Меѓународна потерница по Сашо Мијалков, реакции и барање одговорност

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по екс директорот на УБК Сашо Мијалков, кој од неделата е недостапен за полицијата. 

Тоа отвори многу дилеми и предизвика реакции од повеќе страни, како и барања за одговорност и истрага за евентуални пропусти од надлежните институции.

Претседателот Стево Пендаровски, вчера ги повика надлежните институции во најкус можен рок да спроведат истрага за целосно расветлување на случајот и доколку бидат констатирани какви било пропусти од страна на надлежните институции да биде преземена одговорност.

-Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција, потенцира претседателот Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања по сведочењето во случајот „Титаник", вчера рече дека е разочаран што Сашо Мијалков се уште не е пронајден и не е однесен во куќен притвор, но дека очекува детали од сите надлежни институции за овој случај и ако некаде биле констатирани пропусти ќе се бара одговорност.

– Очекувам детални информации и истрага за самиот случај од судот, јавното обвинителство и од МВР. Нашиот народ очекува целосно расветлување на ваквиот случај и понесување одговорност ако не се спроведе судското решение за ставање во притвор на лице за кое се очекува да се донесе пресуда за еден од најважните случаи во Република Македонија, за случајот со прислушувањето или таканаречен „Таргет-тврдина", рече премиерот Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара оставка од Владата, по веста дека полицијата не можела да го најде екс директорот на УБК, а потпретседателот на партијата Александар Николовски, вчера и даде 24 часа на Владата да го обезбеди Сашо Мијалков.

-Оливер Спасовски молчи, Радмила Шекеринска ја нема никаде, а Зоран Заев жали и ја префрла вината. Имаат 24 часа да го обезбедат бегалецот од правдата. 24 часа, Зоран Заев, Оливер Спасовски и останатите од Владата да го обезбедат бегалецот од правдата. Со Македонија владее крими – коалиција. И за тоа очекуваме во следните 24 часа да го обезбедат бегалецот од правдата, рече Николовски.

За бегството на Сашо Мијалков, реагираше и американскиот Стејт департмен, чиј портпарол за Гласот на Америка, вчера рече дека се свесни за овие извештаи, и дека ја следат ситуацијата одблизу.

За тоа зошто Обвинителството не побарало притвор во петокот, по завршување на рочиштето за „Таргет-Тврдина", шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал Вилма Русковска синоќа, рече дека постојат две причини.

– Првата е што немавме законска можност, затоа што обвинетиот Сашо Мијалков ги почитуваше превентивните мерки кои му беа определени од судот, а исто така редовно се јавуваше на сите рочишта. Втората, многу поважна, причина е тоа што, доколку во тој момент Обвинителството побараше притвор, можеше и ќе се протолкуваше како прејудицирање на пресудата, изјави Русковска.

Рускоска не сакаше да шпекулира каде е пропусот, но отфрли каква било одговорност на Обвинителството. Истакна дека за неа како обвинител и како човек е страшно што бегствата се повторуваат. Посочи дека во саботата после 12:30 часот на пладне, откако добила оперативна информација од нејзин личен извор дека е можно бегство на Мијалков, остварила контакт со министерот за внатрешни работи кој и рекол дека ќе ги провери сознанијата кои ги добила.

МВР вчера попладне објави меѓународна потерница против поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, откако тој од неделата попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството го донел Кривичниот суд.

Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Обинителството во завршните зборови за Таргет-Тврдина побара максимална казна за Сашо Мијалков, а пресудата треба да биде објавена в петок, на 26 февруари. /МИА.

Портокалова велосипедска тура, изложба на карикатури и холандски пазар на Деновите на Холандија

По повод националниот ден на Холандија – Денот на Кралот, Амбасадата заедно со своите партнери го отвори второто издание на „Денови на Холандија“ во Ист Гејт Мол во Скопје. 

Амбасадорот Дирк Јан Коп и извршниот директор на Ист Гејт Мол Игор Давков ги пречекаа посетителите со посебно искуство кое вклучуваше портокалова велосипедска тура, изложба на декорирани велосипеди, филмови во виртуелна реалност и холандски пазар.

Настанот започна со симболична портокалова велосипедска тура и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје во организација на Гоу грин – Биди зелен. Покрај автентичните холандски производи во понудата на холандскиот пазар беа вклучени и локални продукти произведени со холандска технологија.

