Мемов: Соработката со ММФ може да придонесе во изноѓањето на решенија Фондот на ПИОМ

Директорот на Фондот  за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Никола Мемов денеска имаше средба со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе.

На состанокот стана збор за системот за пензиско осигурување, плановите за наредниот период и решенијата за подобро функционирање на истиот.

Шефот на Мисијата, Анет Кјобе рече дека во фокусот на нивното интересирање во оваа посета на земјата се плановите за наредната 2025 година, буџетот, среднорочната стратегија, како и интервенциите во пензискиот систем.

Директорот Мемов, ги запозна челновите на мисијата како функционира пензискиот систем и начинот на кој се врши усогласувањето на пензиите, а се задржа и на последната мерка на владата за зголемување на пензиите од 2500 денари сега и следната година кога ќе се исплати мартовската пензија. Тој рече дека во тек се повеќе активности за подобрување на функционалноста на Фондот, за што се работи и на проект со Светска банка.

Мемов потенцира дека во наредниот период ќе биде изготвена анализа за причините за дефицитот во буџетот на Фондот за исплата на пензиите, а до владата ќе бидат доставени краткорочни и среднорочни стратешки мерки за зголемување на приходите. Тој рече дека тоа е во функција на обезбедување на социјалната сигурност на корисниците на пензии, но и на сите осигуреници.

Шефот на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, Кјобе рече дека тие во извештајот што ќе го подготват во февруари следната година ќе ги дадат своите препораки и сугестии, меѓу кои и оние за пензискиот систем.

На крајот од средбата беше изразено задоволството од остварената средба и надеж дека соработката ќе биде на задоволство на двете страни, се наведува во сооштението.

Модни трендови: „Рециклирање“ облека и модни додатоци

Светски актуелната тема што ги диктира модните трендови оваа година е зачувување на природата. Веќе не е доволно, се вели, да се рециклира ѓубрето и да се користат хартиени чаши наместо пластични. 

За да се биде дел и од големата мода, треба да се потпрете на одржливи, еколошки практики. Затоа денес и дизајнерите рециклираат.

За сезоната есен/зима 2024 година, овие трендови вклучуваат создавање гардероба со користење стари материјали на нов начин и додатоци направени од неочекувани предмети...

Сѐ тоа беше претставено на еден од најголемите модни настани, насловен „Кој е следен“ (Who's Next), којшто слави 30-годишнина во Париз. Имено, „Порта де Версај“ двапати секоја година во француската престолнина пречекува дизајнери, уметници, стилисти и модни иноватори во оваа индустрија. Целта е разменување идеи и дефинирање на трендовите за следната сезона, во смисла - новитети, аксесоари, чевли, чанти, накит, кожни производи.

Многу од дизајнерите црпат инспирација од сопственото културно наследство - историја, традиции, митологија, урбани легенди, филмови, книги...

За сметка на „брзата мода“, каде што трендовите брзо се менуваат и покрај последиците за околината, сега има раст на „бавната мода“ - назад кон мајсторството и индивидуалноста на дизајнерот во однос на оригиналниот производ, објави порталот „24 часа“.

Но, и додатоците се еколошки. Дизајнерите ги покажаа своите дела направени од природни или рециклирани материјали. Во оваа категорија, и бугарскиот бренд за кожни производи „Мија“, на пр. остава свој белег и печат, претставувајќи индивидуален стил инспириран од минимализмот, архитектурата и геометријата. Кожните чанти можат да одат со облека од секоја сезона.

Подигнати и транспортирани приближно 50 кубни метри отпад по завршувањето на Скопскиот маратон

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на вчерашниот ден подигнале и транспортирале приближно 50 кубни метри отпад одложен на јавни и на сообраќајни површини по завршувањето на Скопскиот маратон 2024.

Како што соопштија денеска од ЈП Комунална хигиена-Скопје, отстранувањето на отпадот се одвивало во централното градско подрачје, на плоштадот Македонија, Кејот „13 Ноември“, улиците „Димитрија Чуповски“ и „11 Октомври“, како и на сите останати улици и булевари на патеката на маратонот, особено во реонот каде што беа поставени водните станици.

АХВ: Забранета за пиење водата во Гостивар поради зголемено присуство на манган

 По издадените наредби од инспектор за храна на АХВ, ЈКП „Комуналец”, постапило веднаш. 

Поради добиени позитивни лабораториски наоди за зголемено присуство на манган, над максимално дозволените концентрации согласно Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во петокот, издала забрана за користење на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар.

На јавното комунално претпријатие „Комуналец” кое стопанисуваа со водоводната мрежа во овој град, соопштија денеска од АХВ, наредено му е да ги извести граѓаните за забраната, односно дека водата во градскиот водовод не е безбедна за пиење и да обезбеди питка вода за пиење.

- По издадените наредби од инспектор за храна на АХВ, ЈКП „Комуналец”, постапило веднаш. Во саботата, земени се 4 мостри за бактериолошко и физичко - хемиско тестирање на водата од градскиот водовод, со акцент на присуство на манган, од различни локации, и од страна на инспекциските служби на АХВ и Институтот за јавно здравје Скопје и од Центар за јавно здравје Гостивар, чии резултати се уште не се добиени, се појаснува во соопштението од АХВ.

притисни ентер