Маричиќ:Судиите и обвинителите треба да уживаат највисок углед во општеството

Маричиќ се обрати на свечена церемонија за почетокот на обуката на слушатели на VII генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.

Денеска во свечената сала на Врховниот суд се одржа свечена церемонија за одбележување на почетокот на обуката за слушатели на VII генерација во Академијата за судии и јавни обвинители.

Во своето воведно обраќање, министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека Академијата за судии и јавни обвинители има обврска да преземе активности кои преку едукативниот процес ќе изгради независни и непристрасни судии и јавни обвинители, со фокус на нивните професионални вештини, интегритет, стручност, лична способност и социјални вештини.

Маричиќ истакна дека судиите и обвинителите треба да уживаат највисок углед во општеството, но и дека новата генерација на судии и обвинители треба да внесе нова енергија во правосудството и на дело да се докаже.

Задача на идните судии и обвинители е да се погрижат законот да важи еднакво за сите, истакна министерот Маричиќ, кој дополни дека „власта“ која им е доделена на судиите и јавните обвинители е тесно поврзана со вредностите правда, еднаквост, непристрасност, вистина и слобода и тие како носители на правосудната власт носат одлуки кои во голема мера ги засегаат животите на луѓето и овозможуваат нормално функционирање на општеството.

Секој судија и јавен обвинител поединечно би требало да стори се за да ја одржува судската независност на институционално и лично ниво, да имаат еднаква почит и третман на странките со избегнување на секаква пристрасност и дискриминација. Подеднакво важно, судиите и обвинителите треба активно да соработуваат со медиумите и редовно да ја информираат јавноста за случувањата, истакна Маричиќ.

„Општество со бестрашни обвинители и судии може да стави крај на корупцијата и организираниот криминал, може да го подобри угледот на државата надвор и да ги задржи младите во државата бидејќи ќе знаат дека правосудниот систем функционира, а државата работи за нив и во нивно име. Правдата е во ваши раце и направете граѓаните да видат дека се прави! И запаметете, кога еден ден ќе ја поминете целата Академија и ќе бидете избрани, секогаш носете пресуди во име на граѓаните и немојте тоа да го заборавите затоа што ним им служите. Храброст, транспарентност и етика нека зрачат од вас и вашата работa“, истакна Маричиќ.

Министерство за правда на РМ

Судењето за „насилството во Центар" продолжува на 28 септември

Судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година продолжува на 28 септември со завршни зборови на одбраната.

На денешното рочиште, завршни зборови дадоа Обвинителството и одбраната на обвинетите Никола Груевски и Александар Трајковски.

Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот Трајковски, во завршен збор пред Судот пушти неколку видеа од протестите на Шарената револуција пред канцеларијата на претседателот, од пред Собранието и Владата.

– Може да видите како се оштетува канцеларијата и зградите, како се навредуваат случајни минувачи и полицијата, но обвиненијата за сите се за учество во толпа, а не за насилство, изјави Страшевски.

Обвинителството, нагласи тој, не го докажа во ниту еден елемент делото насилство и барам да биде ослободен.

Обвинителката Фатиме Фетаи во завршен збор побара од Судот казните за поттикнувачите на насилствата пред Општина Центар, Никола Груевски и Миле Јанакиески да бидат најстроги за да се одвратат сите други од такви намери во иднина.

– Предлагам судот да ги прогласи виновни и да им изрече соодветни казни, а притоа да се има предвид и интензитетот на дејствијата. За поттикнувачите немам сомнеж дека треба да бидат најстроги за да се одвратат сите други од такви намери. Во однос на извршителите сите ги извршиле дејствијата, меѓутоа само за Игор Бошковски предлагам алтернативна казна поради интензитетот на неговите дејствија, изјави Фетаи.

Адвокатот по службена должност, на првообвинетиот Никола Груевски, рече дека целото дело се докажува само со еден разговор што е нелегално прибавен и го оспоруваме.

– Помилувањето за ова дело за Никола Груевски не може да се отповика. Таа постоела во моментот на покревање на ова обвинение и Судот не смеел да го прифати, изјави бранителот на Груевски.

Процесот го води судијата Душко Јосифовски.

Обвинителството на почетокот се откажа од гонење за лицата Даниела Рангелова, Милан Андонивски и Борче Богдановски. /МИА.

