Полицијата верува дека 18-годишникот, вооружен со автоматска пушка, дејствувал сам.
ФБИ во меѓувреме соопшти дека неговиот чин ќе биде истражен како злосторство од омраза и „расно мотивиран насилен екстремизам“.
Единаесет од 13-те убиени или ранети се Афроамериканци, а супермаркетот Топс се наоѓа во населба доминантно со црно население.
Осомничениот, чие име полицијата не го соопшти, не е од Бафало, туку до таму „возел со часови“.
Меѓутоа, американските медиуми, повикувајќи се на неофицијални полициски извори, објавија дека напаѓачот се викал Пејтон Гендрон и дека потекнува од Конклин, мал град во државата Њујорк, приближно 300 километри јужно од Бафало.
Своето злосторство го пренесувал директно на интернет сервисот Твич преку камера што ја поставил на кацигата. Тој бил тешко вооружен, во воена опрема и со панцир, соопшти полицијата.
Кога полицијата го опколила во лобито на супермаркетот, прво си ставил пиштол на вратот, но полицајците сепак го убедиле да го фрли оружјето и да се предаде, изјави на прес-конференција началникот на полицијата Џозеф Грамаглиа.
Како што пренесуваат американските медиуми, тој убил четири лица на паркингот, а потоа се судрил со обезбедувањето на супермаркет со кои во размена на оган го погодиле со куршум, но напаѓачот бил заштитен со панцир. Чуварот подоцна бил смртно застрелан. Останатите жртви ги убил во супермаркетот.