Во рамките на отворањето амбасадорот Коп ги објави и победниците на регионалниот натпревар за карикатури организиран од холандското Министерство за надворешни работи и организацијата Картун мувмент. Независно жири составено од претставници од сите шест држави од Западен Балкан ја додели првата награда на Душан Перишиќ од Србија а втората награда на Арменд Ајредини од Македонија.

Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (19-21 април) од 12:00 до 18:00 часот. Изложбата на карикатури може да се посети до крајот на април.

Германската шефица на дипломатијата во кавга со Нетанјаху за снимките од пазарот во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се судрија за време на состанокот во Ерусалим околу хуманитарната помош за Појасот Газа, пренесоа германските медиуми.

Баербок и Нетанјаху се судрија околу тоа дали жителите на Појасот Газа имаат доволно храна на располагање. Нетанјаху ѝ покажа фотографии на Баербок, наводно од северниот дел на Газа, каде што се вели дека хуманитарната криза е најлоша, а на кои што се гледаат пазари преполни со овошје, зеленчук и други прехранбени производи.

Како одговор, Баербок на својот мобилен телефон покажа фотографии од прегладнети деца од Појасот Газа и рече дека фотографиите што ги покажал Нетанјаху не се вистинити.

Според израелската ТВ станица Канал 13, израелскиот премиер рекол: „Ние не сме нацисти“, алудирајќи на пропагандните филмови на националсоцијалистичкиот режим кои сугерираа изобилство и добри услови за живот во варшавското гето во 1942 година.

Нетанјаху рече дека фотографиите на кои се прикажани преполните пазари во Газа се од израелската државна канцеларија Когат, која е задолжена за контакти со Палестинците и хуманитарна помош. Германското Министерство за надворешни работи воздржано реагираше на медиумските написи и соопшти дека тие „не го одразуваат вистинскиот тон“ што преовладувал за време на разговорите.

Според овие информации, Баербок, која вчера престојувала во Израел за да укаже на лошата хуманитарна состојба во Појасот Газа и да се бори за поголема помош, не му замерила на Нетанјаху дека фотографиите што ги има се лажни, туку дека не одговараат на севкупна слика за состојбата на цивилите во Газа.

Митрески од Струга: Младите не смеат да бидат жртви на политичари без став и без визија

„Во Струга ги реновиравме буквално сите училишта и спортски сали и изградивме три нови сали. Го реконструиравме затворениот пливачки базен, тројно ја покачивме минималната плата. “

Ги дуплиравме странските инвестиции. Ги зголемивме пензиите за над 50%, ги покачивме платите во сите сектори. Но, тоа не е доволно. Поминавме и поминуваме сериозни економски последици од КОВИД кризата, но и од војната во Украина. Затоа ни е потребна ЕУ. За побрзо да ги донесеме европските стандарди дома“, порача Јован Митрески, носител на ИЕ 5 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија на вечерашниот собир во Струга.

Тој нагласи дека платите и пензиите ќе растат побрзо, инфраструктурно побрзо ќе се развиваме, туристичка сезона ќе има преку целата година, полесно ќе се развива езерскиот, планинскиот и руралниот туризам, само со поддршка на ЕУ.

Митрески додаде дека е лесно со шпекулаци да будиш најдлабоки чувства кај секој Македонец за мајчиниот македонски јазик, да зборуваш за македонскиот јазик како бугарски дијалект, а притоа да не гласаш за Договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ вклучувајќи ја и Бугарија.

„Лесно е само декларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш се за да не станеш дел од ЕУ. Лесно е, ама не е чесно на граѓаните да им ја крадеш иднината за мали, ситни, бедни политички поени и борба за власт. Не вреди борбата за власт ако се загрози иднината на државата. Државата мора да оди напред. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија кои освен за својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго“, нагласи Митрески и додаде дека изборот е или интеграција или изолација.

Тој ги повика стружани да се обединат и да не дозволат да се вратат оние кои ја доведоа Македонија до бездна и од неа направија заробена држава.

„Да застанеме сите обединето и сложно зад планот за европска Македонија. Да застанаме сите обединето и сложно зад бројот 1.Заедно и сложно да постигнеме уште една победа за европска Македонија“,се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер