употребата на државното име посветија и грчките медиуми, кои нотираат дека македонскиот премиер Мицкоски во американската престолнина во неколку наврати кажа Македонија без придавката „северна“.
Досега средба меѓу двајцата премиери не се одржа, а по работниот состанок синоќа, Мицкоски во видео обраќање кажа дека на маргините на самитот се сретнал со низа други негови колеги, меѓу кои и премиерите на соседна Бугарија и Албанија, Главчев и Рама со кои разговарале за добрососедските односи.
-Помина времето на свиткани кичми, помина времето на корумпирани политичари кои што доаѓаат од Македонија и политичари кои што се подготвени од името да ја заштитат својата корупција и криминал и да направат буквално се. Да потпишат се, да го прифатат секое понижување кое ќе им биде понудено на маса само да го заштитат својот криминал. Тоа време е веќе историја и минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството е двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме.-Христијан Мицкоски – премиер на Македонија.
Дека разговарале за релаксирање на односите потврди и бугарскиот премиер, кој рече дека Бугарија и Македонија се повеќе од соседи. Треба добрососедствто да се врати на нивото од 2017та година кога беше потпишан договорот меѓу двете држави, порача Главчев.
-Jaс со него најмногу разговарав за волја на вистината. На исто мислење бевме дека треба да се намали тензијата во говорењето. Меѓу граѓаните, меѓу народите на двете соседни земји нема тензии и политичарите ако не помагаат да се развиваат подобро односите, барем да не пречат.-Димитар Главчев – премиер на Бугарија.
Покрај неколкуте настани во рамки на самитот, синоќа лидерите од земјите-членки на НАТО беа и на заедничка вечера во Белата куќа организирана од претседателот на САД Бајден.