Дали идејата на ДУИ за Албанец премиер е реално остварлива или трик и популизам на Ахмети за подобра позиција на коалициското столче на власт?
Желбата на политичарите е едно, но реалните шанси ДУИ да добие мандат се речиси невозможни, вели политичкиот аналитичар Насер Зибери. На кампањата на ДУИ и повикот на Ахмети за обединување на албанските гласачи и остварување на сонот за Албанец премиер, Зибери гледа единствено предизборно купување гласови во отсуство на правен и политички капацитет.
Освен политичките калкулации за мандатар на Влада, во Уставот е јасно наведено како се седнува на премиерската фотеља. ТЕЛОП -Влада формира мандатар чија партија освоила најмногу гласови на изборите или преку коалицирање ќе направи мнозинство од 61 пратеник во Собранието. Според членот 90 од Уставот, претседателот е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Ако се знае дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се партиите кои освојуваат најмногу гласови, вели аналитичарот Зибери, тоа ја прави невозможна опцијата партијата на Ахмети да биде победник на изборите, но не се исклучува опцијата ДУИ да го постави како услов за да коалицира со двете партии.
Во меѓувреме, ДУИ ја продолжува кампањата за премиер Албанец. Пред билбордот поставен во центарот на Скопје за трета опција , функционерите на партијата држат прес-конференции со иста реторика. Вчера Меџити, денеска Адеми порача дека време е за премиер Албанец, а ваквото барање на ДУИ ќе остане и по изборите.
Ахмети во своето обраќање пред неколку денови прилично самоуверено изјави дека идејата е остварлива и за неа спремни се да жртвуваат се.
Експресно реагираа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, одбивајќи ја иницијативата на Ахмети. Лидерот на СДСМ Зоран Заев порача дека редно време е ДУИ да замине во опозизија ако има таков услов за коалиција доколку СДСМ победи на изборите.
И од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со став дека се знае како се бира премиер и каква е процедурата , а претседателот на партијата Мицкоски ќе биде кандидат за мандатар.
Иницијативата на ДУИ предизвика реакции и од албанските партии. За претседателот на ДПА Мендух Тачи, Ахмети е во мртов агол, а идејата е тешка манипулација.
Слична предизборна реторика за премиер или претседател Албанец слушавме и во минатото оценува аналитичарот Зибери, но се покажа дека не може да направи пресврт во изборниот резултат.