Мицкоски: Бараме датум и преговори со ЕУ веднаш, без условување

-На денот на Европа, бараме Европа да го испорача тоа што го вети. 

Датум и преговори веднаш, без условувања и чепкање во националниот идентитет, побара претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски на средбата со прилепчани на Могилата на непобедените и Паркот на револуцијата во Прилеп.

Мицкоски побара од членките на Енијата тоа да се случи уште на јунскиот европски самит, а паралелно да течат разговорите со источниот сосед.

-На денот на Европа, бараме Европа да го испорача тоа што го вети. Тоа е: датум и преговори веднаш и сега, без дополнителни услови, без дополнителни барања од овој мал народ во срцето на Балканот, кој има чесни луѓе и заслужува да го почне патот кон полноправно членство во Европската Унија. Доста е со политичари лажливци, криминалци. Овој народ заслужува Македонија да седне со сите држави кои се дел од европското семејство, овој народ заслужува да ги споделува европските вредности. Престанете со дополнителни услови. Преговори сега и веднаш, а паралелно со преговорите, нека течат разговорите со источниот сосед. Тоа е формулата за успех и тоа треба да се случи уште на самитот на крајот на јуни. Тоа е едногласна порака од која нема да отстапиме. ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ не се подготвени да отстапат ниту една национална концесија. Сакаме да споделуваме европски вредности во сите сфери, но престанете да чепкате во националната супстанца на овој народ, изјави Мицкоски.

Обраќајќи им се на граѓаните во Паркот на револуцијата во Прилеп, Мицкоски рече дека Македонија денес го живее најтешкото време со лошо образование, испуштени од работа, со задоцнето вакцинирање на населението.

-Образованието е уништено, борбата за образование без учебници е борба за милиони евра во џебовите на овие од власта. Борбата за нов клинички центар не е борба за здравјето на граѓаните, туку да потрошат над пола милијарда евра, скапо заработени пари на граѓаните, водејќи се од студија скромно напишана од 35 страни. Кога цел свет се бореше да обезбеди вакцини, нашата влада, нашиот министер, премиер се бореа што повеќе провизии да стават во сопствените џебови. Народот се бори за парче леб 60 000 наши сограѓани останаа без работа, бизнисот трпи несогледливи последици. На народот му треба надеж и визија. Домаќинско работење, наспроти недомаќинското и расипничко трошење, рече Мицкоски.

Според лидерот на опозициската партија, ова се решавачки мигови за нашата земја. Треба да се отфрлат стегите на бизнисот, а на народот да му се дадат визија и надеж.

-Каде ќе се одлучиме да загазиме подлабоко во мочуриштето или ќе направиме исчекор за оставање на калта зад нас. Ова е ново, но и поискусно ВМРО-ДПМНЕ. Мора да се стави забрана за занимавање со политика на политичари за кои било докажано дека погрешиле со криминал, или се амнестирани поради криминал. Мора да се бориме силно против корумпирањето на секоја слободна педа. Мора да се забрза европскиот пат преку разумна политика која ќе носи резултати, да му се објасни на народот што можеме, до каде ќе одиме и што ќе направиме. Мора да се врати достоинството на човекот во здравството, мора да се реорганизира државата на домаќински принципи. Доста беше живеење на бизнисот во стеги, закани, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицкоски при денешната средба со граѓаните во Паркот на Револуцијата во Прилеп.

Политички профил со кандидатката за претседателка – Гордана Силјановска Давкова

Во централните вести во 18 часот денеска ќе го емитуваме профилот на Гордана Силјановска Давкова.

Во продолжение дел од профилот.

Повици за единство до опозицијата повторно испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повторно со повик за обединување до македонската опозиција. 

По митингот во Охрид, вчера и од Крива Паланка, се обрати до дел од опозициските партии ЗНАМ и Левица и ги повика на национално единство за борба против СДСМ и ДУИ. Прифаќањето на подадената рака, според него, ќе значи искрена и чесна борба за иднината на Македонија.

- Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, потенцираше Мицкоски.

Повиците на Мицкоски за македонско единство ги искоментира и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски на синоќешниот митинг во Струга. Според него на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, за да оди напред, наместо за мораториум.

- Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што треба да ја донесете на овие избори, изјави Ковачевски.

Претходно, лидерот на ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитриевски изјави дека позитивно гледа на повикот од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но вели, можни разговори за идна влада ќе бидат условени со дефинирани црвени линии за Македонија. Димитриевски повтори дека не планира да коалицира со СДСМ.

Сепак, дел од аналитичарите во понудите за национално единство гледаат политички пинг понг на митинзи и предизборна реторика за глас повеќе, отколку за некаква заедничка стратегија по изборите.

- Повеќе сум склон да верувам дека сегашната реторика и повиците за обединување и одговорите од партиите се дел од предизборната реторика. Ние сме во период со високи емоции, со потреба за освојување на глас повеќе и тоа треба да се гледа низ таа призма. Точно е во политичка смисла дека после изборите ќе треба поголемите партии да седнат и да направат некаква заедничка визија, не само за уставните измени и патот кон ЕУ, туку и за оние проблеми кои долго ја мачат државата. Криминал и корупција, здравство, образование... тоа се проблеми кои надминуваат еден мандат и не може само една партија да ги реши. Но, не верувам дека сега партиите одбивањето или прифаќањето за понудите за национален консензус се предмет на некој поопсежна политичка анализа, оценува Петар Арсовски за Канал 5.

Во меѓувреме партиите продолжуваат со презентација на изборните програми. Во истовреме продолжува и кампањата за претседателските избори на неполна недела до првиот круг за избор на шеф на државата.

Тошковски: Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија, обрасците се во магацинот на МВР

Изјава на министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски.

Тошковски вели дека 30.000 обрасци за патни исправи се пристигнати и дека се наоѓаат во магацинот на МВР. Тој додаде дека Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија за да ги види обрасците.

Министерот за проблемот со долгото чекање за издавање на пасоши го обвини претходниот менаџмент на МВР, бидејќи, како што вели, не успеале да набават дополнителни машини за печатење.

притисни ентер