Маричиќ од Брисел: Со пристапните преговори го отвораме внатрешниот пазар на ЕУ

Преговорите со ЕУ носат подобра заштита на потрошувачите, брендирање и подобро позиционирање на македонските компании на внатрешниот пазар на ЕУ.

Преговорите со ЕУ носат подобра заштита на потрошувачите, брендирање и подобро позиционирање на македонските компании на внатрешниот пазар на ЕУ, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на отворањето на денешниот билатерален скрининг за Поглавјето 7, „Право на интелектуална сопственост“.

Пред претставниците на Европската комисија, Маричиќ изрази надеж дека до крајот на оваа година ќе ја одржиме втората Меѓувладина конференција и ќе го отвориме кластерот „Фундаментални вредности“, со цел да напредуваме во процесот.

– Денес, имаме уште едно важно поглавје – Поглавје 7, „Право на интелектуална сопственост, област каде што постојано бевме поддржани од ЕУ во спроведувањето на реформите низ годините. Во однос на административната структура, Државниот завод за индустриска сопственост и Министерството за култура се главните административни столбови, додека клучни документи во областа се Законот за индустриска сопственост, Законот за авторско право и сродни права и Законот за царина и мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, рече Маричиќ.

Тој ја потенцираше важноста од понатамошно усогласување на нашето законодавство во областа на интелектуална сопственост и укажа дека Владата посветено работи на развој на Стратегијата за интелектуална сопственост во рамки на Националната стратегија за развој 2022-2042 година.

Што се однесува до потребата од целосно усогласување со Директивите на ЕУ, вицепремиерот ги посочи сите директиви кои досега ги имаме усвоено и ги најави сите тековни активности и предлог закони, како што е новиот Закон за деловни тајни којшто се очекува да биде усвоен до јуни годинава. Маричиќ ја информираше Европската комисија дека Мрежата за електронска размена на податоци е во завршна фаза и на тестирање.

– Развојот на оваа е-мрежа ќе овозможи размена на податоци за интелектуална сопственост помеѓу институциите во Македонија и ИРП – електронскиот систем за трговски марки, патенти и индустриски дизајни. Се очекува е-мрежата да биде оперативна до 2026 година, истакна Маричиќ.

Државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили посочи дека во изминатиот период Македонија работела на транспозиција на релевантното европско аки во нашето законодавство, како и на јакнење на административните и оперативните капацитети, во областа на правата од индустриска сопственост, но дека потребни се соодветни механизми, особено ефикасен капацитет за спроведување на политиките за право на интелектуална сопственост на национално ниво.

Во Брисел денеска започна билатерален скрининг состанок за Поглавје 7 на кој македонскиот преговарачки тим го претставува постигнатото и сè што е направено поврзано со правата на интелектуална сопственост, со што треба да овозможи подобра циркулација на стоки и услуги, како и забрзување на технолошкиот развој. Истиот ќе продолжи и утре, а до крајот на работната недела ќе се одржи и билатералниот состанок за Поглавјето 6, „Право за трговски друштва“.

На денешниот билатерален скрининг се презентираa теми поврзани со законодавството за правата на интелектуална сопственост, правилата за правна заштита на авторските и сродните права, како и посебните одредби кои се применуваат за заштита на бази на податоци, компјутерски програми итн.

Во состав на македонската делегација се претставници од Државниот завод за индустриска сопственост, Министерството за култура, Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот пазарен инспекторат и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Тајван изрази задоволство од долгоочекуваниот пакет помош од САД

Тајван изрази задоволство од пакетот помош одобрен од американскиот Конгрес, кој вклучува поддршка за островот со оружје, и покрај повиците на Кина до Вашингтон да престане да му продава оружје на Тајпеј.

САД се најважниот меѓународен поддржувач и снабдувач на оружје на Тајван и покрај недостигот на официјални дипломатски врски. Кина, која го гледа Тајван како своја територија, постојано бара да престане продажбата на оружје.

Американските сенатори одобрија со 79 „против“ и 18 гласа „против“ четирите предлог-закони усвоени од Претставничкиот дом во саботата, откако републиканските лидери во Претставничкиот дом ненадејно го сменија курсот минатата недела и гласаа за ослободување од 95 милијарди долари во главно воена помош за Украина, Израел и Тајван, како и за американски партнери во индо-пацифичкиот регион.

На состанокот со американските пратеници во посета на претседателската канцеларија во Тајпеј, тајванскиот претседател Цаи Инг-вен го одбележа усвојувањето на законите во текот на викендот. „Ние сме многу среќни што Сенатот ги усвои овие закони“, рече Цаи. /МИА

Штајнмаер во Анкара ќе се сретне со Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ќе се сретнат денеска во Анкара, јавија турските медиуми.

Штајнмаер оваа недела пристигна во посета на Турција на покана на Ердоган. Завчера тој беше во посета на Истанбул, а вчера беше во Газиантеп.

На средбата на двајцата шефови на држави во претседателската палата Бештепе денеска ќе бидат разгледани билатералните односи меѓу Турција и Германија во сите нивни аспекти и ќе се разговара за опциите за натамошен развој на соработката меѓу двете земји. Ќе се разговара за кризата во Појасот Газа и другите случувања на Блискиот Исток, војната меѓу Украина и Русија, односите меѓу Турција и Европската унија, како и други глобални и регионални прашања, соопшти Дирекцијата за комуникации на турското претседателство.

По билатералните разговори, претседателите ќе одржат заедничка прес-конференција.

Штајнмаер вчера го посети градот Газиантеп, кој беше погоден од разорните земјотреси во февруари. Тој се сретна со гувернерот на областа Кемал Чебер и со градоначалничката на градот Фатма Сахин, објави „Хуриет“. /МИА

Иран и Пакистан бараат СБ на ОН да преземе дејствија против Израел

 Иран и Пакистан го повикаа Советот за безбедност на Обединети нации да преземе акција против Израел, поради како што тврдат „незаконски“ ги нападнал соседните земји и дипломатските објекти.

- Признавајќи дека неодговорниот чин на силите на израелскиот режим претставува сериозна ескалација во и онака нестабилен регион, двете страни го повикаа СБ на ОН да го спречи авантуризмот на израелскиот режим во регионот и неговите незаконски дејствија за напад на соседите, се истакнува во заедничката изјава Иран и Пакистан.

Заедничката изјава е договорена за време на тридневната посета на иранскиот претседател Ебрахим Раиси на Пакистан во време на зголемени тензии во регионот на Блиски Исток. /МИА

притисни ентер