МФ: Деветта еврообврзница во износ од 600 милиони евра за отплата на стари долгови

​Република Македонија денес ја издаде деветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра, која ќе се искористи исклучиво за финансирање на обврските по основ на стари долгови, кои доспеваат за отплата годинава.

По основ на главница и камата, за сервисирање на стари долгови кон надворешни кредитори, годинава треба да исплатиме 594 милиони евра за главница како и 138 милиона евра за камати. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година, и за која само во оваа година треба да се исплати износ од 450 милиони евра , со камата од дополнителни 25 милиони евра.

Поради доспеаните обврски, деветтата еврообврзница е издадена и покрај затегнатите услови на меѓународните пазари на капитал, за што сведочи и повеќекратното зголемување на референтните каматни стапки од големите централни банки.

Купонската каматна стапка од 6,25% на годишно ниво, која денес е постигната, е пониска од пазарните каматни стапки на веќе издадените еврообврзници, со кои во моментов се тргува на меѓународните берзи. Таа е многу пониска и од каматните стапки, кои преовладуваа во последните месеци од овој период на енергетска криза, која сѐ уште трае, и кои се движеа над 8%.

Финансирањето на буџетскиот дефицит за годинава е обезбедено под уште поповолни услови преку Макро-финансиската помош на Европската комисија, Линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ и други меѓународни институции, како Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка.

Пристапот е, во услови на скапи финансиски пазари, да не се изврши задолжување за целиот одобрен износ до 800 милиони евра, туку само за износот за враќање на старите долгови. Рочноста на новата еврообврзница е само четири години, при што интенцијата е да се оди со пократок период на отплата (наместо, вообичаениот од седум години), за да се намали годишниот буџетски трошок за каматни плаќања.

Побарувачката за деветтата еврообврзница беше 2,5 пати поголема во однос на понудената сума, што ја потврдува довербата на инвеститорите во нашата економија и економски политики. Каматата на издадената еврообврзница е на исто ниво со каматата на еврообврзниците со слична рочност од држави-членки на Унијата (како Унгарија и Романија) и кандидати за членство во ЕУ (Србија), кои ги издадоа од почетокот на годинава. Иако овие земји имаат подобар кредитен рејтинг, постигнатата купонска каматна стапка е на приближно исто ниво со онаа на деветтата еврообврзница.

Ова е потврда на здравите фундаменти и макроекономски политики кои ги спроведува Владата, како што беше наведено и од страна на ММФ при одобрувањето и прегледот на Линијата за претпазливост и ликвидност, а потврдено и преку макро-финансиската помош од Европската комисија, отворањето на скрининг процесот за почнување преговори за членство во ЕУ, како и посилната (од планираната) фискална консолидација и помалиот јавен долг во текот на 2022 година и во петгодишните проекции. Нашата заложба како Влада за внимателно управување со јавните финансии е преточена во современа законска регулатива, со носењето на новиот реформски Закон за буџети, со кои се поставуваат фискални правила, односно лимити за долгот и буџетскиот дефицит и Фискален совет како независно тело, кое ќе го надгледува неговото извршување.

Министерство за финансии

Петровска: Програмата „Наука за мир и безбедност“ ги охрабрува цивилните аспекти на науката

Програмата „Наука за мир и безбедност“ ги охрабрува цивилните аспекти на науката во служба на безбедноста.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, заедно со шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, Клаудио Палестини, го отвори Информативниот ден на НАТО програмата, на кој учествуваа експерти од НАТО предводени од Палестини, претставници на академската заедница во Македонија, како и невладиниот сектор.

Петровска посочи дека идејата на НАТО за развој на оваа програма е да ги охрабри невоените, односно како што рече, цивилните аспекти на науката во служба на науката и безбедноста базирана врз пристапот на почитување на човековите права.

Програмата, посочи таа, ги поврзува научниците, експертите, како и службениците на НАТО и нејзините партнерски земји, за да се справат со предизвиците преку научно истражување и размена на експертско знаење.