Спасовски: Интегритетот и опременоста на полициските службеници императив за системски реформи

Се насочивме примарно на генерално подобрување на материјално-техничките услови за работа токму на оние од коишто зависи спроведувањето на законите – полицијата, рече Спасовски.

На секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење, а интегритетот, опременоста, статусот на полицискиот службеник се императив без кој е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

При посетата на Полицискиот центар „Ѓорче Петров" Спасовски ги претстави досегашните активности за подобрување на материјално-техничките услови за работа на припадниците на полицијата од кои, како што потенцираше, зависи спроведувањето на законите и најави набавки на нови униформи, интервентни и теренски возила и друга опрема за полициските службеници.

Во годинaшниот буџет на МВР планирани се и течат постапки за набавка на нови униформи на Единицата за брзо распоредување, на ПЕП и на Единицата за интервентна полиција, на осум интервентни и на пет теренски возила, нови радио врски, зимски и летни чизми за секој полициски службеник, нова ски опрема, исто така набавка на пиштоли за трите единици на ОСП , а наскоро ќе започне и комплетно реновирање на павилјон во касарната „Ѓорче Петров" со донација од САД, рече Спасовски.

Министерот за внатрешни работи истакна дека во изминатите три години дејствувањето првично било фокусирано на решавање на фундаменталните проблеми како приоритет за натамошно функционирање на полицијата.

На стратешко ниво, како што рече, реформата на безбедносниот систем не беше прашање на избор, туку прашање на опстанок, силно изразена волја на јавноста за конечно да се воспостават норми и концепти кои ќе бидат и гаранција за етаблирање на принципите на владеење на правото во безбедноста.

-На оперативно ниво, пак, свесни за прилично незавидните материјално-технички, социјални, професионални прилики во коишто беше затекната полицијата, односно МВР, решивме да одиме дел по дел во надминување на постојните и создавање нови услови за нормално функционирање на полицискиот систем. Се насочивме примарно на генерално подобрување на материјално-техничките услови за работа токму на оние од коишто зависи спроведувањето на законите – полицијата, рече Спасовски.

Тој потсети дека во претходниот период од буџетот на МВР инвестирале над 100 милиони денари во материјално обезбедување опрема за униформираните полициски службеници од сите организациски единици, набавена е комплетна спортска опрема за припадниците на ЕБР и за ПЕП, заменети се 45 години старите возила во ПЕП со нови интервентни возила и набавена е опрема за јавен ред и мир.

-Делумно или целосно се реконструирани 50-ина објекти на Министерството во сите сектори за внатрешни работи со 140 милиони денари. Во тек е изградба на Центарот за санирање од катастрофи и обезбедување континуитет во работењето во Прилеп, а во напредна фаза е изградбата на зградата на крим-техничка со современа форензичка лабораторија со што ќе се влијае на брзината на постапки, рече Спасовски.

Тој најави и дека деновиве ќе започне монтажа на соларни системи за греење вода на сите објекти каде се сместени припадниците на ОСПО. Со ова, како што укажа, практично целосно ќе се заокружи нивниот проект давајќи јасно до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење и дека интегритетот, опременоста, статусот на полицискиот службеник се императив без којшто е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен.

Приведени петмина за оруженото разбојништво во стан во Тетово во август

Тетовската полиција приведе пет лица осомничени за оруженото разбојништво на 9 август, кога од стан во градот со закана со оружје одзеле пари, телефон и златен накит од 47-годишна жена и нејзината малолетна ќерка кои биле дома во моментот.

Петмината се приведени вчера, во периодот од 11 до 14 часот и 20 минути.

-Полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода: И.С.(20), А.Ш.(23), Џ.Ш.(18), А.О.(38) и 17-годишник, сите од Тетово поради основи на сомнение дека на 9 август годинава во 21 часот и 30 минути извршиле разбојништво во стан на улица „Маршал Тито" во Тетово над 47-годишната С.Б. и нејзината малолетна ќерка. Вчера, исто така, од 16 часот и 50 минути до 19 часот и 20 минути, со судска наредба, бил извршен претрес во куќата на А.Ш и Џ.Ш, при што била пронајдена марихуана, гасен пиштол, 2 боеви и 3 куршуми за гасен пиштол и 2 метални пендреци, информираат од СВР Тетово.

Петмината осомничени задржани се во полициската станица Тетово и во текот на денот со соодветен поднесок ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Тетово.

притисни ентер