– Покрај гарантираната безбедност и можноста за домашните компании да настапат на НАТО пазарот, овде денес ќе бидат презентирани непрегледаните можности на научно вмрежување, меѓусебната поддршка во развојот на иновациите и технолошкиот напредок, како и размената на знаење. Во свет кој исклучително брзо се менува непходни ни се науката и разумот како темелни вредности и најмал заеднички содржател на компромисот, кој треба да го постигнат низа на општествени чинители, рече Петровска.

Шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, Клаудио Палестини, истакна дека по пристапувањето на земјава во Алијансата во 2020 година, 30 цивилни претставници ги имаат унапредено своите капацитети во справување со кипер одбраната.

– Македонија учествуваше во повеќе проекти, ние сме горди што претставниците од Центарот за управување со кризи дадоа свој придонес и ги унапредија своите одговори во корона вирусот. По нејзиното пристапување во НАТО во 2020 година имавме голем број обучувачи, односно 30 цивилни претставници коишто на еден начин ги унапредија своите капацитети во справување со кипер одбраната. Ние сме среќни што можеме да кажеме дека Македонија е наш сојузник и истражувачите имаат навистина простор и можност за растење во програмата, истакна Палестини.

Кривична пријава за тројца полициски службеници за „несовесно работење во службата”

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против три лица - полициски службеници до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против три лица - полициски службеници до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластување и припадници на затворската полиција за кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик.

Како што соопштуваат од МВР, кривичната пријава е поднесена против тројцата полициски службеници затоа што дозволиле да настане застареност на дисциплинска постапка која се водела против вработен во МВР кој бил осомничен за злосторничко здружување и присвојување добра под привремена заштита и културно наследство.

Полициските службеници во својство на членови на дисциплинска комисија несовесно постапиле во вршењето на своите должности и овластувања што пропуштиле во законски рок да ја спроведат дисциплинска постапка против вработен во СВР Струмица за кој била поднесена кривична пријава „Злосторничко здружување“ и „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство“ и му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Пијавените наместо навремено да постапат по иницијативата за утврдување на дисциплинска одговорност, расправата ја одржале дури по повеќе од една година по добиеното известување од страна на јавниот обвинител, со што дозволиле да настане апсолутна застареност за водење дисциплинска постапка, притоа постапувајќи спротивно на законите и подзаконските акти, наведуваат од МВР.

Пошумување на Глишички рид во Кавадарци

Пошумување на Глишички рид се реализираше денеска во близина на Кавадарци, акцијата беше во организација на кавадаречката локална  самоуправа, во соработка со еколошкото друштво ,,Еко - живот" и ученици од трите средни училишта во градот. 

Доне Илов, раководител на сектор за животна средина при Општината, рече дека шеста година по ред, се посадуваат садници на ерозивни подрачја.

- Пролетва ќе бидат продадени околу 2.5 илјади садници. Овојпат посадуваме багрем, додаде тој.

Претседателот на ,,Еко - живот", Роберто Паризов апелираше и други субјекти во општината, да се вклучат во вакви и слични еколошки акции.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека последниве години во Општина Кавадарци се реконструираше целата постоечка јавна зелена површина, но се подигнаа и нови, на повеќе локации, со вкупна површина од над 130.000 метри квадратни.

- По цели 60 години со целосен автоматски систем за наводнување и нови содржини, реконструиран е Градскиот парк Љупчо Шкартов. Кавадарчани добија и нов парк, Киро Крстев, изграден според сите светски стандарди и богат со урбана опрема и зеленило. Во паркот на револуцијата пак, никна нов Дендро парк, богат со разновидни видови на растенија.

Исто така и локалитетот 12 Ваташки младинци е целосно хортикултурно уреден, појасни тој.

Шеста година по ред, додаде, секоја пролет и есен се пошумуваат и околните ерозивни подрачја што го напаѓаат градот.

- Три години се пошумуваше на Журов дол во село Ваташа, во изминатите три години таму се посадија 40.000 садници од чемпрес и багрем. Изминатите две и оваа веќе трета година, се пошумува на локалитетот Глишички рид, каде беа посадени досега 15.000 садници. Во ова пролетно пошумување, ќе се посадат уште 2.500 садници на багрем, а на есен се планира помасовно садење од 5.000 садници, информираше Јанчев.

притисни ентер